(продолжува од претходниот ден) Со жалосно срце учениците на Јована го пренеле неговото изнакажено тело и го закопале. Тогаш „дојдоа и го известија Исуса“. Овие ученици биле љубоморни на Христа кога им се чинело дека го одвраќа народот од Јована. Застанале на страна на фарисеите, осудувајќи го кога седел со цариниците на гозбата на Матеја. Се сомневале во неговата божествена мисија затоа што не го ослободил Крстителот. Меѓутоа, сега, кога нивниот учител бил мртов и кога копнееле за утеха во својата голема болка и за водство во својата идна работа, дошле кај Исуса и ги соединиле своите интереси со неговите. Ним исто така им било потребно извесно време на мир за заедница со Спасителот.

Во близината на Витсаида, на северниот дел на езерото, се наоѓал еден осамен предел, кој сега, прекрасен со своето свежо зеленило, им нудел пријатно место за одмор на Исуса и на неговите ученици. Се упатиле со чамец преку водата кон тоа место. Тука тие би биле далеку од прометните патишта и од градската врева и немир. Сцените на природата сами по себе биле одмор, промена добредојдена за сетилата. Тука можеле да ги следат Христовите зборови без слушање на лути упади, одговори и обвинувања од страна на закониците и фарисеите. Тука можеле да уживаат кратко време во драгоцена заедница и во дружење со својот Господ.

Одморот што го зеле Христос и неговите ученици не бил одмор да си угодат себеси. Времето што го поминале повлечени не било посветено на задоволства. Разговарале заедно за Божјето дело и за можностите за негово унапредување. Учениците биле со Христа и можеле да го разберат; ним не им било потребно да им зборува во споредби. Им укажал на нивните грешки и им објаснил како треба да им пристапуваат на луѓето. Тој многу поцелосно им го открил драгоценото богатство на божествената вистина. Биле оживеани со божествената сила и вдахнати со надеж и храброст.

Иако Исус можел да прави чуда, иако и своите ученици ги ополномоштил да прават чуда, сепак, своите премалени слуги ги упатил да се изделат, да одат во природа и да се одморат. Кога зборувал дека жетвата е голема, а дека жетвари има малку, не им наметнал на своите ученици потреба од постојан труд, туку рекол: „Затоа молете го стопанот на жетвата да прати работници за својата жетва“ (Матеј 9,38). Бог на секој човек му одредил задача, според неговите способности (Ефесците 4,11­13), и Тој не сака некои да ги оптовари со одговорности, а други да немаат никаков товар, никаков напор на душата.

Неговите сочувствителни зборови и денеска им се упатени на неговите работници исто толку сигурно како и на неговите ученици. „Дојдете на осамено место и починете си малку!“ Тој им вели на оние што се истоштени и уморни. Не е мудро постојано да се биде под притисок на работата и возбудувањата, дури и во задоволувањето на духовните потреби на луѓето, зашто со тоа се занемарува личната побожност, а умните, душевните и телесните сили се претоваруваат. Од Христовите ученици се бара самооткажување, а жртви мора да се поднесат; но исто така мора да се води сметка поради нивната претерана ревност сатаната да не ја искористи слабоста на човечката природа и да му нанесе штета на Божјето дело.

Според мислењето на рабините, да се биде секогаш активен и зафатен со работа претставувало врв на религијата. За да ја покажат својата повозвишена побожност, тие биле зависни од некои надворешни дејства. Така своите души ги изделувале од Бога и изградувале своја самодоволност. Сè уште постојат истите опасности. Секогаш кога се зголемува дејноста и кога луѓето постигнуваат успех во која било работа за Бога, постои опасност од потпирање врз човечките планови и методи. Тогаш постои склоност помалку да се молиме и да имаме помалку вера. Како и учениците, ние се наоѓаме во опасност да ја загубиме од вид нашата зависност од Бога и се обидуваме од нашите дејности да си создадеме спасител. Потребно е постојано да го гледаме Исуса, сфаќајќи дека неговата сила е таа што ја извршува работата. Додека сериозно работиме врз спасувањето на загубените, мораме да одвоиме време и за размислување, за молитва и за проучување на Божјата реч. Само работата извршена со многу молитви и посветена со Христовата заслуга, на крај ќе се покаже успешна. (продолжува)

Pin It on Pinterest