Три пати годишно се барало од Евреите од верски причини да се соберат во Ерусалим. Скриен во столб од облак, невидливиот Израелов Водач дал упатства за овие собири. За време на ропството на Евреите, тие упатства не можеле да се почитуваат, но кога народот се вратил во својата земја, овие спомен обичаи почнале пак да се практикуваат. Според Божјата замисла, овие годишнини требало да го потсетуваат народот на него. Но, со малку исклучоци, свештениците и народните водачи ја загубиле од вид оваа цел. Оној што ги воспоставил овие народни собири и што го сфаќал нивното значење, бил очевидец на нивната изопаченост.

Празникот Сеници бил последен годишен собир. Бог сакал во ова време народот да размислува за неговата добрина и милост. Цела земја била под негово водство, примајќи го неговиот благослов. Дење и ноќе не престанувала неговата грижа. Сонцето и дождот помогнале земјата да донесе обилно плодородие. Во палестинските долини и низини е собрана летнината. Маслинките биле обрани, а драгоценото масло складирано. Палмата го донела своето изобилство. Румените гроздови биле изгмечени во вински преси.

Празникот траел седум дена и за неговото празнување жителите на Палестина, заедно со мнозина од другите земји, ги оставале своите домови и доаѓале во Ерусалим. Народот доаѓал од близу и од далеку носејќи радост во срцето. Стари и млади, богати и сиромаси, сите му носеле дар на благодарност на Оној што ја крунисал годината со својата добрина и нивните стапалки со плодност (Псалм 65,11). Сè што можело да го задоволи окото и да ја зголеми сенародната радост е донесено од планина, па градот личел на прекрасна шума.

Овој празник не бил само израз на благодарност за жетвата, туку и навраќање на Божјата заштитничка грижа за Израел во пустината. Прославувајќи го споменот на животот под шатори, Израелците во текот на овој празник живееле во колиби или сеници од зелени гранки. Нив ги правеле на улиците, во предворјето на храмот или на покривите на куќите. Ритчињата и долините околу Ерусалим биле исто така прошарани со овие престојувалишта од лисја, врвејќи од народ.

Верниците ја прославувале оваа посебна свеченост со свети песни и со благодарност. На овој празник му претходел ден ден на исчистување кога народот, откако ги исповедал своите гревови, бил прогласен за помирен со Небото. Со тоа е приготвен патот за радоста на ова празнување. „Фалете го Господа, зашто е добар, зашто е вечна неговата љубов“ (Псалм 106,1). Овие зборови победоносно се издигнувале кон небото, додека заедничкото пеење го придружувала разновид на музика заедно со повиците „Осана“. Храмот бил центар на сеопшта радост, каде што кулминирал сјајот на жртвените обреди. Тука, стоејќи од обете страни на белите мермерни скали на светата градба, хорот на Левитите ја предводел службата со свети песни. Мноштвото верници, мафтајќи со гранчиња од палми и мирти, го прифаќале пеењето, со што до израз доаѓал припевот, за потоа песната да ја прифатат и да ја разнесат гласови што биле близу и далеку сè додека околните ритчиња не возвратиле одглас на фалбоспевот.

Храмот и неговите предворја ноќе биле осветлени. Музиката, мафтањето со палмови гранчиња, радосните извици „Осана“, големото мноштво народ, над кој се распрскувала светлината на поставените светилки, свештеничките облеки и величественоста на обредите се слевале во заедничка сцена што оставала длабок впечаток врз набљудувачите. Меѓутоа, највпечатлив обред на празнувањето, оној што предизвикувал најголема радост, бил обредот што го обновувал споменот на еден настан од пустината.

Рано в зори, свештениците би затрубиле со своите сребрени труби од кои се слушал долг продорен звук, а трубите што возвраќале и радосните извици на народот од нивните сеници се одгласувале од планините и долините поздравувајќи го празничниот ден. Потоа свештеникот, од течната вода на потокот Кедрон црпел стомна вода и, подигајќи ја високо, придружуван со труба, со лесни и одмерени чекори се искачувал по широките скали кон храмот, следејќи го тактот на музиката и пеејќи: „Ете, нашите нозе веќе стојат пред твоите порти, Ерусалиме!“ (Псалм 122,2). (продолжува)

Pin It on Pinterest