(продолжува од предходниот ден) Бог објавува: „Јас ќе излеам вода врз жедната земја и потоци врз сувата почва.“ „На праведниците им свети и во темнина“ (Исаија 44,3; Псалм 112,4). На оние што бараат светлина и што радосно ја прифаќаат, ќе им засветат блескотни зраци од Божјиот престол.

На полињата, на кои момчето Давид го пасело своето стадо, пастирите сè уште биле на ноќа стража. Во текот на тие тивки часови разговарале за ветениот Спасител и се молеле за доаѓањето на Царот на Давидовиот престол. „Наеднаш пред нив застана Господов ангел и ги осветли Господова слава од која многу се исплашија. Ангелот, пак, им рече: „Не бојте се, зашто еве, ви носам добра вест, голема радост, која ќе биде за сите народи: Денес, во Давидовиот град, ви се роди Спасителот, кој е Христос Господ“.

Кога ги чуле овие зборови, душите на пастирите што слушале ги исполнила славата што произлегувала од видението. На Израел му дошол Ослободител. Со неговото доаѓање е поврзана сила, издигнување, победа. Меѓутоа, ангелот морал да ги приготви својот Спасител да го препознаат во сиромаштво и понижување. „Ова ќе ви биде знак“, рекол, „ќе најдете бебе повиено, како лежи во јасли“.

Небесниот весник ги стивнал нивните стравувања. Тој им објаснил како ќе го пронајдат Исуса. Полн со нежен обѕир кон нивната човечка слабост, тој им дал време да се привикнат на божествениот сјај. Тогаш радоста и славата не можеле повеќе да се кријат. Цело поле било осветлено со сјајната светлина на Божјите војски. Земјата се смирила, а небото се наведнало да ја слуша песната: „Слава на Бога на височините, на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“

О кога денеска човечкото семејство би можело да ја препознае оваа песна! Објавата што е дадена тогаш и мелодијата што се слушнала во таа пригода ќе се разлеваат до крајот на времето и ќе се одгласуваат до сите земни краишта. Кога ќе изгрее Сонцето на правдата, со здравје во своите зраци, таа песна ќе добие свој одглас ­возврат од гласови на силно мноштво, како бучава на силни води: „Алелуја! Се зацари Господ Бог Седржител“ (Откровение 19,6).

Кога исчезнале ангелите, исчезнала и светлината, а врз витлеемските ритчиња повторно се спуштиле ноќни сенки. Најблескотната сцена што кога и да е ја набљудувале човечки очи пастирите добро ја запаметиле. „Кога си заминаа ангелите од нив на небото, пастирите си рекоа меѓу себе: „Да појдеме до Витлеем и да го видиме тоа што се случило таму, како што ни кажа Господ. И веднаш отидоа и ги најдоа Марија и Јосифа со Бебето како лежи во јасли“.

Заминувајќи со голема радост, пастирите го објавиле тоа што го виделе и што го чуле. „И сите што слушнаа, му се восхитуваа на тоа што им го кажаа пастирите. А Марија ги запамети сите тие зборови и размислуваше за нив во своето срце. Потоа пастирите се вратија, славејќи и фалејќи го Бога“.

Оддалеченоста меѓу небото и земјата денеска не е поголема отколку што била кога пастирите ја слушале песната на ангелите. Човечкиот род исто толку е предмет на небесна грижа, како и во времето кога обичните луѓе со скромни занимања среде бел ден ги сретнувале ангелите и разговарале со небесните весници во лозјата и на полињата. Небото може да ни биде мошне близу и нам во нашето секојдневие. Ангелите од небесните дворови ќе ги придружуваат чекорите на оние што живеат според Божјите заповеди. Историјата од Витлеем е неисцрпна тема. Во неа е скриена „длабината на богатствата, на мудроста и на разумот Божји“ (Римјаните 11,33). Ние ѝ се восхитуваме на жртвата на Спасителот со која Тој небесниот престол го заменил со јасли и придружбата на ангелите што го обожавале со животни во штала. Неговото присуство ја прекорува човечката горделивост и самоувереност. Сепак, ова е само почеток на неговото неспоредливо понижување. За Божјиот Син би било речиси бескрајно понижување кога би зел човечка природа дури и тогаш кога Адам во својата невиност живеел во Едем. Меѓутоа, Исус ја прифатил човечката природа кога човечкиот род веќе четири илјади години бил ослабен со гревот. Како и секое Адамово дете, Тој ги примил на себе резултатите од дејствувањето на големиот закон на наследувањето. Какви биле овие резултати покажано е во историјата на неговите земни претци. Тој дошол со такво наследство да ги дели нашите таги и искушенија и да ни даде пример на безгрешен живот.

Сатаната на небото го мразел Христа поради неговата положба во Божјите дворови. Кога е соборен од неговата положба, уште повеќе го мразел. Тој го мразел Оној што се заветувал дека ќе го откупи грешниот човечки род. Сепак, Бог му дозволил на својот Син како беспомошно дете, подложно на слабостите на човештвото, да дојде на светот што сатаната го прогласил за свој посед. Му дозволил да ги запознае животните опасности својствени на секоја човечка душа, да води борба што мора да ја води секое човечко дете, изложен на опасност од неуспех и вечна загуба.

Срцето на земниот татко нежно го сака својот син. Тој го набљудува лицето на своето дете и се тресе при помислата на животните опасности. Тој копнее да го заштити своето мило чедо од силата на сатаната и да го сочува од искушенијата и судирите. Бог го дал својот единороден Син да се најде во уште пожесток судир и во многу пострашна опасност, со цел животната патека на нашите деца да биде сигурна ­ „тоа е љубов“ (1. Јованово 4,10). Чудете се небеса и восхитувај се Земјо!

Pin It on Pinterest