Христос ретко ги собирал учениците насамо за да ги восприемаат неговите зборови. Тој за свои слушатели не ги одбирал само оние што го познавале патот на животот. Негова цел била да допре до мноштвото што живеело во незнаење и заблуда. Своите поуки за вистината ги изнесувал таму каде што можеле да допрат до умовите со затемнето разбирање. Самиот Тој бил вистина, стоејќи со препашани бедра и со раце секогаш подадени да благословува, а со опомени, со сесрдни молби и охрабрувања се стремел да го подигне секого што дошол кај него.

Беседата на гората, иако првенствено наменета за учениците, изговорена е во присуство на мноштво. По ракоположувањето на апостолите, Исус, заедно со нив, пошол на брегот на езерото. Тука народот почнал да се собира уште рано изу трината. Освен вообичаените големи групи од галилејските градови, имало народ од Јудеја, па дури и од Ерусалим, од Переја, од Декаполис, од Идумеја, далеку од југ на Јудеја; од Тир и Сидон, од феникиските градови на бреговите на Средоземното Море. „Кога слушнаа што сè прави“, тие „дојдоа да го чујат и да се исцелат од своите болести… зашто од него излегуваше сила и ги исцелуваше сите“ (Марко 3,8; Лука 6,17­19).

На тесниот брег немало дури ни место за стоење на кое неговиот глас би можел да ги досегне сите што сакале да го чујат, па Исус ги повел назад на падинката на брегот. Стигнувајќи до една рамнинка што нудела пријатно место за собирање на мноштвото, Тој сам седнал на тревата, а учениците и мноштвото го следеле неговиот пример. Местото на учениците секогаш било до Исуса. Народот постојано се туркал околу него, но учениците сфатиле дека не смеат никому да му дозволат да ги оддалечи од неговата близина. Седнале вед наш до него за да не испуштат ниту еден збор од неговите поуки. Биле внимателни слушатели, жедни да ја разберат вистината што требало да им ја пренесат на сите земји и на сите поколенија.

Со чувство дека ќе чујат нешто несекојдневно, тие се тискале околу својот Учител. Верувале дека наскоро ќе се воспостави царството, а од настаните тоа утро добиле впечаток дека во врска со тоа ќе се објави некој проглас. Мноштвото го обзело чувство на очекување, а живоста на лицето покажувала длабоко интересирање. Додека народот седел на зелената падинка на ритчето, очекувајќи ги зборовите на божествениот Учител, нивниот ум бил исполнет со мисли за идната слава. Имало законици и фарисеи што го очекувале денот кога ќе загосподарат над замразените Римјани и ќе се доберат до богатство и сјај на големо светско царство. Сиромашните селани и рибари се надевале дека ќе чујат цврсто ветување оти нивните бедни куќички, скудната храна, животот исполнет со напорен труд и со страв од немаштија ќе бидат заменети со дворови на изобилство и со денови на безделничење. Наместо грубата облека што дење им била наметка, а ноќе покривка, се надевале дека Христос ќе им ги даде богатите и скапоцени облеки на нивните поробувачи. Сите срца биле возбудени со горда надеж дека Израел наскоро ќе биде почестен пред народите како избран од Господа, а Ерусалим издигнат како глава на едно сеопшто царство.

Христос ја разочарал надежта во светска големина. Во Беседата на гората се обидел да го раскопа делото создадено со погрешното воспитување и на своите слушатели да им даде вистински поим за своето царство и за својот сопствен карактер. Сепак, не ги нападнал непосредно заблудите на народот. Тој ја видел бедата на светот поради гревот, па сепак не ја изнесувал пред нив живата слика на нивната несреќа. Ги поучувал за нешто неспоредливо подобро од она што го познавале тие. Не отстранувајќи ги нивните замисли за Божјето царство, им зборувал за условите под кои можат да влезат во него, дозволувајќи им самите да донесат заклучоци за неговата природа. Вистините што ги изнесувал не се помалку значајни за нас отколку што биле за мноштвото што го следело. Во иста мера и нам ни е потребно да ги научиме основните начела на Божјето царство.

Христовите зборови, упатени до народот на гората, биле зборови на благослов. Среќни се оние, рекол, што го препознаваат своето духовно сиромаштво и што чувствуваат потреба за откуп. Евангелието треба да им се проповеда на сиромасите. Тоа не им се открива на оние што се духовно горди, на оние што тврдат дека се богати и на кои ништо не им е потребно, туку на оние што се понизни и скршени. За гревот е отворен само еден извор ­ изворот за сиромашните со дух. (продолжува)

Pin It on Pinterest