(продолжува од претходниот ден) Кога го сфатиле значењето на неговите зборови и си спомнале колку вистинити биле неговите изјави, ги опфатил страв и недоверба кон самите себеси. Почнале да ги испиту ваат своите срца за да видат дали во нив не се крие некоја мисла против Учителот. Со болка, еден по друг прашале: „Да не сум јас тој, Господе?“ Но Јуда седел молчејќи. Мошне возбуден, Јован на крај прашал: „Господе, кој е тој?“ Исус одго ворил: „Оној што ќе макне со мене во чинијата, тој ќе ме предаде. Без сомнение, Синот човечки си заминува како што е пишано за него; но тешко на оној човек што ќе го предаде Синот човечки! Подобро би му било да не се родил.“ Учениците внимателно го испитувале лицето еден на друг додека прашувале: „Да не сум јас тој, Господе?“ Молчаливоста на Јуда сега ги привлекла сите погледи. Во забуната, предизвикана со прашањата и со изразите на чудење, Јуда не го слушнал Исусовиот одговор на Јовановото прашање. Меѓутоа, за да ги избегне испитувачките погледи на учениците, прашал како и тие: „Да не сум јас тој, Господе?“ Исус сериозно одговорил: „Ти кажа!“
Изненаден и збунет затоа што е откриена неговата намера, Јуда станал и бргу ја напуштил просторијата. „Исус, пак, му рече: ‘Што ќе правиш, прави побргу!’… Тогаш, штом го прими залакот, Јуда веднаш излезе, а беше ноќ .“ За предавникот била ноќ кога го напуштил Христа и отишол во темнина.
Сè до овој чекор, Јуда не ја преминал границата на можноста да се покае. Но кога го напуштил својот Господ и своите пријатели, учениците, паднала конечната одлука. Ја преминал граничната линија!
Чудесно било Исусовото трпение во постапувањето со оваа душа што се наоѓала во искушение. Не пропуштил да стори сè што можело да се стори за спасението на Јуда. Иако веќе двапати ветил дека ќе го предаде својот Господ, Исус сè уште му давал можност за покајание. Читајќи ги тајните намери на срцето на предавникот, Христос му дал на Јуда конечен, уверлив доказ за своето божество. За лажниот ученик тоа бил последен повик на покајание. Не бил лишен од ниеден повик што можело да го упати божествено човечкото Христово срце. Брановите на милоста што се одбивале од тврдокорната горделивост се враќале како плима на љубовта што победува. Иако изненаден и уплашен со откривањето на неговата вина, Јуда станал уште порешителен. Од Светата вечера излегол да го доврши своето дело во предавството.
Изговарајќи проклетство над Јуда, Христос покажал љубов кон своите ученици. На тој начин им дал врвен доказ за своето месијанство. „Тоа ви го кажувам сега, пред да се случи“, рекол, „за да верувате кога ќе се случи, дека Јас Сум.“ Кога Исус би молчел и кога би покажал дека не знае што ќе го снајде, учениците би можеле да си помислат дека нивниот Учител не поседува божествено предзнаење, дека бил изненаден и така предаден во рацете на убиствено настроениот џган. Една година порано, Исус им рекол на учениците дека избрал дванаесетмина, но дека еден е ѓавол. Сега неговите зборови, упатени до Јуда, покажале дека неговото предавство потполно му е познато на Учителот, а имале за цел да ја засилат верата на вистинските Христови следбеници во времето на неговото понижување. Кога Јуда ќе го доживее својот страшен крај, тие ќе се сетат за проклетството што го изрекол Исус над предавникот.
Спасителот имал уште една цел. Не го лишил од својата служба оној за кого знаел дека е предавник. Учениците не ги разбрале неговите зборови што ги изговорил при миењето на нозете „Не сте сите чисти“ дури ни тогаш кога на трпезата изјавил: „Оној кој го јаде мојот леб, ја крева својата пета против мене“ (Јован 13,11.18). Но подоцна, кога значењето станало јасно, имале причина да размислуваат за Божјето трпение и за неговата милост кон најголемиот грешник.
Иако од почеток го знаел Јуда, Исус сепак му ги измил нозете. И предавникот имал предимство да се соедини со Христа учествувајќи во Светата вечера. Стрпливиот Спасител го поттикнувал грешникот да го прими, да се покае и да биде измиен од нечистотијата на гревот. Тоа е пример и за нас. Кога ќе си претпоставиме дека некој е во заблуда или во грев, не смееме да се одвоиме од него. Со никакво лекомислено одвојување не смееме да го препуштиме како плен на искушението и да го турнеме на сатанското бојно поле. Тоа не е Христова метода. Тој на учениците им ги измил нозете затоа што биле во заблуда и грешни и со тоа сите, освен еден од дванаесеттемина, се доведени до покајание.
Христовиот пример забранува исклучување од Господовата вечера. Вистина, јавниот грев го исклучува виновникот. Тоа Светиот Дух јасно го кажува (1. Коринќаните 5,11). Но, освен ова, никој не смее да изрече суд. Бог не им препуштил на луѓето да решат кој ќе учествува во ваквите прилики, зашто кој може да ги чита срцата? Кој може да го разликува каколот од житото? „Но, секој нека се испита себеси, па потоа нека јаде од лебот и нека пие од чашата.“ Зашто „секој што недостојно го јаде овој леб или недостојно ја пие оваа чаша Господова, ќе биде одговорен за телото и за крвта Господова.“ „Бидејќи оној што јаде и пие, а правилно не го разликува Господовото тело, јаде и пие за своја осуда“ (1. Коринќаните 11,28.27.29). (продолжува)