(продолжува од претходниот ден) Неговите зборови имале и друга цел. Поставувајќи го прашањето: „Кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им стори на лозарите?“, Христос сакал фарисеите да одговорат онака како што одговориле. Сакал да се осудат самите себеси. Неговите опомени, што не произвеле кај нив покајание, ќе ја запечатат нивната судбина, па сакал да увидат дека самите навлекле пропаст врз себе. Сакал да им ја покаже Божјата правда со тоа што ќе ги повлече своите предимства од нив како народ, што веќе и почнало и што ќе се заврши не само со уништување на нивниот храм и град, туку и со расејување на народот.

Слушателите ја сфатиле опомената. Но наспроти осудата што самите себеси си ја изрекле, свештениците и поглаварите биле готови да ја надополнат сликата, велејќи: „Овој е наследникот! Ајде да го убиеме.“ „И гледаа да го фатат, но се плашеа од народот“, зашто народните чувства биле на Христова страна.

Наведувајќи го пророштвото за отфрлениот камен, Христос се осврнал на еден вистински настан од историјата на Израел. Настанот бил во врска со градењето на првиот храм. Иако имал посебна примена во времето на првото Христово доаѓање и со посебна сила требало да влијае врз Евреите, тој содржи поука и за нас. Кога се градел Соломоновиот храм, огромното камење за ѕидовите и за темелот биле потполно приготвени во каменоломот. По доставувањето на градилиштето, над нив не смеело да се употреби ниедно орудие; работниците само ги поставувале на одредено место. За потребите на темелот донесен е еден камен со невообича ена големина и со нарочен облик, но работниците не можеле да најдат место за него, па не го прифатиле. Постојано им пречел додека неупотребен лежел на нивниот пат. Долго останал отфрлен камен. Меѓутоа, кога градителите требало да го постават темелниот камен, долго барале да најдат камен доволно голем и јак и со соодветен облик да го заземе тоа посебно место и да го понесе големиот товар што би почивал врз него. Ако направат неправилен избор за ова важно место, ќе биде загрозена сигурноста на целата зграда. Тие мора да најдат камен што ќе може да му преодолее на влијанието на сонцето, на мразот и луњата. Биле одбрани неколку камења во различно време, но под притисокот на огромниот товар тие се скршиле на парчиња. Други не можеле да го издржат испитот на брзите временски промени. Најпосле вниманието го привлекол каменот што толку долго бил отфрлен. Бил изложен на воздух, на сонце и луња, не покажувајќи ниту најмалечка пукнатина. Градителите го испитале овој камен. Ги издржал сите испитувања, освен едно. Решиле да го прифатат за темелен камен ако може да го поднесе тестот на големиот притисок. Испитот е извршен. Каменот е прифатен, донесен е на одреденото место на кое се покажало дека совршено одговара. Во пророчкото видение на Исаија му е покажано дека овој камен бил симбол на Христа. Тој вели: „Господ над војските единствено Тој нека ви биде свет; единствено од него бојте се, нека ве проникне страв од него. Тој ќе ви биде стапица и камен сопка, и карпа соблазна за двете куќи Израелови, стапица и мрежа за сите Ерусалимци. Мнозина од нив ќе се лизнат, ќе паднат, ќе се скршат, ќе се сплеткаат, ќе се фатат.“ Поведен во пророчкото видение до првото доаѓање, пророкот видел дека Христос ќе поднесува испити и проверки што симболички се претставени во постапката со главниот темелен камен во Соломоновиот храм. „Затоа вака вели Господ, Господ: ‘Еве, поставувам на Сион камен одбран, драгоцен, темелен камен. Оној што верува во него, нема да пропадне’“ (Исаија 8,13-15; 28,16).

Во бесконечната мудрост Бог го бира и сам го поставува темелниот камен. Тој го нарекува „темелен“. Цел свет може да ги стави врз него своите товари и таги. Тој може да издржи сè. Врз него може потполно сигурно да се ѕида. Христос е „одбран камен“. Оние што се потпираат на него Тој нема никогаш да ги разочара. Поминал низ секаков тест. Тој го издржал притисокот на Адамовата вина и вината на неговото потомство и излегол повеќе отколку победник над силите на злото. Тој ги понел товарите што ги ставил на него секој грешник кој се кае. Во Христа грешното срце нашло олеснение. Тој е сигурен темел. Сите, на кои Христос им е надевање, уживаат совршена сигурност.

Во пророштвото на Исаија Христос е прогласен за сигурен темел и за камен-сопка. Пишувајќи под вдахновение на Светиот Дух, апостол Петар јасно покажува на кого Христос му е темелен камен а на кого карпа-соблазна:

„Зашто вкусивте дека Господ е добар. Пристапите кон него, кон живиот Камен, кој, навистина, луѓето го отфрлија, но кој во Божјите очи е одбран, драгоцен, па дозволете од самите вас, како живи камења, да се изгради духовен дом, свето свештенство, да принесува духовни и на Бога угодни жртви преку Исуса Христа. Зашто вака стои во Писмото: ‘Еве, поставувам на Сион Камен темелник, одбран и скапоцен, и кој верува во него, нема да се засрами.’ Според тоа, токму тој ‘Камен што го отфрлија ѕидарите, стана темелен камен’ за вас кои верувате драгоцен, а за оние кои не веруваат камен-сопка, карпа-соблазна. На неа се сопнуваат, зашто не ѝ веруваат на речта и тоа е нивна судбина“ (1. Петрово 2,3-8). (продолжува)

Pin It on Pinterest