(продолжува од претходниот ден) Меѓутоа, Петар сега не мислел повеќе на чамците или на товарот. Ова чудо, повеќе од секое друго на кое тој бил сведок, за него било израз на Божјата сила. Во Исуса го видел Оној што управува со целата природа. Божественото присуство ја открило неговата лична грешност. Љубовта кон Учителот, срамот поради неверството, благодарноста поради Христовата љубезност, а над сè чувството на лична нечистота во присуство на бесконечната чистота, сосема го совладале. Додека неговите другари ја пребирале содржината на мрежата, Петар паднал пред нозете на Спасителот, извикнувајќи: „Оддалечи се од мене, Господе, зашто сум грешен човек.“

Тоа било истото присуство на божествената светлина што го навела пророкот Даниел да падне како мртов пред Божјиот ангел. Рекол: „Изнемоштив, лицето ми побледи, се изнагрди, силата ме остави.“ Така и Исаија, кога ја видел Господовата слава, извикнал: „Тешко мене, загинав, зашто сум човек со нечисти усни, и живеам среде народ со нечисти усни“ (Даниел 10,8; Исаија 6,5). Човечката природа со својата слабост и грев е ставена наспроти божественото совршенство, па тој се чувствувал потполно несовршен и несвет. Истото тоа се случувало со сите на кои им е овозможено да ја согледаат Божјата големина и величество.

Петар извикнал: „Оддалечи се од мене, Господе, зашто сум грешен човек“, но сепак цврсто се држел за Христовите нозе, чувствувајќи дека не може да се оддели од него. Спасителот одговорил: „Не плаши се! Отсега ќе ловиш луѓе!“ Откако Исаија ја видел Божјата светост и својата сопствена недостојност, му била доверена божествената вест. Откако Петар е поведен во самооткажување и зависност од божествената сила, добил повик да работи за Христа.

До овој миг ниеден од учениците не се соединил со Христа како соработник. Биле сведоци на многу негови чуда и ги слушале неговите поучувања, но не ги напуштиле потполно своите поранешни занимања. Затворањето на Јована Крстителот за сите нив било едно горко разочарување. Ако морал да биде таков резултатот на Јовановата мисија, малку надеж може ле да имаат за својот Учител, против кого се соединиле сите верски водачи. Под овие околности, за нив било олеснување извесно време да се вратат на своето рибарење. Меѓутоа, Исус сега ги повикува да го напуштат својот поранешен живот и своите интереси да ги соединат со неговите. Петар го прифатил повикот. Стигнувајќи до брегот, Исус повикал други тројца ученици: „Тргнете по мене и јас ќе ве сторам ловци на луѓе.“ Тие веднаш оставиле сè и пошле по него.

Пред да ги повика да ги напуштат своите мрежи и рибарските чамци, Исус ги уверил дека Бог ќе ги задоволи сите нив ни потреби. Употребата на Петровиот чамец за делото на евангелието богато се исплатила. Оној кој е „богат за сите кои го повикуваат“, рекол: „Давајте, па ќе ви се даде: добра мера, набиена, протресена и преполнета“ (Римјаните 10,12; Лука 6,38). Со таква мера Тој ја наградил и службата на учениците. Секоја жртва што е принесена во неговата служба ќе биде наградена според „извонредното богатство на неговата милост“ (Ефесците 3,20; 2,7).

За време на таа жална ноќ на езерото, кога биле одвоени од Христа, учениците тешко ги притискало неверство, а и умор од бесплодниот труд. Меѓутоа, неговото присуство ја загреало нивната вера и им донело радост и успех. Така е и со нас; одвоен од Христа, нашиот труд е бесплоден, и лесно ја губиме довербата и мрмориме. Но кога Тој е близу, а ние работиме според неговото упатство, се радуваме за доказите на неговата моќ . Дело на сатаната е да ја обесхрабри душата, а Христово дело е да ја вдахне со вера и со надеж.

Уште подлабоката поука што им ја открило чудото на учениците е поука и за нас дека Оној, чијшто збор може да ги собере рибите од морето, може да влијае врз човечките срца привлекувајќи ги со врските на својата љубов, така што неговите слуги можат да станат „ловци на луѓе“.

Тие галилејски рибари биле скромни и необразовани луѓе, но Христос, светлината на светот, имал големи можности да ги оспособи за задачата за која ги избрал. Спасителот не го презирал образованието, зашто кога со него управува Божјата љубов и кога тоа ѝ е посветено на неговата служба, тогаш облагородениот ум е благослов. Но Тој ги заобиколил мудрите луѓе на своето време бидејќи тие во толкава мера биле самоуверени, што не можеле да сочувствуваат со човештвото кое страда и да станат соработници со Човекот од Назарет. Во својот фанатизам го сметале за понижување да ги учи Христос. Господ Исус барал соработка со оние што ќе станат проодни канали за пренесување на неговата милост. Прво што треба да научат сите што ќе станат Божји соработници е поуката за недоверба во себеси; тогаш ќе бидат готови да добијат Христов карактер. Тоа не може да се стекне со воспитувањето во највисоките школи. Тоа е плод на мудроста што може да се добие само од божествениот Учител. (продолжува)

Pin It on Pinterest