(продолжува од претходниот ден) Уверувањето, помешано со гнев, го навело Кајафа да го стори она што го сторил. Бил лут на самиот себе што им поверувал на Христовите зборови па, наместо да го искине своето срце и длабоко да ја доживее вистината, и да признае дека Исус е Месија, тој ја искинал својата свештеничка облека со решително противење. Овој чин имал длабоко значење. Кајафа не го насетувал тоа. Со овој чин, извршен за да се влијае врз судиите и да се издејствува Христова пресуда, првосвештеникот си пресудил самиот себеси. Според Божјиот закон бил исклучен од свештеничката служба. Самиот себеси си изрекол смртна пресуда.

Првосвештеникот не смеел да ја кине својата облека. Левитскиот закон го забранувал тоа под закана на смртна казна. Под никакви услови, во никакви околности, свештеникот не смеел да ја искине својата облека. Меѓу Евреите постоел обичај при смртта на некој пријател да ја искинат својата облека, но свештениците не смееле да го следат овој обичај. За ова Христос му издал на Мојсеја изрична заповед (3. Мојсеева 10,6).

Сè што носеле свештениците требало да биде цело и без никаква мана. Со тие сјајни свилени облеки е прикажан карактерот на големиот Пример, Исус Христос. Бог не можел да прифати ништо друго освен совршенство во облекувањето и однесувањето, во зборовите и во духот. Тој е свет и неговата слава и совршенство мора да бидат претставени во земната служба. Ништо, освен совршенство, не може правилно да ја претстави светоста на небесната служба. Смртниот човек може да го искине своето срце, покажувајќи скршен и понизен дух. Бог тоа го прифаќа. Но на свештеничката облека не смеела да се направи никаква цепнатина, зашто тоа би го нарушило прикажувањето на небесните вредности. Првосвештеникот, кој би се осмелил во искината облека да се појави во света служба и да учествува во службата во Светилиштето, го гледале како човек кој самиот се одвоил од Бога.

Искинувајќи ја својата облека, самиот себеси си го одзел карактерот на претставник. Бог не го прифаќал веќе како свештеник што може да врши служба. Начинот на постапување што го открил Кајафа ја покажал човечката страст, човечкото несовршенство. Искинувајќи ја својата облека, Кајафа го погазил Божјиот закон за да го следи човечкото предание. Според законот што го поставиле луѓето било можно во случај на хула против Бога свештеникот да ја искине својата облека, згрозувајќи се над гревот, и поради тоа да не биде виновен. На тој начин со човечките закони е укинат Божјиот закон.

Народот со интерес следел секоја постапка на првосвештеникот и Кајафа мислел дека со тоа што ја покажува својата побожност ќе остави добар впечаток. Меѓутоа, со ова дело, вообличено при обвинувањето против Христа, го навредувал Оној за кого Бог рекол: „Во него е моето име“ (2. Мојсеева 23,21). Самиот тој похулил на Бога. Му изрекол пресуда на Христа како богохулник, а сам бил под Божја осуда.

Додека Кајафа ја кинел својата облека, неговиот чин го обележил местото што ќе го заземе еврејскиот народ пред Бога. Некогаш саканиот Божји народ се одвоил од него и бргу станувал народ кого што Јехова не го признавал за свој. Кога Христос извикнал на крстот: „Се сврши!“ (Јован 19,30) и кога завесата во храмот се искинала на два дела, светиот Чувар прогласил дека еврејскиот народ го отфрлил него кој бил претслика на сите нивни симболи, срцевина на сите нивни слики. Израел се одвоил од Бога. Кајафа сега можел да ја искине својата свештеничка облека што го означувала неговото полагање на право да биде претставник на големиот Првосвештеник, зашто ниту за него, ниту за народот таа немала повеќе никакво значење. Првосвештеникот можел да ја искине својата облека згрозувајќи се над себе и над народот. (продолжува)

Pin It on Pinterest