(продолжува од претходниот ден) Фарисеите увиделе дека јавно ги истакнуваат активностите што ги извршувал Исус. Не можеле да го оспорат чудото. Слепиот човек бил исполнет со радост и благодарност; ги набљудувал прекрасните дела во природата и се восхитувал гледајќи ја убавината на земјата и небото. Слободно го изнесувал своето искуство, а тие пак се обидувале да го замолчат, велејќи: „Прослави го Бога! Ние знаеме дека тој човек е грешник.“ Тоа значи: Немој повторно да кажеш дека овој човек ти го вратил видот; Бог е тој што го сторил тоа.

Слепиот човек одговорил: „Дали е грешник  не знам, но едно знам: Бев слеп, а сега гледам.“

Тогаш повторно го прашале: „Што ти стори? Како ти ги отвори очите?“ Се обиделе да го збунат со многу зборови со цел самиот себеси да се смета за прелаган. Сатаната и неговите лоши ангели застанале на страна на фарисеите, соединувајќи ги своите сили и своето лукавство со човечкото расудување за да дејствуваат против Христовото влијание. Тие ги отапиле осведочувањата што се продлабочувале во многу умови. Божјите ангели исто така биле присутни за да го засилат човекот на кого му е вратен видот.

Фарисеите не сфатиле дека имаат работа со некој Друг, а не со еден необразован човек кој бил слеп од раѓање. Не го знаеле Оној со кого биле во судир. Душата на слепиот човек ја осветлила божествена светлина. Додека овие лицемери се обидувале да го наведат на неверство, Бог му помогнал со силата и со решителноста на своите одговори да покаже дека не сака да биде заведен. Одговорил: „Веќе ви реков, а вие не слушавте, зошто сакате да чуете повторно? Да не сакате и вие да станете негови ученици? Тие го прекорија и рекоа: ‘Ти си негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици?’“

Господ Исус знаел за тешкото искушение низ кое поминува овој човек и затоа му дал милост и сила да зборува, така што станал сведок за Христа. Тој на фарисеите им одговарал со зборови што биле остар укор за оние што му поставувале прашања. Тврделе дека се толкувачи на Писмото, верски водачи на народот, а сепак тука бил Оној што правел чуда, иако очигледно не знаеле за изворот на неговата сила, за неговиот карактер и за неговите права. „Токму тоа е за чудење“, рекол човекот, „што вие не знаете од каде е, а Тој ми ги отвори очите. Знаеме дека Бог не слуша грешници, туку оној кој е богобојазлив и ја врши неговата волја, него го слуша.“

Човекот се сретнал со своите испитувачи на нивна почва. Неговото расудување не можело да се негира. Фарисеите биле вчудовидени и воздржани, восхитени со неговите остри и решителни зборови. Неколку мига владеела тишина. Тогаш, намрштени, свештениците и рабините ги стегнале облеките околу себе, како да се плашат од зараза во допир со него, го истресле правот од нозете и му дофрлиле навреда: „Ти си целиот роден во гревови, ти ли ќе нè учиш нас?“ И го исклучиле.

Исус чул што се случило и кога го нашол набргу потоа, му рекол: „Веруваш ли ти во Божјиот Син?“

За првпат слепиот човек го гледал в лице својот Исцелител. Пред Советот ги видел своите родители ујадени и збунети; ги набљудувал намрштените лица на рабините; сега неговите очи се задржале на љубезното, благо Исусово лице. Тој веќе порано скапо платил за тоа што го признал како Пратеник на божествената сила; сега му е подарено повозвишено откровение.

На прашањето на Спасителот: „Веруваш ли ти во Божјиот Син?“, слепиот човек одговорил со прашање: „А кој е тој, Господине, за да верувам во него?“ Исус му рекол: „Ти веќе го виде, Тој зборува со тебе“. Човекот со страхопочит се фрлил пред Христовите нозе. Не само што му бил вратен природниот вид, туку се отвориле и очите на неговата моќ да сфати. Христос ѝ се открил на оваа душа и таа го примила како Пратеник од Бога.

Недалеку се собрала група фарисеи, па кога го видел тоа, на Исуса на ум му дошла спротивноста што секогаш се покажувала при дејствувањето на неговите зборови и постапки. Рекол: „Јас дојдов на овој свет за суд, за да прогледаат оние кои не гледаат и за да ослепат оние кои гледаат.“ Христос дошол да ги отвори слепите очи, да им даде светлина на оние што седат во темнина. Се објавил себеси како Светлина на светот, а чудото што го сторил пред малку ја потврдило неговата мисија. Луѓето што го гледале Спасителот при неговото доаѓање биле почестени со поцелосно откровение на Божјето присуство од она што светот го доживеал порано. Знаењето за Бога е откриено многу посовршено. Меѓутоа, токму со ова откровение, врз луѓето паднала осуда. Нивниот карактер бил искушан, нивната судбина решена.

Откривањето на божествената сила, која на слепиот човек му дала и природен и духовен вид, ги оставило фарисеите во уште поголема темнина. Некои од неговите слушатели, сметајќи дека Христовите зборови се однесуваат на нив, прашале: „Да не сме и ние слепи?“ Исус одговорил: „Да бевте слепи немаше да имате грев“. Кога Бог не би ви овозможил да ја видите вистината, вашето незнаење не би повлекувало по себе никаква вина. „А сега тврдите дека гледате.“ Верувате дека можете да видите, а го отфрлате средството со чија помош единствено можете да добиете вид!

На сите што ја увидуваат својата потреба, Христос им доаѓа со неизмерна помош. Меѓутоа, фарисеите не сакале да признаат никаква потреба, не сакале да дојдат кај Христа и затоа биле оставени во слепило слепило за кое самите биле виновни. Исус рекол: „Затоа гревот ви останува.“

Pin It on Pinterest