Некои фарисеи дошле кај Исуса со прашање: „Кога ќе дојде царството Божје?“ Поминале повеќе од три години откако Јован Крстителот ја објавил веста што се одгласила како трубен глас низ сета земја: „Наближи небесното царсво“ (Матеј 3,2). Овие фарисеи до тогаш не виделе никаков знак за воспоставување на царството. Мнозина од оние што го отфрлиле Јована и на секој чекор му се противставувале на Исуса, навестувале дека неговата мисија претрпела неуспех. Исус одговорил: „Божјето царство не доаѓа тукутака, за да може да се забележи; ниту пак ќе се каже: ‘Еве го, тука е, или таму!’“ Божјето царство почнува во срцето. Не барајте овде или онде појавување на земна сила да го одбележи неговото доаѓ ање.

„Ќе дојдат денови“, им рекол, обраќајќи им се на своите ученици, „кога ќе посакате да видите еден од дните на Синот човечки, ама не ќе видите.“ Затоа што не го придружува световен раскош, се наоѓате во опасност да не ја препознаете славата на мојата мисија. Иако облечен во човечко тело, вие не сфаќате колку е големо вашето сегашно предимство што го имате меѓу себе Оној кој е живот и светлина на луѓето. Ќе дојдат денови кога со копнеж ќе си спомнувате за приликите што ги имате сега одејќи и разговарајќи со Божјиот Син.

Поради својата себичност и земните стремежи дури ни Исусовите ученици не можеле да ја сфатат духовната слава што сакал да им ја открие. Дури по Христовото вознесение кај својот Отец и по излевањето на Светиот Дух врз верниците, учениците во потполност го ценеле карактерот и мисијата на Спасителот. Откако биле крстени со Духот, почнале да сфаќаат дека биле во непосредно присуство на славата Господова. Кога си спомнувале за Христовите кажувања, нивниот ум се отворил, па ги разбрале пророштвата и ги сфатиле чудата што ги правел Тој. Пред нив се нижеле чудата од неговиот живот и тие биле како луѓе разбудени од сон. Сфатиле дека „Речта стана тело кое се всели меѓу нас, и ние ја видовме неговата слава, славата што ја има како Единороден од Отецот“ (Јован 1,14). Христос всушност дошол од Бога на грешниот свет да ги спаси Адамовите паднати синови и ќерки. Кога го сфатиле ова, учениците сега сами себеси си изгледале помалку важни. Никогаш не им здодеало да ги повторуваат неговите зборови и дела. Неговите поуки, што само нејасно ги сфаќале, сега допирале до нив како свежо откровение. Светото писмо за нив станало нова книга.

Секогаш кога ги истражувале пророштвата што сведочеле за Христа, учениците се соединувале со Божеството и се учеле од Оној што се вознел на небото да ја заврши работата што ја почнал на земјата. Виделе дека Тој е извор на сознанија што ниедно човечко суштество, ако не му помогне некој божествен посредник, не може да го разбере. Ним им била потребна помош од Оној што го најавиле царевите, пророците и праведните луѓе. Со длабок восхит ги читале и повторно ги читале пророчките описи за неговиот карактер и работа. Колку нејасно ги разбирале пророчките списи! Колку полека ги прифаќале големите вистини што им сведочеле за Христа! Набљудувајќи го во неговото понижување, додека одел како човек меѓу луѓето, не ја сфаќале тајната на неговото отелотворување, двојниот карактер на неговата природа. Нивните очи биле затворени, така што не ја сфатиле во целост божествената во човечката природа. Но, откако биле просветени со Светиот Дух, колку многу копнееле пак да го видат и да седнат крај неговите нозе! Копнееле за можност да дојдат кај него за Тој да им ги објасни светите списи што не можеле да ги разберат! Колку внимателно би ги слушале неговите зборови! Што имал на ум Христос кога рекол: „Имам уште многу да ви кажам, но сега не можете да поднесете“ (Јован 16,12). Колку многу сакале да го знаат сето тоа! Биле жалосни што нивната вера била толку слаба, што нивните замисли биле толку оддалечени од саканата цел, што толку погрешно ја сфаќале стварноста.

Бог пратил весник да го објави Христовото доаѓање и да му го обрне вниманието на еврејскиот народ и на светот на неговата мисија за луѓето да можат да се приготват да го примат. Исклучителната личност што ја најавил Јован била меѓу нив повеќе од триесет години и тие не го запознале суштествено како Пратеник од Бога. Учениците чувствувале грижа на совеста затоа што дозволиле тоа неверство што преовладувало да го проникне и нивното мислење и да го замагли нивното сфаќање. Светлината на овој мрачен свет светела среде неговата темнина, а тие не сфатиле од каде потекнуваат тие зраци. Се прашувале самите себеси зошто се однесувале така за Христос да ги укорува. Често ги повторувале неговите разговори и кажале: Зошто дозволуваме да нè збунат земните обѕири и противставувањата на свештениците и рабините за да не сфатиме дека меѓу нас престојуваше Оној кој е поголем од Мојсеја, и дека нè учеше Помудриот од Соломона? Колку нечувствителни беа нешите уши! Колку слабо беше нашето сфаќање! (продолжува)

Pin It on Pinterest