(продолжува од претходниот ден) Христос рекол за Духот: „Тој ќе ме прослави мене.“ Како Спасителот што дошол да го прослави Отецот, откривајќи ја неговата љубов, така и Духот треба да го прослави Христа откривајќ и му ја на светот неговата милост. Во човештвото треба да се обнови Божјиот лик. Божјата чест и Христовата чест се поврзани со совршенството на карактерот на неговиот народ.
„А кога ќе дојде Тој (Духот на вистината), ќе го увери светот за гревот, за праведноста и за судот.“ Проповедањето на евангелието без постојано присуство и помош од Светиот Дух би било некорисно. Тој е единствен успешен Учител на божествената вистина. Само кога Духот ќе ја придружува вистината до срцето, таа ќе ја разбуди совеста и ќе го преобрази животот. Човекот може да биде подготвен да го изнесе словото на Божјата реч, тој може да биде запознат со сите нејзини заповеди и ветувања, но ако Светиот Дух не ја всади вистината, ниедна душа нема да падне врз Карпата и да се скрши. Никакво образование, никакви предимства, колку и да се големи, не можат без соработка со Божјиот Дух да го сторат човекот канал на светлината. Сеењето на евангелското семе нема да биде успешно ако животот во семето не го поттикне небесна роса. Пред да биде напишана која било книга на Новиот завет, пред да биде изречена која и да било проповед по Христовото вознесение, Светиот Дух се излеал врз апостолите кои се молеле. Тогаш сведоштвото на нивните непријатели гласело: „Вие го исполнивте Ерусалим со своето учење“ (Дела 5,28).
Христос на својата Црква ѝ ветил дар Светиот Дух и тоа ветување ни припаѓа и нам колку и на првите ученици. Има многу такви кои веруваат и тврдат дека имаат право на Господовото ветување; тие зборуваат за Христа и за Светиот Дух, но од тоа немаат никаква корист. Тие не им ја покоруваат својата душа на божествените сили да ја водат и да управуваат со неа. Ние не можеме да го употребуваме Светиот Дух. Духот треба нас да нè употреби. Бог му помага на својот народ со својот Дух за да живее „според неговата волја“ (Филипјаните 2,13).
Но мнозина не сакаат да го прифатат ова. Тие сакаат да управуваат сами со себе. Тоа е причината што не го примаат овој небесен дар. Духот им се дава само на оние што понизно го чекаат Бога, што очекуваат негово водство и милост. Божјата сила очекува од нив барање и прифаќање. Овој ветен благослов, што го бараме со вера, носи со себе други благослови. Тој се дава според богатството на Христовата милост и Бог е готов да ѝ го даде на секоја душа според мерката со која може да го прими.
Во својот говор пред учениците Исус не изнел никакво тажно навестување за своите страдања и смрт. Последно завештание за нив било завештанието за мир. Рекол: „Ви оставам мир, ви го давам мојот мир. Не ви го давам како што го дава светот. Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се плаши.“
Пред да ја напушти Горната соба, Спасителот своите ученици ги повел во фалбена песна. Неговиот глас не бил зачинет со тага, туку со радосни тонови на пасхален фалбо спев:
„Фалете го Господа, сите народи, Возвишувајте го, сите племиња! Зашто неговата верна љубов кон нас е неизмерна, Верноста Господова е вечна! Слава на Господа!“ (Псалм 117)
По химната излегле. Се пробивале низ затрупаните улици и, поминувајќи низ градската капија, се упатиле кон Маслинската гора. Оделе полека, секој потонат во свои мисли. Кога почнале да се спуштаат кон гората, Исус рекол со глас полн со длабока болка: „Сите вие, оваа ноќ ќе се соблазните заради мене, зашто е пишано: ‘Ќе го убијам пастирот, а овците од стадото ќе се разбегаат’“ (Матеј 26,31). Учениците слушале со болка и со чудење. Се сетиле како во Капернаум мнозина во си нагогата се соблазниле и го напуштиле Исуса кога зборувал за себе како за леб на животот. Меѓутоа, овие дванаесетмина не се покажале како неверни. Тогаш Петар, зборувајќи во име на своите браќа, му ја изразил својата преданост на Христа. При тоа Спасителот рекол: „Зар не ве избрав јас два наесетмина, и сепак еден од вас е ѓавол?“ (Јован 6,70). Во Горната соба Исус рекол дека еден од дванаесеттемина ќе го предаде, а Петар ќе се откаже од него. Но сега неговите зборови се однесувале на сите. (продолжува)