Исус својата служба не ја почнал со некое големо дело пред Синедрионот во Ерусалим. Тој својата моќ ја открил во семеен круг во едно малечко галилејско село и со тоа ја зголемил радоста на една свадбена свеченост. На овој начин ја покажал својата наклоност кон луѓето и својата желба да им помогне да бидат среќни. Во пустината на искушението Тој сам ја испил чашата на страдањата. Дошол на луѓето да им подаде чаша на благослов и со неа да ги посвети врските на човечкиот живот.

Од Јордан Исус се вратил во Галилеја. Во Кана, малечка населба недалеку од Назарет, требало да се одржи свадба; младенците биле роднини на Јосифа и Марија, па Исус, знаејќи за овој семеен собир, отишол во Кана и со своите ученици бил повикан на свеченоста.

Повторно ја сретнал мајка си од која се разделил за извесно време. Марија чула за откровението на Божјата слава на Јордан при неговото крштавање. Вестите стигнале и до Назарет и во нејзините мисли оживеале сцените што толку години биле скриени во нејзиното срце. Марија, заедно со цел Израел, била силно поттикната со работата на Јована Крстителот. Таа добро се сеќавала за пророштвото дадено при неговото раѓање. Сега неговата поврзаност со Исуса пак ги загреала нејзините надежи. Меѓутоа, до неа исто така допреле и вестите за Исусовото таинствено заминување в пустина, па ја мачеле мрачни претчувства.

Од денот кога во домот во Назарет ја слушнала објавата на ангелот, Марија редела во срцето секој доказ дека Исус е Месија. Неговиот мил, несебичен живот ја уверил дека Тој не може да биде никој друг освен Пратеник од Бога. Сепак, таа се соочувала со сомневања и со разочарувања и копнеела за времето кога ќе се открие неговата слава. Смртта ја разделила од Јосифа, кој со неа ја делел нејзината тајна за Исусовото раѓање. Сега немало повеќе никој на кого би можела да му ги довери своите надежи и стравувања. Двата поминати месеци биле мошне тажни. Била одвоена од Исуса во чиешто сочувство наоѓала утеха; размислувала за зборовите на Симеона: „А тебе меч ќе ти ја прободе душата“ (Лука 2,35); се сетила за тридневните длабоки душевни страдања кога мислела дека засекогаш го загубила Исуса и кога со копнеж го очекувала да се врати.

На свадбената свеченост го сретнала истиот нежен и послушен Син. Сепак, не бил ист. Неговиот лик се изменил. На него се виделе траги од борбата што ја водел во пустината, а новиот израз на достоинство и сила давал доказ за неговата небесна мисија. Со него е група млади луѓе, чиишто очи го следат со почит и кои го викаат Учител. Овие придружници ѝ раскажуваат на Марија за тоа што го виделе и што го слушнале при крштавањето и на други места. Тие заклучуваат: „Го најдовме Оној за кого пишуваше Мојсеј во законот, а исто така и пророците“ (Јован 1,45).

Кога се собрале гостите, се чинело дека мнозина се окупирани со некоја мошне интересна тема. Друштвото било проникнато со придушена возбуда. Во групи се воделе живи, но тивки разговори, а повремено кон синот на Марија биле насочувани испитувачки погледи. Кога Марија го слушнала сведочењето на учениците за Исуса, се израдувала што нејзините најтајни надежи не биле напразни. Сепак, таа би била многу повеќе отколку човечко суштество кога со оваа света радост не би се помешала и малку природна горделивост на една нежна мајка. Кога видела многу погледи насочени кон Исуса, копнеела за тоа да го одоброволи да му докаже на ова друштво дека навистина Тој е Почитуваниот од Бога. Се надевала дека можеби ќе му се укаже прилика пред нив да стори некое чудо. (продолжува)

Pin It on Pinterest