Жените што стоеле крај Христовиот крст будно бдееле и чекале да помине саботата. Првиот ден во седмицата, мошне рано, се упатиле кон гробот, носејќи драгоцени мириси за да извршат помазание на телото на Спасителот. Не помислувале на неговото воскресение од мртвите. Сонцето на нивното надевање зашло и во нивните срца се настанила ноќ . Додека оделе патем, си прикажувале за Христовите дела на милосрдие и за неговите утешни зборови. Меѓутоа, не се сетиле за неговите зборови: „Но пак ќе ве видам“ (Јован 16,22).
Не знаејќи што се случува, се приближувале кон градината, велејќи: „Кој ќе ни го помести каменот од влезот на гробот?“ Знаеле дека не можат да го поместат каменот, а сепак го продолжиле патот. Одненадеж небото засветило со слава која не доаѓала од сонцето што се раѓало. Земјата се тресела. Виделе дека големиот камен е тргнат. Гробот бил празен.
Сите жени не дошле од ист правец на гробот. Марија Магдалена прва стигнала на местото; гледајќи дека каменот е отстранет, побрзала да им каже на учениците. Во меѓувреме пристигнале и другите жени. Околу гробот светела светлина, но во него го немало Христовото тело. Додека жените се задржувале тука, одненадеж забележале дека не се сами. Младич, облечен во сјајна облека, седел крај гробот. Тоа бил ангелот што го отстранил каменот. Тој се престорил во човек за да не ги исплаши Исусовите пријатели. Сепак, околу него сè уште светела светлина на небесната слава и жените се исплашиле. Се свртиле да побегнат, но ангелот ги запрел со зборовите: „Не плашете се, зашто знам дека го барате Исуса распнатиот. Не е тука, зашто воскресна, како што кажа. Дојдете и видете го местото каде што лежеше, и отидете бргу и кажете им на неговите ученици дека воскресна од мртвите.“ Повторно погледнале во гробот и повторно ја чуле таа прекрасна вест. Тука се наоѓал друг ангел во човечка лика кој рекол: „Зошто го барате живиот меѓу мртвите? Тој не е овде. Воскресна! Спомнете си како ви зборуваше додека уште беше во Галилеја: ‘Синот човечки треба да биде предаден во рацете на грешниците, дека ќе биде распнат и дека ќе воскресне третиот ден.’“
Тој станал! Тој станал! Жените постојано ги повторувале овие зборови. Мирисите за помазание не биле веќе потребни. Спасителот е жив, не мртов! Сега се сетиле дека, зборувајќи за својата смрт, рекол оти повторно ќе стане. Колку красен бил овој ден за светот! Жените бргу се оддалечиле од гробницата и „со страв и со голема радост отрчаа да им соопштат на неговите ученици“.
Марија не ја чула добрата вест. Отишла кај Петар и Јован со жалосна вест: „Го зеле Господа од гробот и не знаеме каде го положиле.“ Учениците побрзале на гробот и го нашле како што кажала Марија. Ги виделе покривката и крпата, но не го нашле својот Господ. Сепак, дури и овде се наоѓало сведоштво дека станал. Мртовечката облека не е отфрлена немарно, туку внимателно сложена и ставена на свое место. Јован „виде и поверува“. Тој уште не ги разбрал зборовите на Писмото дека Христос мора да стане од мртвите, но сега си спомнал за зборовите на Спасителот со кои го преткажал своето воскресение.
Христос сам, мошне грижливо ја оставил мртовечката облека. Кога крај гробот слегол силен ангел, нему му се придружил и друг кој, заедно со други, бдеел над Господовото тело. Кога небесниот ангел го тргнал каменот, друг ангел влегол во гробот и ги одврзал завоите на Исусовото тело. Меѓутоа, раката на Спасителот ги сложила сите поединечно и ги ставила на одредено место. Во очите на Оној што управува и со ѕвездата и со атомот нема ништо неважно. Во сите негови дела се гледа ред и совршенство.
Марија ги следела Јована и Петар до гробот, а кога тие се вратиле во Ерусалим, таа останала. Додека гледала во празниот гроб, нејзиното срце го исполнила жалост. Погледнувајќи внатре, видела два ангела, еден крај главата, а друг крај нозете на местото на кое лежел Исус. „Жено, зошто плачеш?“, ја прашале. „Затоа што го зеле мојот Господ“, одговорила, „и не знам каде го положиле.“ (продолжува)