(продолжува од претходниот ден) Упатувајќи се кон храмот во кој поучувал, продолжиле да му поставуваат прашања: „Со каква власт го правиш тоа? И кој ти ја даде таа власт?“ Очекувале Тој да тврди дека неговата власт е од Бога. Таквото тврдење имале намера да го негираат. Меѓутоа, Исус ги дочекал со прашање кое очигледно навлегувало во друг предмет и својот одговор им го условил со нивниот одговор на ова прашање. Рекол: „Од каде беше Јовановото крштавање? Од небото или од луѓето?“

Свештениците виделе дека се наоѓаат во недоумица од која никаква мудрост не би можела да ги извлече. Ако кажат дека Јовановото крштавање било од небото, нивната недоследност ќе стане очигледна. Христос би можел да им каже: Тогаш зошто не му верувавте? Јован сведочеше за Христа: „Еве го Јагнето Божје кое ги зема гревовите на светот“ (Јован 1,29). Ако свештениците верувале во Јовановото сведоштво, како можат да го негираат Христовото месијанство? Ако го објават своето вистинско верување, дека Јовановата служба била од луѓето, тогаш на себе би навлекле бура од негодување, зашто народот сметал дека Јован е пророк.

Со голем интерес мноштвото очекувало одговор. Луѓето знаеле дека свештениците тврдат оти ја прифаќаат Јовановата служба, па без никакво сомневање очекувале да признаат дека Јован е пратен од Бога. Но, по заедничкото, таинствено договарање, свештениците решиле да не се изложуваат на неприлика. Лицемерно признавајќи го незнаењето, рекле: „Не знаеме.“ „Ни јас нема да ви кажам“, рекол Христос, „со каква власт го правам ова.“

Закониците, свештениците и поглаварите биле замолкнати. Збунети и разочарани, стоеле намрштени, не осмелувајќи се да му поставуваат на Христа понатаму прашања. Со својата страшливост и нерешителност, во голема мера ја загубиле честа пред народот, кој сега стоел крај нив, набљудувајќи го љубопитно поразот на овие горделиви и самоправедни луѓе.

Сите овие Христови кажувања и дела биле важни и нивното влијание требало да се почувствува во многу поголема мера по неговото распнување и вознесување. Мнозина од овие што грижливо го очекувале резултатот на Исусовото испитување најпосле требало да станат негови ученици, привлечени кон него прво со неговите зборови изговорени тој ден исполнет со настани. Од нивниот ум никогаш не требало да исчезне сцената од предворјето на храмот. Во разговорот меѓу Исуса и првосвештеникот се открила меѓу нив спротивност. Горделивиот црковен великодостојник бил облечен во богата и скапоцена облека. На главата имал сјајна тијара. Држењето му било достоинствено, косата и долгата брановидна брада му биле посребрени со староста. Неговата надворешност влевала страхопочит кај набљудувачите. Пред оваа достоинствена личност стоело небесното Величество без украси или расфрлање. Неговата облека била извалкана од патувањето, лицето му било бледо и изразувало стрпливо поднесена тага, па сепак на него се видело достоинство и добродушност што се разликувале од гордиот, самоуверен и лут првосвештенички израз. Мнозина од оние што биле сведоци на Исусовите зборови и дела во храмот од тој миг во своето срце го прифатиле како Божји пророк. Меѓутоа, додека чувствата на народот се свртиле во негова полза, омразата на свештениците кон Исуса растела. Мудроста со која ги избегнувал стапиците поставени пред неговите нозе била нов доказ за неговата божествена природа и долевала масло на огнот на нивниот бес.

Во расправата со рабините Христова цел не била да ги понижи своите противници. Не се радувал да ги види во тешка положба. Сакал да им даде важна поука. Тој ги понижил своите непријатели со тоа што дозволил да се заплеткаат во мрежата што му ја поставиле нему. Нивното признавање дека не ја знаат природата на Јовановото крштавање му дало можност да зборува, и Тој ја искористил така што им ја изнел нивната вистинска состојба, додавајќи уште една опомена покрај многуте што веќе ги дал.

„Што мислите за ова? Еден човек имаше два сина, па отиде кај првиот и му рече: „Синко, појди на лозје и работи денес таму!’ Тој одговори, велејќи: ‘Ќе појдам господару’, но не отиде. Потоа, дојде кај вториот и му го рече истото. А тој одговори и рече: ‘Не одам!’, но потоа се покаја и отиде. Кој од овие двајцата ја исполни волјата на таткото?“

Ова ненадејно прашање неговите слушатели ги сторило непретпазливи. Внимателно го следеле овој приказ и сега веднаш одговориле: “Вториот.“ Насочувајќи го својот сериозен поглед кон нив, Исус одговорил со сериозен и свечен глас: „Вистина ви велам, даночниците и блудниците пред вас ќе влезат во Божјето царство. Зашто Јован дојде кај вас по праведен пат и не му поверувавте, а даночниците и блудниците му поверуваа. А вие, иако го видовте тоа, не се покајавте за да му поверувате.“ (продолжува)

Pin It on Pinterest