Во паузите меѓу своите патувања Христос постојано се навраќал во Капернаум, кој поради тоа е познат како „негов град“. Се наоѓал на бреговите на Галилејското Море, во близината на границата на убавата Генизаретска низина.

Длабоката езерска долина ѝ давала на низината што ги опкржувала нејзините брегови угодна јужна клима. Овде во Христово време успевале палми и маслинки; тука се наоѓале овоштарници и лозја, зелени полиња и цвеќе со раскошни бои, залевани од извори на жива вода што извирале од карпите. На бреговите на езерото и на планините што го опкружувале, на малечка оддалеченост биле сместени многу села и градови. Езерото било прекриено со рибарски чамци. На сите страни се забележувала врева од деловен и активен живот.

Капернаум бил мошне погоден центар за работа на Спасителот. Бидејќи се наоѓал на главниот пат од Дамаск кон Ерусалим и Египет, до Средоземното Море, бил голема прометна артерија. Од многу земји низ градот поминувале или се задржувале во него луѓе да се одморат од своите патувања. Овде Исус можел да се сретне со сите народи и општествени слоеви, со богати и со великани, како и со сиромашни и скромни, а неговите поуки можеле да бидат однесени во други земји и во многубројни домови. На тој начин би било поттикнато истражување на пророштвата, вниманието би било насочено кон Спасителот и неговата мисија би му била откриена на светот.

Иако Синедрионот дејствувал против Исуса, народот со желба го очекувал развојот на неговата мисија. Цело небо било раздвижено. Ангелите го подготвиле патот за неговата служба, дејствувајќи врз човечките срца и привлекувајќи ги кон Спасителот.

Сведок на Христовата сила во Капернаум бил синот на еден царски човек што го исцелил Христос. Дворскиот службеник и неговиот дом радосно сведочеле за својата вера. Кога се дознало дека Учителот е лично меѓу нив, цел град се возбудил. Околу него се собрало мноштво. Во саботата народот ја преполнил синагогата во толкава мера што мноштво луѓе морале да се вратат, немајќи можност да влезат.

Сите што го слушале Спасителот „се одушевија со неговата наука, зашто речта му беше силна“. „Зашто ги учеше како Оној што има власт, а не како нивните законици“ (Лука 4,32; Матеј 7,29). Учењето на закониците и старешините било студено и круто, како лекција научена напамет. За нив Божјата реч немала никаква животна сила. Нејзините учења ги замениле со свои сопствени поими и со предание. Во вообичаениот редослед на службата изјавувале дека го објаснуваат законот, но нивните срца и срцата на нивните слушатели не ги поттикнувало никакво вдахновение од Бога.

Исус немал ништо заедничко со различните теми на расправа меѓу Евреите. Негова цел била да ја изнесе вистината. Неговите зборови фрлале силна светлина врз учењата на патријарсите и пророците, а на луѓето светите списи им изгледале како ново откровение. Никогаш порано неговите слушатели не согледувале таква длабина на значењето на Божјата реч.

Исус луѓето ги сретнувал на нивна почва, како Оној кој ги познава нивните неволји. Тој вистината ја сторил убава со тоа што ја изнесувал на најнепосреден и наједноставен начин. Неговиот јазик бил чист, достоинствен и јасен како река што тече. Неговиот глас бил како музика за оние што ги слушале монотоните гласови на рабините. Меѓутоа, иако неговото учење било едноставно, зборувал како Оној што има власт. Овој белег неговото учење го поставило наспроти учењата на сите други. Рабините зборувале со сомневање и со нерешителност, како да може Светото писмо да се толкува на два начина да значи едно или сосема спротивно на тоа. Слушателите секојдневно биле доведувани во сè поголема несигурност. Меѓутоа, Исус учењето на Писмото го изложувал сообразно со неговиот непогрешен авторитет. За што и да зборувал, Тој тоа го изнесувал со сила, така што на неговите зборови не можел никој да им се противставува.

Настапувал сериозно, но не жестоко. Зборувал како Оној кој пред себе има одредена цел. На луѓето им ја прикажувал стварноста на вечниот свет. Во секоја тема го откривал Бога. Исус се обидувал да ја отстрани заслепеноста што ги окупирала луѓето со земни цели. Вредностите на овој живот Тој ги поставил во правилен однос: подредени на вечниот интерес; но не го омаловажувал нивното значење. Учел дека небото и земјата меѓусебно се поврзани и дека познавањето на божествената вистина луѓето ги подготвува подобро да ги извршуваат должностите на секојдневниот живот. Зборувал како Оној кој му е близу на небото, свесен за својата врска со Бога, а сепак признавајќи ја својата заедница со секој член на човечкото семејство. (продолжува)

Pin It on Pinterest