(продолжува од претходниот ден) Мноштвото набљудувало со задржан здив, а таткото во борба меѓу надежта и стравот. Исус прашал: „Колку време има откако му се случува ова?“ Таткото ги опишал долгите години на страдањето и тогаш, како да не можел повеќе да издржи, извикнал: „Но, ако можеш нешто да сториш, смилувај ни се и помогни ни!“ Дури и сега таткото се сомневал во Христовата моќ .

Исус одговорил: „Ако можеш да веруваш, сè му е можно на оној што верува.“ На Христа не му недостигала сила; и исцелувањето на синот зависело од верата на таткото. Со солзи што бликнале и сфаќајќи ја сопствената слабост, тој ѝ се пре пуштил на Христовата милост, извикнувајќи: „Верувам, Господе, помогни му на моето неверие.“

Исус се свртел кон момчето што страдало и рекол: „Духу, кој предизвикуваш немост и глувост, јас ти заповедам, излези од него и повеќе не влегувај во него.“ Се слушнал крик и настанала смртна борба. Излегувајќи, лошиот дух како да го однел и животот на својата жртва. Момчето останало лежејќи неподвижно и очигледно без живот. Мноштвото шепотело: „Умре.“ Меѓутоа, Исус го зел за рака, го подигнал и со совршено умно и телесно здравје му го предал на таткото. Таткото и синот го славеле името на својот Избавител. Мнозина „се восхитија на Божјето величество“, додека закониците, победени и со наведена глава и нерасположени, се оддалечиле.

„Ако можеш нешто да сториш, смилувај ни се и помогни ни!“ Колку многу, со грев оптоварени души, ја изговарале оваа молитва! За сите нив одговорот на Спасителот полн со сожалување гласи: „Ако можеш да веруваш, сè му е можно на оној што верува.“ Верата е таа што нè поврзува со небото и ни дава сила успешно да се бориме со силите на темнината. Во Христа Бог ни дал средство за совладување на секоја грешна особина и за противставување на секое искушение, без оглед на неговата сила. Меѓутоа, мнозина чувствуваат дека им недостига вера и затоа остануваат одвоени од Христа. Овие души во својата беспомошна недостојност нека се потпрат врз милоста на својот сочувствителен Спасител. Не гледај на себе, туку на Христа! Тој, кој ги лекувал болните и ги истерувал лошите духови додека одел меѓу луѓето, и денеска е ист силен Откупител. Верата доаѓа од Божјата реч. Тогаш фати се за неговото ветување: „А оној кој доаѓа кај мене нема да го истерам“ (Јован 6,37). Фрли се пред неговите нозе со извикот: „Верувам, Господе, помогни му на моето неверие.“ Не можеш никогаш да пропаднеш сè додека постапуваш така никогаш.

Во кратко временско растојание омилените ученици го набљудувале врвот на славата и понижувањето. Ја виделе човечката природа преобразена во Божја лика и унижена до сличност на сатаната. Од планината на која разговарал со небесните весници и каде што гласот од сјајната слава го прогласил за Божји Син, го виделе Исуса како слегува да се сретне со најпотресната и најнеприфатливата сцена, со умоболното момче со искривено лице кое чкртало со забите во грчеви на болка што ниедна човечка сила не можела да ја отстрани. Овој силен Откупител, кој само пред неколку часа стоел овенчан со слава пред своите восхитени ученици, се спуштил да ја подигне жртвата на сатаната од земјата на која се валала и со обновен ум и тело да му ја врати на таткото и на нејзиниот дом.

Тоа била очигледна поука за откупувањето Божеството со славата на Отецот се спушта да ги спаси загубените. Тоа ја претставувало и мисијата на учениците. Животот на Христовите слуги не треба да поминува само на врв на планина со Исуса во мигови на духовно просветлување. Нивниот делокруг е долу во низината. Душите што сатаната ги сторил робови очекуваат збор на вера и молитва да ги ослободи.

Деветтемина ученици сега длабоко размислувале за горчливиот факт на својот неуспех, па кога Исус пак останал насамо со нив, го прашале: „Зошто ние не можевме да го истераме?“ Исус им одговорил: „Заради вашето неверие; зашто, вистина ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа гора: ‘Премести се оттука таму’, и ќе се премести. Ништо не ќе ви биде невозможно. А овој род не излегува инаку, туку преку молитва и пост.“ Нивното неверство кое ги одвоило од подлабокото сочувство со Христа и немарноста со која го набљудувале светото дело што им било доверено, го предизвикале нивниот неуспех во судирот со силите на темнината.

Христовите зборови што укажувале на неговата смрт им донеле жалост и сомневање. Изборот на тројцата ученици да го придружуваат Исуса на планината предизвикал љубомора кај деветтемина. Наместо да ја засилуваат својата вера со молитва и со размислување за Христовите зборови, се занимавале со обесхрабрувања и со лични навреди. Во таква мрачна состојба го почнале судирот со сатаната.

За да успеат во еден таков судир, морале кон работата да пристапат со поинаков дух. Нивната вера требало да се засили со сесрдна молитва, со пост и со понизност во срцето. Морале да бидат ослободени од себичноста и исполнети со Дух и со Божја сила. Само сериозните, истрајни молитви упатувани кон Бога со вера вера што води до потполна зависност од Бога и до безрезервно посветување на неговото дело можат да им помогнат на луѓето да добијат потпора од Светиот Дух во борбата со поглаварите и властите, со управителите на овој мрачен свет, со духовите на пакоста под небото.

„Ако имате вера колку едно синапово зрно“, рекол Исус, „ќе ѝ кажете на оваа гора: ‘Премести се оттука таму’, и ќе се премести“. Иако синаповото семе е толку ситно, тоа го содржи истиот таинствен принцип на животот што го поттикнува растењето и на најголемото дрво. Кога синаповото зрно ќе се стави во земја, малечкиот никулец користи секоја состојка што ја предвидил Бог за неговата исхрана и бргу воспоставува постојано растење. Ако имате таква вера, ќе се придржувате кон Божјата реч и кон сите корисни средства што ги одредил Тој. Така ќе се засилува вашата вера и ќе ви доведе на помош сила од небото. Пречките што ги поставил сатаната на вашата патека, иако изгледаат непремостиви како вечни планини, ќе исчезнат пред барањето на верата. „Ништо не ќе ви биде неможно.“

Pin It on Pinterest