(продолжува од претходниот ден) Кога би знаеле дека го мачат Оној што дошол да го спаси грешниот човечки род од вечна пропаст, би ги обзела грижа на совеста и ужас. Меѓутоа, нивното незнаење не ја отстранило нивната вина, зашто имале предимство да го запознаат и да го прифатат Исуса како свој Спасител. Некои од нив еден ден ќе го увидат својот грев, ќе се покаат и ќе се преобратат. Некои со својата окоравеност оневозможиле Христовата молитва за нив да биде примена. Сепак, и покрај сето тоа, Божјиот план ја постигнал својата цел. Исус стекнал право да стане застапник на луѓето пред Божјето лице.
Таа Христова молитва за неговите непријатели го опфатила овој свет. Таа го прима секој грешник кој живеел или кој ќе живее од почетокот на светот до крајот на времето. Врз сите нив почива вината за распнувањето на Божјиот Син. На сите бесплатно им се нуди проштавање. „Секој што сака“ може да има мир со Бога и да наследи вечен живот.
Кога Исуса го приковале, силни луѓе го подигнале крстот и со голема сила го всадиле на местото што било приготвено за тоа порано. Тоа кај Божјиот Син предизвикало неискажливи болки. Тогаш на крстот над Исусовата глава Пилат ставил натпис на еврејски, грчки и латински. Тој гласел: „Исус Назареќанец, цар еврејски.“ Овој натпис ги разлутил Евреите. Во Пилатовата судница викале: „Распни го!“ „Ние немаме друг цар, освен цезарот“ (Јован 19,15). Изјавиле дека секој што признава некој друг цар е предавник. Пилат го напишал чувството што му го изразиле. Не е спомнат никаков престап, освен дека Исус е еврејски цар. Натписот всушност бил признавање на поданичката покорност на Евреите кон римската сила. Тој прогласувал дека тие ќе го осудат на смрт секого што би се осмелил да се нарече цар Израелов. Свештениците се измамиле.
Кога ковеле заговор како да го убијат Христа, Кајафа изјавил дека е добро еден човек да умре за да се спаси народот. Сега е откриено нивното лицемерство. За да го уништат Христа, биле готови да го жртвуваат дури и опстанокот на својот народ.
Свештениците увиделе што сториле, па го замолиле Пилата да го промени натписот. Рекле: „Не пишувај: ‘Цар еврејски’, туку дека Тој рече: ‘Јас сум цар еврејски.’“ Меѓутоа, Пилат, лут на самиот себе поради поранешната слабост, потполно ги презрел љубоморните и препредени свештеници и водачи. Студено одговорил: „Тоа што го напишав, го напишав.“
Со поставувањето на овој натпис над Исусовата глава управувала една сила повисока од Пилата или од Евреите. Според Божјето провидение, тој требало да ги разбуди луѓето да размислуваат и да го истражуваат Светото писмо. Местото на кое Исус бил распнат било во близина на градот. Во тоа време илјадници луѓе од сите земји се наоѓале во Ерусалим па натписот со кој Исус од Назарет е прогласен за Месија го привлекувал нивното внимание. Тоа била жива вистина напишана со рака што ја водел Бог.
Во Христовите страдања на крстот се исполнило пророштвото. Со векови пред распнувањето, Спасителот преткажал како ќе се постапува со него. Рекол: „Глутница од кучиња ме опколи, толпа злодејци ме сардисаа: рацете и нозете ми ги прободоа. Коските можам да си ги избројам, а луѓето ѕурат во мене и злобно ме гледаат. Алиштата мои меѓу себе ги делат, за мојата облека ждрепка фрлаат“ (Псалм 22,1618). Пророштвото што се однесувало на неговата облека се исполнило без совет или вплеткување на пријателите или непријателите на Распнатиот. Неговата облека им е дадена на војниците што го положиле на крст. Христос го слушнал препирањето на луѓето додека меѓу себе ја делеле облеката. Неговата долама била исткаена без ниеден шев и затоа рекле: „Да не ја кинеме, туку да фрлиме ждрепка за неа кому да му припадне!“
Во едно друго пророштво Спасителот изјавил: „Подбивањата ми го кинат срцето и се чувствувам безнадежно; чекав некој над мене да се сожали но никој не се појави; никој не се најде да ме утеши. Со пелин ме хранеа и со оцет жедта ми ја гаснеа!“ (Псалм 69,20.21). На оние што умирале на крст им давале некое опојно средство за да го умртви чувството на болката. Тоа му е понудено и на Исуса, но кога вкусил, Тој тоа го одбил. Не сакал да прифати ништо што би можело да го затемни неговиот ум. Неговата вера мора и понатаму цврсто да се потпира врз Бога. Тоа била негова единствена сила. Да се затемнат неговите сетила значело да му се даде предимство на сатаната. (продолжува)