(продолжува од претходниот ден) Кај човекот постои склоност себеси повеќе да се цени отколку својот брат, да работи за себе, да бара највисоко место; ова често раѓа лоши предрасуди и горчина на духот. Обредот што ѝ претходи на Господовата вечера треба да ги отстрани овие недоразбирања, да го ослободи човекот од неговата себичност, да го симне од гигалите на неговото самоизвишување до понизност на срцето што ќе го поведе да му служи на својот брат.
На оваа свеченост е присутен свет небесен Набљудувач и истата ја прави миг за испитување на душата, за осведочување за гревот и за блажена сигурност дека гревовите се простени. Тука се наоѓа Христос во полнота на својата милост да го измени токот на мислите што текле по себични канали. Светиот Дух ја оживува чувствителноста на оние што го следат примерот на својот Господ. Кога си спомнуваме за понизноста на Спасителот, се нижат мисли се јавува цела низа спомени, спомени на Божјата голема доброта и љубов и на нежноста на земните пријатели. Во мислите се ројат заборавените благослови, злоупотребената милост, омаловажената љубезност. Се откриваат корените на горчината што ја задушиле драгоцената билка на љубовта. Си спомнуваме за маните на карактерот, за занемарените должности, за неблагодарноста кон Бога, за студенилото кон нашите браќа. Гревот се гледа во светлината во која го гледа Бог. Нашите мисли не се мисли на само допаѓање, туку мисли на остра самоосуда и на понизност. Умот е засилен да урне секоја пречка што предизвикала разидувања. Растерани се лошите мисли и лошите зборови. Гревовите се признаваат, простени се. Христовата милост што покорува влегува во душата, а Христовата љубов ги поврзува срцата во благословено единство.
Кога вака се учи поуката за подготвителната служба, се буди желба за повозвишен духовен живот. Божествениот Сведок ќе одговори на оваа желба. Душата ќе биде издигната. Ние можеме да учествуваме во обредот Света вечера со свест дека гревовите ни се простени. Сонцето на Христовата праведност ќе ги исполни сите катчиња на умот и храмот на душата. Ќе го набљудуваме „Божјето Јагне кое ги зема на себе гревовите на светот“ (Јован 1,29).
За оние што го прифаќаат духот на оваа служба, таа никогаш не може да стане само свечен обред. Нејзина постојана поука ќе биде: „Служете си еден на друг со љубов“ (Галатите 5,13). Со тоа што им ги измил нозете на своите ученици, Христос покажал дека би извршил секоја служба, колку и да била скромна, што би ги сторила наследници со него во вечното небесно богатство. Неговите ученици, вршејќи го истиот обред, свечено се заветуваат дека на ист начин им служат на своите браќа. Секогаш кога овој обред правилно се извршува, Божјите деца стапуваат во света врска за да си помогнат и да се благословат едни со други. Се заветуваат дека животот ќе го посветат на несебична служба, но не само еден за друг. Нивното поле на работа е исто толку пространо колку што било полето за работа на нивниот Учител. Светот е полн со такви на кои им е потребна нашата служба. На секој чекор се наоѓаат сиромаси, беспомошни, ненаучени. Оние што имале заедница со Христа во Горната соба, ќе се упатат да служат како што служел Тој.
Исус, на кого му служеле сите, дошол да им биде слуга на сите. Бидејќи им служел на сите, нему пак ќе му служат сите и сите ќе го слават. Оние што ќе земат удел во неговите божествени особини, и со него ќе ја делат радоста што ги гледаат откупените души, мора да го следат неговиот пример на несебична служба.
Сето ова се наоѓа во Исусовите зборови: „Јас ви дадов пример и вие да правите онака како што ви направив Јас.“ Тоа била целта на службата што ја воспоставил Исус. Тој рекол: „Кога го знаете тоа“, ако ја знаете целта на овие поуки, „блажени сте ако ги исполнувате.“