(продолжува од претходниот ден) Меѓутоа, верата во никоја смисла не е соединета со некаква претпоставка. Само оној што има вистинска вера е заштитен од претпоставки, или нагаѓања, зашто нагаѓањето е сатанско искривоколчување на верата. Верата полага право на ветувањата и носи плод во послушноста. Претпоставката исто така полага право на ветувањата, но таа ветувањата ги користи како што ги користел сатаната за да го оправда престапот. Верата би им помогнала на нашите прародители да стекнат доверба во Божјата љубов и да ги послушаат неговите заповеди. Претпоставката ги одвела во престап на неговиот закон, верувајќи дека неговата голема љубов ќе ги спаси од последиците на нивниот грев. Верата не полага право на небесна наклоност без исполнување на условите под кои се дава милоста. Вистинската вера има свој темел во ветувањата и во сè друго што ни го дава Писмото.

Често кога не успева кај нас да предизвика недоверба, сатаната успева да нè наведе на претпоставка. Ако може да нè наведе непотребно да заостанеме на патот на искушенијата, тој знае дека победата е негова. Бог ќе ги сочува сите што одат по патеката на послушноста, но да се одвоиме од неа значи да стапиме на сатанска почва. Тука сигурно ќе паднеме. Спасителот ни заповедал: „Бдејте и молете се на Бога за да не паднете во искушение“ (Марко 14,38). Размислувањето и молитвата ќе нè сочуваат од самоволно одење по опасни патишта, со што ќе бидеме сочувани од многу порази.

Сепак, не смееме да ја загубиме храброста кога сме изложени на напади од искушенија. Често кога ќе се најдеме во некоја тешка околност се сомневаме дека нè водел Божјиот Дух. Меѓутоа, Духот го водел и го одвел Христа в пустина за сатаната да го искушава. Кога Бог ќе нè доведе во искушение, Тој сака да оствари некоја намера за наше добро. Исус немал претпоставки за Божјите ветувања така што доброволно пошол во искушение, ниту му паднал духот кога се нашол во искушение. И ние би требало да правиме така. „А Бог е верен и не ќе дозволи да бидете искушавани над вашите сили, туку заедно со искушението ќе ви даде и излез за да можете да го изрджите“ (1. Коринќаните 10,13). Тој вели: „Принесувај му на Бога жртви на благодарност и исполнувај ги своите завети пред Севишниот, па повикај ме во ден на неволја ­ јас ќе те избавам, а ти да ме прославиш“ (Псалм 50,14.15).

Исус бил победник и во второто искушение и сега сатаната го покажува својот вистински карактер. Меѓутоа, тој не се појавува како страшно чудовиште со канџи на нозете и со крилја како лилјак. Иако паднал, тој е силен ангел. Тој за себе изјавува дека е водач на бунтот и бог на овој свет.

Откако го поставил Исуса на висока планина, сатаната сторил на живописен начин, во сета своја слава, пред него да поминат царствата на овој свет. Врз градовите со храмови, на мермерните дворови, на плодните ниви, на родните лозја, почивала сончева светлина. Трагите на злото биле скриени. Исусовите очи, кои пред малку набљудувале беда и уништување, сега гледале сцена на ненадмината убавина и напредок. Тогаш се слушнал гласот на искушувачот: „Тебе ќе ти ја дадам сета власт над нив и славата што им припаѓа, зашто мене ми е предадена, и му ја давам на кого што сакам јас. Сета ќе ти припадне тебе, ако ми се поклониш.“

Христовата задача можела да се оствари само со страдање. Пред него се наоѓ ал живот исполнет со жалост, со неволји, со борба и срамна смрт. Тој морал да ги понесе гревовите на целиот свет. Морал да се раздели од љубовта на својот Отец, што било многу болно за него. Сега искушувачот му понудил да му ја врати силата што ја грабнал. Христос можел да се ослободи од страшната иднина со тоа што би ја признал врховната власт на сатаната. Но, да се стори тоа, би значело да се препушти победата во оваа голема борба. Сатаната згрешил на небото затоа што барал да се издигне над Божјиот Син. Во случај тој сега да победи, тоа би била победа на бунтот.

Кога сатаната му објавил на Христа дека царството и славата на овој свет му се предадени нему и дека ќе му ги даде на оној што сака, тој тврдел нешто што само делумно било вистина, и тоа го кажал за да ја постигне својата сопствена измамничка цел. Сатаната своето царство го грабнал од Адама, но Адам бил намесник на Творецот. Неговото владеење не било независно. Земјата е Божја и Тој сè му предал на својот Син. Адам требало да владее потчинет на Христа. Кога Адам ја изневерил довербата и својата власт ја препуштил во рацете на сатаната, Христос сè уште останал законски Цар. Така Господ му рекол на царот Навуходоносор: „Севишниот има власт над човечкото царство и Тој му го дава на кого што сака и го поставува на него најнискиот меѓу луѓето” (Даниел 4,17). Сатаната може да ја спроведува својата узурпирана власт само колку што му дозволува Бог. (продолжува)

Pin It on Pinterest