(продолжува од претходниот ден) Додека Пилат се колебал што да стори, весникот се протуркал низ толпата и му го предал во раце писмото на неговата жена во кое пишувало: „Не прави му ништо на тој Праведник, зашто денес на сон многу настрадав заради него!“

Пилат пребледел. Бил збунет со своите противречни чувства. Во неговата нерешителност свештениците и поглаварите уште повеќе го распалувале народот. Пилат бил присилен да дејствува. Сега се сетил за еден обичај што би можел да послужи Христос да биде ослободен. Бил обичај на овој празник да се ослободи еден затвореник што ќе го избере народот. Овој обичај имал незнабожечко потекло; во него немало ниту трошка праведност, но Евреите многу го ценеле. Во тоа време римските власти држеле еден затвореник осуден на смрт кој се викал Варава. Овој човек се преправал дека е Месија. Тврдел дека има власт на светот да воспостави нов поредок, да го насочи во добар правец. Под сатанска измама тврдел дека му припаѓа сè што може да задобие со кражба и со грабеж. Правел чудесни дела со сатанска сила, кај народот стекнал многу истомисленици и предизвикал бунт против римската власт. Под плаштот на верското одушевување се наоѓал закоравен и опасен злосторник, склон кон бунт и насилство.

Давајќи му на народот да избере меѓу овој човек и невиниот Спасител, Пилат се надевал дека ќе поттикне чувство за правда. Се надевал дека ќе ја задобие нивната наклоност спрема Христа наспроти свештениците и поглаварите. Затоа, свртувајќи се кон мноштвото, мошне сериозно рекол: „Кого сакате да ви го пуштам? Варава или Исуса, наречен Христос?“

Одговорот на џганот одеканал како рикање на диви ѕверови: „Пушти ни го Варава!“ Извикот „Варава! Варава!“ станувал сè погласен. Мислејќи дека народот не го разбрал неговото прашање, Пилат прашал: „Сакате ли да ви го ослободам царот на Евреите?“ Меѓутоа, тие повторно повикале: „Земи го овој, а пушти ни го Варава!“ „А што да сторам тогаш со Исуса наречен Христос?“ прашал Пилат. Повторно разбранетото мноштво почнало да завива слично на лоши духови. Среде мноштвото се наоѓале вистински демони престорени во луѓе, и што можело да се очекува друго освен одговорот: „Да се распне!“

Пилат бил вознемирен. И не помислувал дека ќе дојде до ова. Се повлекол пред израчувањето на овој невин Човек и го предал на најсрамна и најсвирепа смрт што може да се досуди. Кога завивањето престанало, се свртил кон народот и рекол: „Какво зло сторил?“ Но случајот отишол премногу далеку за да се уважат доказите. Она што го сакале не било доказ за Христовата невиност, туку негова осуда.

Сè уште Пилат настојувал да го спаси. „А тој по третпат им рече: ‘Та какво зло сторил? Јас не најдов во него ништо што заслужува смрт. Затоа ќе го ослободам откако ќе го изнатепам.’“ Веќе самото навестување за неговото ослободување десеткратно го зголемило гневот на народот. „Распни го! Распни!“ викале. Бурата, предизвикана со нерешителноста на Пилата, станувала сè посилна.

Исуса, премален од умор и покриен со рани, јавно го камшикувале. „Војниците го одведоа во дворот, односно во преторијата и повикаа цела чета. Му облекоа пурпурна наметка, сплетоа и му ставија венец од трње, и почнаа да го поздравуваат: ‘Биди поздравен, цару еврејски!“ … Го плукаа и, паѓајќи на колена, му метанисуваа.“ Повремено некоја лоша рака би ја грабнала трската што му била ставена во рака и го удирала со неа по трнливата круна, забодувајќи ги на тој начин трњето во неговите слепоочници, додека низ неговото лице и брада се слевале капки крв.

Чудете се, небеса, вџаши се земјо! Гледајте го мачителот и Мачениот! Разбеснетиот џган го опколил Спасителот на светот. Подбивањето и исмевањето се мешаат со непристојни пцости и хули. Неосетливиот џган му се потсмева на неговото скромно потекло и на неговиот едноставен живот. Му се подбиваат на неговото тврдење дека е Божји Син, а од уста до уста преминуваат простачки шеги и навредливи подбивања.

Сатаната го предводи свирепиот џган при малтретирањето на Спасителот. Имал намера, ако биде можно, да го наведе да се одмазди или да го натера со чудо да се ослободи и со тоа да го урне планот на спасението. Само едно петно во неговиот човечки живот, еден неуспешен обид на неговата човечка природа да го поднесе тоа страшно искушение, па Божјето Јагне би било несовршена жртва, а човековиот откуп промашен. Меѓутоа, Тој, кој можел да заповеда да му дојдат на помош небесните војски Тој, кој можел да го отера џганот застрашен со сјајот на неговото божествено величество со совршен мир ги прифатил најсуровите подбиви и навреди. (продолжува)

Pin It on Pinterest