„Ако не се разбудиш, ќе дојдам како крадец и нема да знаеш во кој час ќе ти дојдам“ (Откровение 3,3). Христовото доаѓање ќе ги изненади лажните учители. Тие велат: „Мир и безбедност.“ Како и свештениците и учителите пред паѓањето на Ерусалим, тие се трудат Црквата да ужива земна благо-состојба и слава. Знаците на времето ги толкуваат произволно. Но што кажува речта на вдахновението: „Тогаш ненадејно ќе падне погибел врз нив“ (1. Солуњаните 5,3). Денот Господен ќе дојде како стапица за сите што живеат на земјата, на сите што од овој свет прават свој дом. Тој ќе дојде за нив како крадец што се притајува.

Светот, полн со буни, полн со безгрижни задоволства, спие, спие во телесна сигурност. Луѓето го одлагаат Господовото доаѓање. Им се подбиваат на опомените. Гордо се фалат: „Сè стои така како што е од почетокот на создавањето.“ „И утре ќе биде како и денеска, изобилство големо, преголемо“ (2. Петрово 3,4; Исаија 56,12). Уште повеќе ќе се нурнеме во љубовта кон задоволствата. Но Христос вели: „Внимавај, доаѓам како крадец“ (Откровение 16,15). Токму во времето кога светот со потсмев се прашува: „Каде е ветувањето за неговото доаѓање?“, знаците се исполнуваат. Додека викаат: Мир и безбедност“, доаѓ а ненадејно уништување. Кога подбивачот и оној што ја отфрла вистината ќе се возгордеат; кога начинот на работење во различните дејности за стекнување пари се спроведува без почитување на начелата; кога студентот копнее за знаење на сè друго само не на Библијата, Христос доаѓа како крадец.

На овој свет сè е во движење. Знаците на времето се кобни. Настаните што доаѓаат веќе ги покажуваат своите сенки. Божјиот Дух се повлекува од земјата и постојано се нижат несреќи на море и на копно. Се подигаат виори, земјотреси, пожари, поплави и убиства на секој чекор. Кој може да ја чита иднината? Каде е сигурноста? Нема сигурност во ништо што е човечко или земно. Луѓето бргу се редат под знамето што го избрале. Возбудено ги чекаат и ги набљудуваат сигналите на своите водачи. Има и такви кои чекаат, стражарат и работат за доаѓањето на нашиот Господ. Мал е бројот на оние што со срце и душа веруваат дека мораме да го избегнеме гробот, а да го задобиеме небото.

Постепено ни се притајува криза. Сонцето свети на небото, патувајќи по својата вообичаена патека, а небесата сè уште ја кажуваат Божјата слава. Луѓето сè уште јадат и пијат, садат и ѕидаат, се женат и се мажат. Трговците сè уште купуваат и продаваат. Луѓето меѓусебно се судираат во борбата за највисоки места. Поклониците на задоволствата сèуште се тискаат по театрите, на коњските трки и во коцкарниците. Насекаде преовладува најголемо восхитување, а часот на проверка бргу се завршува и секој случај набргу ќе биде решен за вечност. Сатаната гледа дека неговото време е кратко. Тој ги ставил во движење сите свои сили со цел луѓето да ги измами, да ги заведе, да ги задржи во својата служба и да ги занесе, додека денот на проверка не помине и вратата на милоста не се затвори засекогаш.

Опомената на нашиот Господ од Маслинската гора свечено допира низ сите векови до нас денеска: „Туку, вардете се, вашите срца да не бидат обременети со ненаситност, со пијанство и со грижи за животот, за да не ви дојде ненадејно тој ден.“ „Бдејте и молете се да имате сила да избегнете од сето тоа што ќе настане, и да застанете пред Синот човечки.“

Pin It on Pinterest