(продолжува од претходниот ден) „Научете се од мене“, вели Исус, „зашто јас сум кроток и понизен по срце; а вие ќе најдете починка за своите души.“ Треба да влеземе во Христовата школа, од него да се научиме на понизност и кротост. Откупувањето е постапка во која душата се приготвува за небото. Оваа подготовка значи познавање на Христа. Тоа подразбира ослободување од замислите, од навиките и постапките што се стекнати во школата на кнезот на темнината. Душата мора да се ослободи од сè што ја одвраќа од Бога.

Во Христовото срце, во кое владеела совршена хармонија со Бога, владеел совршен мир. Никогаш не се извишувал поради пофалбите, ниту се обесхрабрил поради прекорите или разочарувањата. Среде најголемото противставување и најсвирепите постапки, секогаш бил храбар. Меѓутоа, мнозина што тврдат дека се негови следбеници, имаат загрижено и вознемирено срце затоа што се плашат себеси да му се доверат на Бога. Тие не му се предаваат целосно нему, зашто се плашат од последиците што може да ги донесе таквата преданост. Додека не му се потчинат на Бога, не можат да најдат мир.

Немир донесува љубовта кон себеси. Кога ќе бидеме родени озгора, во нас ќе почива истиот дух што почивал и во Исуса, дух што го довел дотаму да се понизи за да можеме ние да се спасиме. Тогаш нема да бараме највисоки места. Ние ќе копнееме да седиме крај Исусовите нозе и да учиме од него. Ќе сфатиме дека вредноста на нашиот труд не се мери со надворешниот сјај и со бучавата во светот, ниту со тоа што сме вредни и ревни во својата сопствена сила. Вредноста на нашиот труд може да се мери со вредноста на Светиот Дух што сме го примиле. Довербата во Бога му донесува посвети особини на умот, така што со трпението можеме да ја сочуваме својата душа.

Јаремот им се става на воловите за да им помогне во теглењето на товарот, за да им го олесни товарот. Така е исто и со Христовиот јарем. Кога нашата волја се слеала со Божјата волја и кога ние неговите дарови ги употребуваме на благослов на другите, ќе увидиме дека животниот товар ни е лесен. Оној што оди по патот на Божјите заповеди, оди во друштво со Исуса и срцето наоѓа одмор во неговата љубов. Кога Мојсеј се молел: „Покажи ми ги своите патишта за да те сфатам“, Господ му одговорил: „Јас лично ќе појдам со тебе и ќе ти дадам одмор.“ И преку пророкот е дадена вест: „Вака рече Господ: ‘Застанете на некогашните патишта и распрашајте се за старите патеки кој пат води кон добро? Појдете по него и ќе најдете спокојство за своите души’“ (2. Мојсеева 33,13.14; Еремија 6,16). И пак кажува: „О да внимаваше на моите заповеди, мирот твој ќе беше како река, а праведноста твоја како бранови морски“ (Исаија 48,18).

Оние што го држат Христа за збор и ја ставаат својата душа под негова заштита, своите животи под негово водство, ќе најдат мир и спокој. Ништо на светот не може да ги ожалости кога Исус ќе ги израдува со своето присуство. Во совршеното помирување се наоѓа совршен одмор. Господ вели: „На оној што се држи за тебе му даваш мир, зашто се надева во тебе“ (Исаија 26,3). Нашите животи можат да изгледаат замрсени; но ако му се довериме на мудриот, големиот Архитект, Тој ќе изгради модел на живот и карактер што ќе ѝ служи на чест на неговата слава. Тој карактер што ја изразува славата Христовиот карактер ќе биде примен во Божјиот рај. Обновеното човештво ќе оди со него во бела облека, зашто е достојно.

Бидејќи преку Христа влегуваме во одмор, небото почнува овде. Ние одговараме на неговиот повик: „Дојдете и научете се од мене“, и во тоа доаѓање го почнуваме вечниот живот. Небото е постојано приближување кон Бога преку Христа. Колку подолго живееме во небесното блаженство, сè повеќе ќе ни се открива славата; и колку повеќе го познаваме Бога, сè посилна ќе биде нашата среќа. Додека одиме со Исуса во овој живот, можеме да бидеме исполнети со неговата љубов, задоволни со неговото присуство. Сè што може да поднесе човечката природа, можеме да го примиме овде. Но што е тоа кога ќе се спореди со она што ќе настапи потоа? „Затоа се пред Божјиот престол и му служат дење и ноќе во неговиот храм; а Оној кој седи на престолот, ќе го распне својот шатор над нив. Нема веќе да огладнат, ниту да ожеднат, ниту сонцето ќе ги пече, ниту, пак, некаква жега, зашто Јагнето, кое е среде престолот, ќе ги пасе и ќе ги води на извори на жива вода, а Бог ќе избрише секоја солза од нивните очи“ (Откровение 7,15 ­17).

Pin It on Pinterest