(продолжува од претходниот ден) Со своите слаби мерила не можеле да проникнат во мисијата што дошол да ја исполни и затоа не можеле да сочувствуваат со него во неговите искушенија. Нивните груби, потценувачки зборови покажувале дека немаат вистинско разбирање за неговиот карактер и дека не го сфатиле соединувањето на божествената природа со човечката. Често го гледале обземен со болка, но наместо да го тешат, со своите груби зборови само го ранувале неговото срце. Неговата чувствителна природа била изложена на маки, неговите побуди погрешно сфатени, неговата работа непризната.

Неговите браќа често ја изнесувале филозофијата на фарисеите што била неинтересна и застарена и се осмелувале да мислат како тие можат да го учат него кој ја разбрал целокупната вистина и ги познавал сите тајни. Слободно го осудувале она што не можеле да го разберат. Нивните префрлања го погодиле до сржта, а неговата душа била уморна и ујадена. Јавно исповедале вера во Бога и мислеле дека го бранат Бога, но, иако Бог бил со нив во тело, тие не го познавале.

Сето ова ја направило трнлива патеката по која одел. Неразбирањето во сопствениот дом толку го жалостело Христа, што за него било олеснение да оди таму каде што не постоело тоа. Постоел еден дом што сакал да го посетува домот на Лазара, Марија и Марта; зашто во атмосферата на вера и љубов неговиот дух наоѓал одмор. Па сепак, на земјата немало никој што би можел да ја сфати неговата божествена мисија или да го разбере товарот што го носел за човечкиот род. Често поткрепа можел да најде само во самотија и во разговор со својот небесен Отец.

Оние што се повикани да страдаат за Христа, што мора да поднесуваат неразбирање и потценување, дури во сопствениот дом, можат да најдат утеха во помислата дека истото тоа го поднесувал и Исус. Тој сочувствува со нив. Ги повикува во него да најдат заедница и потпора таму каде што го наоѓал Тој, во заедница со Отецот.

Оние што ќе го прифатат Христа како свој личен Спасител, не се оставени како сирачиња, сами да ги сносат животните искушенија. Тој ги прифаќа како членови на небесното семејство и ги повикува неговиот Отец да го викаат свој Татко. Тие се негови „малечки“, драги на Божјето срце, поврзани со него со најнежни и најтрајни врски. Тој кон нив негува безгранична нежност која во толкава мера го надминува она што го чувствувале нашиот татко или мајка кон нас во нашата беспомошност, колку што е божественото над човечкото.

Во законите што му се дадени на Израел постои еден убав сликовит приказ за неговиот однос кон неговиот народ. Кога еден Евреин поради сиромаштво бил присилен да го напушти своето наследство и себеси да се продаде како роб, должноста да го откупи и него и неговото неследство му припаѓала на оној што бил негов најблизок роднина (види: 3. Мојсеева 25,25.47­49; Рута 2,20). Така и делото на откуп за нас и за нашето наследство, загубено поради гревот, му припаѓа на Оној што ни е „најблизок роднина“. За да нè избави, Тој станал наш роднина. Господ Спасителот е поблизок од таткото, од мајката, од братот, од пријателот или од саканото суштество. „Не бој се“, вели Тој, „зашто јас те откупив; те повикав по име, ти си мој.“ „Драгоцен си во моите очи, скапоцен си и јас те сакам. Затоа и давам луѓе за тебе, и народи за твојот живот“ (Исаија 43,1.4).

Христос ги сака небесните суштества што го опкржуваат неговиот престол, но како може да се објасни големата љубов со која нè љуби нас? Ние не можеме да ја сфатиме, но со нашето искуство можеме да знаеме дека таа е вистинска. Ако ја одржуваме нашата роднинска врска со него, со каква нежност ќе се однесуваме кон оние што му се браќа и сестри на нашиот Господ! Зар нема бргу да ги препознаеме барањата на нашето божествено роднинство? Посинети во Божјето семејство, зар не ќе го почитуваме нашиот небесен Татко и нашите роднини?

Pin It on Pinterest