(продолжува од претходниот ден) Така Исус го запознал Петар со начинот на кој ќе умре; го преткажал дури и ширењето на неговите раце на крст. Повторно му заповедал на својот ученик: „Следи ме!“ Петар не се обесхрабрил со ова откровение. Се чувствувал подготвен да претрпи секаква смрт за својот Господ.

До тогаш Петар го знаел Христа по тело, како мнозина денеска што го знаат; но не требало да биде и понатаму така ограничен. Тој не го познавал ниту малку повеќе отколку што го познавал порано, дружејќи се со него како со човек. Го сакал како човек, како учител пратен од Небото. Сега го сакал како Бог. Ја учел поуката дека Христос за него е сè во сè. Сега бил приготвен со својот Господ да учествува во неговата служба на жртвата. На крај, кога е доведен до крстот, на свое барање е распнат со главата надолу. Го сметал за премногу голема чест да страда на ист начин како и неговиот Учител.

Зборовите „Следи ме!“ за Петар биле полни со поука. Поуката се однесувала не само на неговата смрт, туку и на секој чекор во неговиот живот. До тогаш Петар бил склон да работи независно. Се обидувал да прави планови за Божјето дело, наместо да чека и да го следи Божјиот план. Меѓутоа, не добил ништо со тоа што брзал пред Господа. Исус му заповедал: „Следи ме!“ Немој да трчаш пред мене. Тогаш не ќе мораш сам да се судриш со војската на сатаната. Дозволи ми мене да одам пред тебе и непријателот нема да те победи.

Додека Петар одел крај Исуса, го видел Јована како го следи. Се јавила желба да ја дознае неговата иднина и „го праша Исуса: ‘Господе, а што е со овој?’ Исус му одговори: ‘Ако сакам тој да остане додека не дојдам, што те засега тоа тебе? Ти следи ме!’“ Петар требало да има на ум дека неговиот Господ ќе му открие сè што би било најдобро за него да го знае. Секој е должен да го следи Христа и да не се грижи за работата што им е одредена на другите. Зборувајќи за Јована „Ако сакам тој да остане додека не дојдам“, Исус не дал никакво цврсто ветување дека овој ученик ќе живее сè до второто Христово доаѓање. Тој само ја потврдил својата врховна власт и кога Тој навистина би сакал тоа да биде така, тоа воопшто не би влијаело врз работата на Петар. Иднината и на Јована и на Петар била во рацете на нивниот Господ. Нивна поединечна должност била да му бидат послушни и да го следат.

Колку денеска има такви кои се слични на Петар! Тие се интересираат за работата на другите, желни да ја запознаат нивната должност, додека самите се во опасност да ја занемарат својата.

Наша задача е да гледаме на Христа и да го следиме. Ние ќе ги видиме грешките во животот на другите и маните на нивниот карактер. Човечкиот род е подложен на слабости. Но во Христа ќе најдеме совршенство. Набљудувајќи го него, ќе бидеме преобразени.

Јован доживеал длабока старост. Бил сведок на разурнувањето на Ерусалим; го видел уништувањето на велелепниот храм и ги посматрал знаците на конечното уништување на светот. Сè до своите позни денови Јован го следел својот Господ. Суштина на неговото сведоштво упатено до црквите била: „Драги мои, да се сакаме еден со друг“; „оној кој останува во љубовта, останува во Бога и Бог останува во него“ (1. Јованово 4,7.16).

Петар е вратен во апостолство, но честа и власта што ги примил од Христа не му дале право да господари над своите браќа. Христос тоа го објаснил кога одговорил на прашањето на Петар: „А што е со овој?“ Му рекол: „Што те засега тоа тебе? Ти следи ме!“ На Петар не му е дадена чест да биде глава на Црквата. Склоноста што ја покажал Христос кон Петар проштавајќи му го откажувањето и доверувајќи му да го пасе стадото, и неговата лична верност во следењето на Христа, му помогнале тој да се здобие со доверба кај неговите браќа. Имал големо влијание во Црквата. Меѓутоа, поуката што му ја дал Христос крај Галилејското Море, Петар ја понел во текот на целиот живот. Пишувајќи им на црквите, воден од Светиот Дух, рекол: „Затоа старешините меѓу вас ги поттикнувам јас, кој сум и самиот старешина и сведок на Христовите страдања и учесник во славата која ќе се открие: Пасете го Божјето стадо, кое е меѓу вас, и надгледувајте го, не со принуда, туку доброволно, како што Бог сака; не со желба за нечесна печалба, туку со искрено срце; и не како да господарите над такви кои ви се доверени, туку бидете му пример на стадото. А кога ќе се појави врховниот Пастир, ќе примите венец на слава што не венее“ (1. Петрово 5,1­4)

Pin It on Pinterest