„Кога дојдоа на местото наречено Черепница, таму го распнаа него.“
„За да го освети народот со својата крв“, Христос „настра да надвор од градската порта“ (Евреите 13,12). Поради прекршувањето на Божјиот закон, Адам и Ева морале да го напуштат Едем. Нашата Замена, Христос, требало да страда надвор од меѓите на Ерусалим. Тој умрел надвор од градските капии, на местото на кое се погубувани злосторниците и убијците. Следните зборови имаат полно значење: „Христос нè откупи од проклетството на законот, откако стана проклетство за нас“ (Галатите 3,13).
Од судницата до Голгота Исуса го следело големо мноштво. Веста за неговата пресуда се раширила низ цел Ерусалим и луѓето од сите општествени слоеви и положби во групи се слевале кон местото на распнувањето. Свештениците и поглаварите се обврзале ветувајќи дека нема да ги малтретираат Христовите следбеници ако Тој им биде предаден, па учениците и верните од градот и од околината му се придружиле на мноштвото што го следело Спасителот.
Кога Исус поминал низ капијата на Пилатовиот двор, крстот што бил приготвен за Варава е положен врз неговите ранети и крвави плеќи. Заедно со Исуса требало да бидат погубени двајца другари на Варава, па и врз нив се положени крстови. За слабиот и премален Спасител овој товар бил премногу тежок. Од пасхалната вечера со своите ученици ништо ниту јадел ниту пиел. Бил изложен на претсмртни маки борејќи се со сатанските сили во Гетсиманската градина. Ја поднел болката на предавството и ги видел учениците како го напуштаат и бегаат. Бил воден кај Ана, потоа кај Кајафа а после кај Пилата. Од Пилата бил испратен кај Ирода, а потоа вратен кај Пилата.
Постојано поднесувал навреди и исмевања; двапати бил шибан цела таа ноќ се ределе сцени со таква природа што до крајни граници ја искушавале човековата душа. Христос не попуштил. Не изговорил ниту еден збор што не би бил на слава на Бога. Во текот на целокупната срамна судска фарса се држел решително и достоинствено. Но, по второто шибање, кога врз него е положен крст, човечката природа не можела повеќе да издржи. Онесвестен паднал под товарот.
Толпата што го придружувала Спасителот ги видела неговите слаби и тетерави чекори, но не покажала сочувство. Го исмевале и го навредувале затоа што не можел да го носи тој тежок крст. Повторно товарот е ставен врз него и повторно паднал онесвестен на земја. Неговите мачители сфатиле дека не ќе може понатаму да го носи својот товар. Биле загрижени барајќи некого што би го понел тоа понижувачко бреме. Евреите тука не можеле да помогнат, затоа што сквернавењето би ги спречило да празнуваат Пасха. Дури ни од џганот што го придржувал никој не сакал да се наведне и да го понесе крстот.
Во тоа време некој странец, Симон од Кирина, враќајќи се од поле, го сретнал мноштвото. Го слушнал исмевањето и простачките навреди од толпата; го чул повторувањето на презривите зборови: Направете премин за еврејскиот цар! Застанал чудејќи се на оваа сцена, и бидејќи покажал сочувство, го грабнале и го ставиле крстот врз неговите плеќи.
Симон слушал за Исуса. Неговите синови поверувале во Спасителот, но самиот тој не бил ученик. Носењето на крстот до Голгота било благослов за Симона и тој секогаш потоа бил благодарен за ова провидение. Тоа го повело доброволно да го избере Христовиот крст и секогаш радосно да стои под неговиот товар.
Среде мноштвото се наоѓале многу жени кои го придружувале Оној што не заслужил сурова смрт. Нивното внимание било сосредоточено на Христа. Некои од нив го виделе порано. Некои кај него ги воделе своите болни и јадосани. Некои и од нив биле исцелени. Ги прераскажувале сцените што се случувале. Ѝ се чуделе на омразата на мноштвото кон него за кого нивните срца биле трогнати и скршени. Наспроти однесувањето на разјарениот џган и лутите зборови на свештениците и поглаварите, овие жени го изразиле своето сочувство. Кога Христос паднал под крстот онесвестен, тие почнале тажно да редат. (продолжува)