(продолжува од претходниот ден) Меѓутоа, Исус не плачел поттикнат само со човечкото сочувство кон Марија и Марта. Неговите солзи укажувале на болката што била далеку над човечката болка колку небото што е повисоко од земјата. Христос не плачел за Лазара, зашто имал намера да го повика од гробот. Тој плачел затоа што мнозина кои сега плачат за Лазара набргу ќе планираат да го убијат, ќе планираат смрт за Оној кој е воскресение и живот. Колку неподготвени биле неверните Евреи правилно да ги протолкуваат неговите солзи! Некои, кои не можеле да видат како причина за неговата болка ништо друго освен само надворешните околности пред него, нежно рекле: „Гледајте, колку го сакаше.“ Други, сакајќи да посеат семе на неверство во срцата на присутните, потсмешливо рекле: „Не можеше ли Овој, кој му ги отвори очите на слепиот, да направи и овој да не умре?“ Ако во Христова моќ било да го спаси Лазара, зошто дозволил да умре?

Со своето пророчко око Христос го видел непријателството на фарисеите и садукеите. Знаел дека тие однапред смислуваат да го убијат. Знаел дека некои од овие, кои навидум се толку сочувствителни, набргу самите себеси ќе си ја затворат вратата на надежта и капијата на Божјиот град. Наскоро треба да биде понижуван и распнат, што ќе резултира со разурнување на Ерусалим, а во тоа време никој нема да ги оплакува мртвите. Одмаздата што треба да се урне врз Ерусалим јасно му е покажана. Го видел Ерусалим опседнат со римски легии. Знаел дека мнозина, кои сега плачат за Лазара, ќе умрат за време на опсадата на градот и дека во нивната смрт нема да има никаква надеж.

Христос не плачел само за сцената што била пред него. Врз него лежел товарот на вековната болка. Ги видел страшните последици на престапот на Божјиот закон. Видел дека во историјата на светот, почнувајќи со смртта на Авела, борбата меѓу доброто и злото не престанала. Гледајќи во идните години, ги видел страдањата и жалоста, солзите и смртта што ќе бидат човечка судбина. Неговото срце било прободено со болката на човечкото семејство на сите векови и на сите земји. Страдањата на грешниот човечки род тешко ја притискале неговата душа, а изворот на неговите солзи потекол кога посакал да ги отстрани сите нивни неволји.

„А Исус пак, длабоко трогнат, дојде до гробот.“ Лазара го положиле во длабнатина во карпа и пред влезот бил ставен голем камен. „Тргнете го каменот!“ рекол Христос. Мислејќи дека сака само да го погледне умрениот, Марта приговорила, велејќи дека телото веќе четири дена е закопано и дека веќе почнало да се распаѓа. Ова тврдење, изречено пред воскресението на Лазара, не им дало никаква можност на Христовите непријатели да кажат дека е сторена измама. Во минатото фарисеите ширеле лажни тврдења за највеличествените пројави на Божјата сила. Кога Христос ја подигнал во живот ќерката на Јаира, рекол: „Девојчето не е умрено, туку спие!“ (Марко 5,39). Бидејќи било болно само кратко време, а воскресението се случило непосредно по смртта, фарисеите изјавиле дека детето не било мртво, дека сам Христос кажал оти тоа спие. Настојувале да прикажат како Христос не може да ја излекува болеста и дека неговите чуда се измама. Меѓутоа, во овој случај никој не можел да откаже дека Лазар бил мртов.

Кога Господ има намера да стори некое дело, сатаната влијае врз некого да му се противстави. „Тргнете го каменот!“ рекол Христос. Колку што е можно, подгответе го патот за моето дело. Меѓутоа, се покажала самоуверената и честољубива природа на Марта. Не била расположена телото што се распаѓа да се изнесе на видело. Човечкото срце бавно ги сфаќа Христовите зборови и верата на Марта не го сфатила вистинското значење на неговото ветување.

Христос ја укорил Марта, но неговите зборови се изговорени мошне благо. „Нели ти реков, ако веруваш, ќе ја видиш Божјата слава?“ Зошто да се сомневаш во мојата сила? Зошто расудуваш спротивно на моите барања? Го имаш мојот збор. Ако веруваш, ќе ја видиш Божјата слава. Природните неможности не можат да го спречат делото на Семожниот. Сомневањето и неверството не се понизност. Безусловното верување во Христовиот збор е вистинска понизност, вистинска лична преданост.

„Тргне го каменот!“ Христос можел да ѝ нареди на плочата да се тргне и таа би го послушала неговиот глас. Тој можел да им наложи на ангелите кои биле во негова непосредна близина да го сторат тоа. На негова заповед, невидливи раце би ја отстраниле плочата. Меѓутоа, неа требало да ја отстранат човечки раце. На тој начин Христос сакал да покаже дека човечкото треба да соработува со божественото. Она што може да го стори човечката сила, божествената сила не е повикана да го стори. Бог не ја отфрла човечката помош. Тој го засилува човекот, соработува со него кога тој ја користи силата и способностите што му се подарени. (продолжува)

Pin It on Pinterest