(продолжува од претходниот ден) Сепак, кога им се придружил на учениците, Јуда не бил нечувствителен кон убавината на Христовиот карактер. Го чувствувал влијанието на таа божествена сила што ги привлекувала душите кон Спасителот. Тој, кој не дошол да докрши напукната трска ниту да угаси „фитилче што тлее“, нема да ја одбие оваа душа додека макар и една желба да е насочена кон светлината. Спасителот го читал срцето на Јуда; Тој ја знаел длабината на гревот на кој ќе му подлегне Јуда ако не го ослободи Божјата милост. Поврзувајќи го овој човек со себе, Тој го поставил таму каде што постојано ќе биде во допир со изворот на неговата несебична љубов. Кога би му го отворил срцето на Христа, божествената милост би го истерала демонот на себичноста, па дури и Јуда би можел да стане учесник во Божјето царство.

Бог ги зема луѓето такви какви што се, со основните човечки слабости во карактерот и ги обучува за својата служба ако сакаат да го прифатат неговиот ред и да се учат од него. Тие не се избрани затоа што се совршени туку, наспроти своето несовршенство, преку познавањето и прифаќањето на вистината, со Христовата милост можат да се преобразат, да станат слични со него. Јуда ги имал истите можности како и другите ученици. Ги слушал истите драгоцени поуки. Меѓутоа, спроведувањето на вистината што го барал Христос не се совпаѓало со желбите и целите на Јуда, и тој не сакал да прими мудрост од небото.

Колку нежно постапувал Спасителот со својот иден предавник! Во своето учење Исус се задржувал на начелата на доброчинствата што удирале во коренот на алчноста. На Јуда му го изнел гнасниот карактер на лакомството и повеќепати овој ученик разбрал дека е оцртан неговиот карактер и истакнат неговиот грев, но не сакал да ја признае и да ја напушти својата неправда. Бил самоуверен и наместо да му се противстави на искушението, продолжил да ги следи своите нечесни постапки. Христос пред него бил жив пример за она што би станал тој кога би ја пожнеал благодатта на божественото посредување и на неговата служба; но Јуда се оглушил на сите тие поуки.

Исус никогаш не му упатил остар укор поради неговото лакомство, туку го поднесувал овој грешен човек со божествено трпение, дури и кога му давал доказ дека го чита неговото срце како отворена книга. Му понудил највозвишени поттици да го прави она што е право, па за отфрлањето на небесната светлина Јуда немал никакво оправдание.

Наместо да оди во светлина, Јуда решил да ги сочува своите мани. Негувал лоши желби, реваншистички страсти, мрачни и стушени мисли, сè додека сатаната целосно не загосподарил со овој човек. Јуда станал претставник на Христовите непријатели.

Кога се здружил со Исуса, имал некои драгоцени карактерни црти што би можеле да бидат благослов за Црквата. Да сакал да го понесе Христовиот јарем, можел да стане еден од најзначајните апостоли; но кога му е укажано на маните, тој го стврднал срцето, а горделивоста и бунтот развиле кај него себично славољубие, па на тој начин се онеспособил за задачата што би му ја доверил Бог да ја изврши.

Кога Исус ги повикал во својата служба, сите апостоли имале сериозни мани. Дури и Јован, кој стапил во најтесна врска со понизниот и кроток Спасител, по природа не бил понизен и попустлив. Тој и неговиот брат се наречени „синови громовни“. Додека биле со Исуса, секое омаловажување покажано кон нивниот Учител кај нив будело гнев и воинственост. Избувливост, реваншизам, критички дух сето тоа било застапено кај саканиот ученик. Бил горд, готов да биде прв во Божјето царство. Меѓутоа, од ден на ден, наспроти својот насилнички дух, ја набљудувал Исусовата нежност и благост и ги слушал неговите поуки за понизноста и стрпливоста. Го отворил срцето за божественото влијание и станал не само слушател, туку и извршител на зборовите на Спасителот. Неговото јас било скриено во Христа. Научил да го носи Христовиот јарем и да го понесе неговото бреме.

Исус ги укорувал своите ученици, ги опоменувал и ги преудупредувал; но Јован и неговите браќа не го напуштиле; без оглед на прекорите, тие го избрале Исуса. Спасителот не се повлекол од нив поради нивните слабости и грешки. Тие продолжиле до крај да ги делат неговите искушенија и да учат поуки од неговиот живот. Набљудувајќи го Христа, го преобразиле својот карактер. (продолжува)

Pin It on Pinterest