(продолжува од претходниот ден) О чудесна Христова љубов, што си се наведнала да ги исцелиш грешните и ујадените! Божество кое жали и ги ублажува несреќите на човештвото што страда! О чудесна сило што така им се покажуваш на синовите човечки! Кој може да се сомнева во веста за спасението? Кој може да го потцени милосрдието на Откупителот полн со сочувство?

Иста сила, како и при создавањето, била потребна да му се поврати здравјето на тоа тело во распаѓање. Истиот глас што му донел живот на човекот создаден од правот на земјата, му дал живот и на фатениот што умирал. Истата сила што му дала живот на телото, го обновила и срцето. Тој, кој при создавањето „рече и настана“, кој „заповеда и се покажа“ (Псалм 33,9), со збор ѝ дал живот на душата мртва во престапите и во гревовите. Исцелувањето на телото било доказ за силата што го обновила срцето. Христос му наредил на фатениот да стане и да оди за „да знаете“, рекол Тој, „дека Синот човечки има власт да ги проштава гревовите на земјата“.

Фатениот во Христа нашол исцелување и за духот и за телото. Духовното исцелување било придружено со обновување на телото. Не смееме лекомислено да преминеме преку оваа поука. Денеска постојат илјадници кои страдаат од телесни болести и кои, како фатениот, копнеат да ја слушнат веста: „Ти се проштаваат гревовите!“ Товарот на гревот со својот немир и со незадоволените желби е основа на нивните болести. Тие не можат да најдат олеснение додека не дојдат кај Исцелителот на душата. Мирот што може да го даде само Тој, ќе му даде сила на умот и здравје на телото.

Исус дошол „да ги уништи делата на ѓаволот“. „Во Речта беше животот“, и Тој вели: „Јас дојдов овците да имаат живот и тоа живот во изобилие.“ Тој е „Дух кој оживува“ (1. Јованово 3,8; Јован 1,4; 10,10; 1. Коринќаните 15,45). Тој сè уште ја има истата животодавна сила како и тогаш кога на земјата го лекувал болниот и му проштавал на грешникот. Тој „ти ги проштава сите гревови“, Тој „ти ги исцелува сите болести“ (Псалм 103,3).

Исцелувањето на фатениот дејствувало врз луѓето така што се чинело дека небото се отворило и ја открило сета слава на подобриот свет. Додека човекот што бил исцелен поминувал низ мноштвото благословувајќи го Бога на секој чекор и носејќи го својот товар, леглото, што му било лесно како пердув, луѓето отстапувале за да му направат место со лица што оддавале страхопочит и го гледале без здив, тивко шепотејќи меѓу себе: „Денеска се нагледавме чуда!“

Фарисеите биле неми од вчудовиденост и совладани од поразот. Виделе дека не постои можност нивната љубомора да го разјари мноштвото. Величественото дело сторено над човекот што тие му го препуштиле на Божјиот гнев оставило толку силен впечаток врз народот, што рабините за извесно време биле заборавени. Виделе дека Христос поседува сила што тие му ја припишувале само на Бога, но благородното достоинство на неговото држење било во упадлива спротивност со нивното горделиво однесување. Биле збунети и посрамени препознавајќи, но не признавајќи го присуството на возвишеното Суштество. Колку посилен бил доказот дека Исус има сила да ги проштава гревовите на земјата, сè повеќе се затврднувале во неверството. Од домот на Петар, во кој го виделе фатениот како е исцелен со неговите зборови, отишле да коват планови да го замолкнат Божјиот Син. Телесната болест, колку и да била тешка и длабоко вкоренета, е излечена со Христова сила, но болеста на духот уште посилно завладеала со оние што своите очи ги затвориле пред светлината. Лепрата и парализата не биле толку страшни како фанатизмот и неверството.

Во домот на исцелениот улогавец настанала голема радост кога се вратил во своето семејство, носејќи го со леснотија леглото на кое пред кратко време полека го изнесувале од нивната средина. Се собрале околу него со солзи радоснички, одвај осмелувајќи се да им поверуваат на своите очи. Стоел пред нив во полна сила на својата мажевност. Тие безживотни раце сега биле брзи да ја исполнат неговата волја. Телото што било испиено и имало боја на олово, сега било свежо и румено. Одел со цврст, слободен чекор. На секоја црта на неговото лице биле напишани радост и надеж, а наместо обележјата на гревот и страдањата се појавил израз на чистота и мир. Од тој дом се издигнувала радосна благодарност и Бог се прославил во својот Син кој му ја вратил надежта на безнадежниот и силата на ранетиот. Овој човек и неговото семејство биле готови за Исуса да ги положат своите животи. Никакво сомневање не ја затемнило нивната вера, никакво неверство не ја осуетило нивната ревност кон Оној што внел светлина во нивниот мрачен дом.

Pin It on Pinterest