(продолжува од претходниот ден) Кога се понизил и зел на себе човечка природа, Христос открил карактер спротивен на карактерот на сатаната. Меѓутоа, Тој слегол уште пониско на патеката на понижувањето. „Се понизи самиот себеси и стана послушен до смрт, дури до смрт на крст“ (Филипјаните 2,8). Како првосвештеникот што ја соблекувал прекрасната првосвештеничка облека и вршел служба во бела ленена облека на обичен свештеник, така и Христос како слуга принел жртва: самиот свештеник, самиот жртва. „Тој беше ранет за нашите престапи, биен за нашите беззаконија; беше казнет заради нашиот мир“ (Исаија 53,5).

Со Христа се постапувало онака како што заслужуваме ние, за со нас да се постапува онака како што заслужува Тој. Тој бил осуден поради нашите гревови во кои немал удел, за ние да можеме да бидеме оправдани со неговата праведност во која немаме удел. Претрпел смрт што била наша, за ние да примиме живот што бил негов. „Со неговата рана ние се исцеливме“. Со својот живот и со својата смрт Христос постигнал повеќе отколку само обнова на она што било уништено со гревот. Намера на сатаната била да предизвика вечна разделба меѓу Бога и човекот; но во Христа ние сме стапиле во многу поинтимна заедница со Бога отколку никогаш да не сме паднале. Со тоа што зел наша природа, Спасителот се поврзал со човештвото со врска што никогаш нема да се раскине. Тој е поврзан со нас низ сета вечност. „Бог толку го милее светот, што го даде и својот единороден Син“ (Јован 3,16). Тој својот Син го дал не само да ги понесе нашите гревови и да умре како наша жртва, туку му го подарил на паднатиот род. За да нè увери во непроменливоста на својата одлука за мир, Бог го дал својот единороден Син да стане член на човечкото семејство, засекогаш да ја задржи својата човечка природа. Тоа е залог дека Бог ќе ја исполни својата реч. „Зашто ни се роди Дете, добивме Син, кој има власт на рамото“ (Исаија 9,6). Бог ја усвоил човечката природа во личноста на својот Син и ја пренел во највисокото небо. „Синот човечки“ е тој што го дели престолот на вселената. „Синот човечки“ е тој чиешто име ќе биде „Красен, Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез мироносен“ (Исаија 9,6). ЈАС СУМ е Посредник меѓу Бога и човештвото, положувајќи ги рацете врз обајцата. Тој, кој е „свет, невин, непорочен, одвоен од грешниците“, не се срамува нас да нè нарече браќа (Евреите 7,26; 2,11). Во Христа меѓусебно се поврзани земното и небесното семејство. Прославениот Христос е наш брат. Небото е обвиено со човечка природа, а човечкото почива врз градите на бесконечната Љубов.

Бог за својот народ вели: „Тие ќе блескотат во неговата земја како скапоцено камење во круна. Колку среќен ќе е, колку убав!“ (Захарија 9,16.17). Извишувањето на спасените ќе биде вечно сведоштво за Божјата милост. „Во идните векови“ Тој ќе го покаже „ненадминливото богатство на својата милост во љубезност кон нас во Исуса Христа“. „Многу страната Божја мудрост да им се објави на началствата и на властите на небесата според вечната цел што ја оствари во нашиот Господ Исус Христос“ (Ефесците 2,7; 3,10.11).

Со својот откуп Христос го оправдал Божјето владеење. Семожниот е објавен како Бог на љубовта. Обвинувањата на сатаната се побиени, а неговиот карактер разоткриен. Не може повторно да се подигне бунт. Никогаш веќе во вселената нема да се појави грев. Низ вечните времиња сите ќе бидат заштитени од отпад. Со самопрегорната Христова љубов жителите на небото и на земјата се поврзани со нераскинливи врски со својот Творец. Откупувањето ќе биде довршено. Таму каде што изобилувал гревот, Божјата благодат уште повеќе се умножува. Земјата, тоа поле за кое сатаната тврди дека му припаѓа нему, не само што ќе биде избавена, туку ќе биде и извишена. Нашиот малечок свет, под проклетството на гревот, како единствена темна дамка во неговото величествено создавање, ќе биде почитуван повеќе од сите други светови во Божјата вселена. Овде, каде што живеел Божјиот Син во човечка природа, каде што живеел, страдал и умрел Царот на славата, овде ­ кога ќе создаде сè ново ­ Божјиот стан ќе биде среде луѓето „и Тој ќе живее со нив; тие ќе бидат негов народ, а Тој, Бог, ќе биде со нив“ (Откровение 21,3). И низ бесконечните векови, додека спасените ќе живеат непосредно во Божјата светлина, ќе го фалат за неговиот неискажлив Дар ­ за Емануел, „Бог е со нас“.

Pin It on Pinterest