(продолжува од претходниот ден) Небесните ангели се пратени да им служат на оние што ќе го наследат спасението. Сега уште не знаеме кои се тие, уште не е покажано кој ќе победи и кој ќе учествува во наследството на светите во светлината, но небесните ангели поминуваат насекаде низ земјата, барајќи да ги утешат жалосните, да ги заштитат оние што се во опасност, да ги придобијат човечките срца за Христа. Тие никого не го занемаруваат ниту го заобиколуваат. Бог не гледа кој е кој, туку еднакво се грижи за сите души што ги создал.

Кога ќе им ја отворите вратата на Христовите претставници кои се во неволја и кои страдаат, ги примате со добредојде небесните ангели. Повикувате друштво на небесните суштества. Тие му донесуваат на светот атмосфера на радост и мир. Тие доаѓаат со фалба на усните, а на небото се слуша песна што одговара. Секое дело на милосрдие, на небото создава музика. Отецот на својот престол несебичните работници ги реди во своето најдрагоцено благо.

Оние од левата страна на Христа, оние што го занемариле во личноста на сиромасите и на оние што страдаат, не биле свесни за својата вина. Сатаната ги заслепил; не сфатиле што им должат на своите браќа. Биле окупирани самите со себе и не се грижеле за потребите на другите.

На богатите Бог им дал богатство за да ги отстранат и ублажат страдањата на неговите деца, но мошне често тие се рамнодушни кон потребите на другите. Се чувствуваат повисоки од своите сиромашни браќа. Тие не стапуваат во опинците на сиромавиот. Не ги сфаќаат искушенијата и борбите на сиромасите и во нивното срце умира сомилоста. Во скапоцени живеалишта и во раскошни цркви, богатите се изделуваат од сиромасите. Парите што ги дал Бог за да ги благослови неволниците се трошат за потхранување на горделивоста и себичноста. Сиромасите секојдневно се лишуваат од сознанието што би требало да го имаат за нежната Божја милост, зашто Тој дал обилни дарови за да можат да бидат задоволени нивните животни потреби. Присилени се да го почувствуваат сиромаштвото што го стеснува животот, па често доаѓаат во искушение да станат зависливи, љубоморни и полни со лоши претчувства. Оние што не го почувствувале притисокот на скудноста, мошне често кон сиромасите постапуваат со омаловажување и прават овие да се чувствуваат уште победно. Меѓутоа, Христос сето тоа го набљудува и кажува дека бил гладен и жеден, дека бил странец, дека бил болен, дека бил во затвор. Додека вие се гоштевавте крај својата преполна трпеза, јас гладував во колиба или на пуста улица. Додека уживавте во својот раскошен дом, јас немав каде да засолнам глава. Додека своите гардероби ги полневте со скапоцена облека, јас живеев во сиромаштво. Додека уживавте во своите задоволства, јас гниев во затвор.

Кога им дадовте малку леб на гладните сиромаси, кога им дадовте некоја износена облека да ги заштити од лутата зима, дали се сетивте дека му давате на Господа на славата? Секој ден во вашиот живот бев близу до вас во личноста на овие бедници, но не ме баравте. Не го сакавте моето друштво. Јас не ве познавам.

Мнозина го сметаат за големо предимство да ги посетат местата на Христовиот живот на земјата, да одат по патеките по кои поминал Тој, да го набљудуваат езерото крај кое сакал да поучува, како и планините и долините на кои често почивал неговиот поглед. Но ние не мораме да појдеме во Назарет, во Капернаум или во Витанија за да одиме по Исусовите стапки. Неговите стапки ќе ги најдеме крај постелата на болните, во бедните колиби, на преполните улици на големиот град и на секое место на кое се наоѓаат човечки срца гладни за утеха. Ќe одиме по неговите стапки ако го правиме она што го правел Тој додека бил на земјата. Сите можат нешто да сторат. „Сиромаси секогаш ќе имате крај себе“ (Јован 12,8), рекол Исус, и никој не би требало да мисли дека не постои место на кое не може да работи за него. Милиони човечки души, ограничени со оковите на незнаењето и гревот и кои никогаш не чуле за Христовата љубов кон нив, стојат на работ на пропаста. Кога би биле ние на нивно место, што би сакале тие да сторат за нас? Имаме нај света обврска да сториме за нив сè што е во наша моќ . Христовото правило на животот, според кое секој од нас ќе стои или ќе падне на судот, гласи: „Сè што сакате да ви прават луѓето вам, правете им и вие ним“ (Матеј 7,12). Спасителот го дал својот драгоцен живот за да ја основе Црквата која ќе биде способна да се грижи за жалосните души што се во искушение. Заедницата на верните може да биде сиромашна, необразована и непозната, но во Христа тие можат да извршуваат работа во домот, во соседството, во црквата, па дури и во „други краишта“, чијшто резултат ќе биде далекусежен како вечноста. (продолжува)

Pin It on Pinterest