(продолжува од претходниот ден) Останувајќи сам, Исус „се искачи на гората за да се моли насамо“. Со часови продолжил сесрдно да разговара со Бога. Тие молитви не биле лично за него, туку за луѓето. Се молел за сила да им го открие на луѓето божествениот карактер на својата мисија, да не ја затемни сатаната нивната моќ на сфаќање и да не го изопачи нивното расудување. Спасителот знаел дека неговите денови на лична служба на земјата се речиси при крај и дека малку се оние што ќе го прифатат како свој Спасител. Во душевно страдање и болка се молел за своите ученици. Пред нив се страшни искушенија. Нивните долго негувани надежи, засновани на широко раширените заблуди, ќе бидат изневерени на мошне болен и понижувачки начин. Наместо издигнување на Давидовиот престол, тие ќе бидат сведоци на неговото распнување. Тоа навистина требало да биде негово вистинско крунисување. Но тие тоа не го разбрале, па кога ќе ги нагрвалат големи искушенија, тешко ќе ги препознаат како искушенија. Без Светиот Дух, кој ќе им го просветли разумот и ќе им го прошири сфаќањето, верата на учениците би паднала. Исуса го болело тоа што нивните сфаќања за неговото царство во голема мера биле ограничени на световно величење и чест. Врз неговото срце лежел тежок товар поради нив и Тој со тешки душевни маки и солзи ги излевал своите молитви.

Учениците не го напуштиле веднаш копното како што им заповедал Исус. Чекале извесно време со надеж дека ќе им се приближи. Меѓутоа, кога виделе дека бргу се спушта мрак, „влегоа во лаѓата и се упатија преку морето во Капернаум“. Го напуштиле Исуса со незадоволство во срцето, лути на него повеќе од кога било порано откако го признале за свој Господ. Мрмореле затоа што не им било дозволено да го прогласат за цар. Се обвинувале себеси што толку лесно ѝ се покориле на неговата заповед. Сметале дека со поголема упорност би можеле да ја постигнат својата цел.

Нивните умови и срца ги опфатило неверство. Честољубието ги заслепило. Знаеле дека фарисеите го мразат Исуса и топло сакале да го видат на висока положба што, според нивно мислење, ја заслужувал. Да се биде соединет со учител што може да прави величествени дела, а сепак да се биде прогласуван за измамник, било искушение што тие тешко го поднесувале. Дали требало секогаш да се сметаат за следбеници на лажен пророк? Зар Христос никогаш нема да ја преземе царската власт? Зошто Тој, кој поседувал таква сила, не се открил во својот вистински карактер и нивниот пат не го сторил помалку болен? Зошто не го спасил Јована Крстителот од насилна смрт? Учениците размислувале така сè додека не навлекле врз себе голема духовна темнина. Се прашувале дали Исус можеби не е некој измамник, како што тврделе фарисеите?

Учениците тој ден биле сведоци на Христовите величествени дела. Се чинело како небото да слегло на земјата. Сеќавањето на тој величествен, славен ден, требало да ги вдахне со вера и со надеж. Дури и кога површно би разговарале меѓусебно за овој ден, не би дошле во искушение. Меѓутоа, нивното разочарување ги окупирало нивните мисли. Христовите зборови: „Соберете ги останатите парчиња за да не пропадне ништо!“ биле многу значајни. Тоа биле мигови на големи благослови за учениците, но тие сите ги заборавиле. Се наоѓале среде разбранети води. Нивните мисли биле вознемирени и неразумни, а Господ им дал нешто друго што ќе ги потресе нивните души и ќе ги вработи нивните умови. Бог тоа често го прави кога луѓето самите себеси си создаваат товари и неволји. Учениците немале потреба да создаваат неволји. Бргу се приближувала опасност.

Незабележано им се приближувала силна луња, а тие не биле приготвени за неа. Тоа била ненадејна спротивност на мошне убавиот ден, и затоа, кога ги зафатила луњата, тие се исплашиле. Го заборавиле своето незадоволство, своето неверство и своето нетрпение. Сите се труделе да ја сочуваат лаѓата да не потоне. Витсаида не била далеку од местото на кое очекувале да го сретнат Исуса ако се оди по море. При обично време патувањето траело само неколку часови, но сега сè повеќе се оддалечувале од местото кон кое патувале. Се мачеле веслајќи до четвртата ноќ на стража. Тогаш уморните луѓе сфатиле дека се загубени. Копнееле за присуство на својот Учител, зашто морето во луњата и мракот им давало поука за нивната беспомошност.

Исус не ги заборавил. Оној што бдеел на брегот ги видел овие исплашени луѓе како се борат со луњата. Ниеден миг не ги загубил од вид своите ученици. Со длабока загриженост неговите очи го следеле чамецот со драгоцениот товар со кој се поигрувала бурата, зашто овие луѓе требало да станат светлина на светот. Како мајка која со својата нежна љубов бдее над своето дете, така и милостивиот Учител бдеел над своите ученици. Кога нивните срца се покориле, кога нивното несвето славољубие стивнало, а тие во понизност се молеле за помош, помошта им стигнала. (продолжува)

Pin It on Pinterest