Никодим заземал висока и доверлива положба кај еврејскиот народ. Бил високо образован, исклучително надарен и уважуван член на народниот совет. Како и другите, и тој бил поткренат со Исусовото учење. Иако образован и ценет, него необично го привлекувал скромниот Назареќанец. Поуките што доаѓале од усните на Спасителот оставале длабок впечаток врз него и тој посакал да дознае повеќе за овие величествени вистини.

Христовиот авторитет, покажан при чистењето на храмот, предизвикал голема омраза кај свештениците и поглаварите. Се плашеле од силата на овој Странец. Не сакале да ја поднесуваат ваквата храброст на непознатиот Галилеец. Решиле да ѝ стават крај на неговата работа. Меѓутоа, не се согласувале сите со оваа намера. Имало некои што се плашеле да му се противстават на Оној што толку очигледно бил раздвижуван од Божјиот Дух. Си спомнувале како пророците биле убивани поради тоа што ги осудувале гревовите на еврејските водачи. Знаеле дека робувањето не Евреите на некој незнабожечки народ е резултат на нивното упорно отфрлање на Божјите укори. Се плашеле дека свештениците и поглаварите, ковејќи заговор против Исуса, ќе ги следат стапките на своите татковци и дека ќе навлечат нови несреќи врз народот. Никодим ги делел овие чувства. На едно советување на Синедрионот, кога се разгледувало каков став треба да се заземе спрема Исуса, Никодим се залагал за претпазливост и умереност. Упорно истакнувал дека би било опасно да се отфрлат неговите опомени, ако Исус навистина имал власт од Бога. Свештениците не се осмелувале да се оглушат на овој совет и извесно време не преземале ништо против Спасителот.

Откако го чул Исуса, Никодим внимателно ги проучувал пророштвата за Месија и колку повеќе истражувал, сè посилно било неговото уверување дека Тој е Оној што треба да дојде. Заедно со мнозина во Израел, бил длабоко ожалостен со сквернавењето на храмот. Бил сведок на сцената кога Исус ги истерал купувачите и продавачите. Ја посматрал величествената мани фестација на божествената сила; го видел Спасителот како ги прифаќа сиромасите и ги лекува болните; ги видел нивните радосни погледи и ги слушнал нивните фалбени зборови; не се сомневал дека Исус од Назарет е пратеник од Бога.

Топло сакал да разговара со Исуса, но се плашел да го побара јавно. За еден еврејски поглавар би било премногу големо понижување јавно да признае дека е наклонет кон еден засега толку малку познат Учител. Ако Синедрионот дознае за оваа посета, ќе навлече на себе нивни презир и прекор. Се решил за таен разговор, правдајќи се со тоа што, ако отиде јавно, можеби и други ќе го следат неговиот пример. Откако подробно се распрашал за местото на починка на Спасителот на Маслинската гора, почекал градот да потоне во сон, па потоа го побарал.

Во Христово присуство Никодим чувствувал некоја чудна бојазливост, што се обидел да ја прикрие под плашт на сталожено и достоинствено однесување. „Рави“, рекол, „знаеме дека ти си учител дојден од Бога, зашто никој не ги прави чудесата што ги правиш ти ако не е Бог со него.“ Зборувајќи за посебните дарови што ги имал Христос како учител, како и за неговата необична сила со која ги правел чудата, се надевал дека ќе го приготви патот за овој разговор. Со овие зборови сакал смислено да изрази и да предизвика доверба, но всушност тие изразиле неверство. Тој не го признавал Исуса за Месија, туку само за учител пратен од Бога.

Наместо да го прифати ваквиот поздрав, Исус својот поглед го насочил кон говорникот како да проникнува во длабината на неговата душа. Во својата бесконечна мудрост Тој гледал човек што ја бара вистината. Ја знаел целта на неговата посета и, сакајќи да го засили уверувањето што веќе постоело во умот на неговиот слушател, непосредно, но свечено и љубезно, го истакнал најважното: „Вистина, вистина, ти кажувам, ако некој не се роди озгора, тој не може да го види Божјето царство“ (Јован 3,3).

Никодим дошол кај Господа со желба да размени со него гледишта, но Исус му ги открил темелните начела на вистината. Му рекол на Никодима: Она што ти е потребно, не е теоретско знаење, туку духовна обнова. Не ти е потребно да го задоволиш своето љубопитство, туку да имаш ново срце. Мора да примиш нов живот озгора, пред да станеш готов да ги цениш небесните вредности. Додека не настапи оваа промена, што обновува сè, разговорот за мојот авторитет и за мојата мисија за тебе нема да има спасоносно значење. (продолжува)

Pin It on Pinterest