(продолжува од претходниот ден) Фарисеите себеси се сметале за премногу мудри за да им биде потребна поука, премногу праведни за да им биде потребно спасение, премногу почитувани за да им биде потребна почит што доаѓа од Христа. Спасителот ги напуштил нив за да најде други кои ќе ја прифатат небесната порака. Кај необразованите рибари, кај цариникот на царинарницата, кај жената Самарјанка, кај обичниот народ што со задоволство го слушал, нашол свои нови мевови за новото вино. Орудијата што ќе се употребат во делото на евангелието се луѓе кои радо ја прифаќаат светлината пратена од Бога. Тоа се негови претставници кои му ја пренесуваат вистината на овој свет. Ако со Христова милост неговиот народ стане нов мев, тогаш Тој ќе го исполни со ново вино.

Христовото учење, иако претставено со ново вино, не било нова наука, туку откровение на она што се учело од почеток. Меѓутоа, за фарисеите Божјата вистина го загубила своето првобитно значење и убавина. Христовото учење за нив било ново речиси во секој поглед, а било и непрепознато и непотврдено.

Исус ја истакнал моќта на лажното учење да го разори почитувањето и копнежот за вистината. „Никој“, рекол Тој, „откако ќе пие старо вино, не сака ново, зашто вели: ‘Старото е подобро.’” Целокупната вистина што му била дадена на светот преку патријарсите и пророците засветила со нова убавина во Христовите зборови. Меѓутоа, закониците и фарисеите немале никаква желба за новото драгоцено вино. Додека не се испразнат од старите преданија, обичаи и навики, во нивниот ум и срце нема место за Христовото учење. Цврсто се држеле за мртвите форми, а ја напуштиле животодавната вистина и Божјата сила.

Тоа се покажало како пропаст за Евреите и истото ќе се покаже како пропаст за многу души во нашето време. Илјадници ја прават истата грешка што ја направиле фарисеите укорени од Христа на гозбата кај Матеја. Мнозина ја одбиваат вистината што излегува од Отецот на светлината, и тоа со поголемо задоволство отколку да отфрлат некоја сакана замисла или да се откажат од некој идол во своето сфаќање. Се потпираат врз себе, врз својата мудрост, не сфаќајќи го своето духовно сиромаштво. Тие упорно настојуваат да бидат спасени на некој начин со кој би можеле да остварат некое значајно дело. Кога ќе увидат дека не постои никаков начин да се вткаат себеси во тоа дело, го отфрлаат понуденото спасение. Законската религија никогаш не може да ги доведе душите кај Христа, зашто тоа е вера без љубов, без Христа. Постот или молитвата, поттикнати од дух на самооправдување, се гад во Божјите очи. Свечениот богослужбен собир, целата низа верски обреди, надворешната понизност и изнудената жртва, покажуваат дека оној што прави така себеси се смета за праведен, за предодреден за небото, но сето тоа е измама. Нашите сопствени дела никогаш не можат да ни обезбедат спасение.

Како што било во Христово време, така е и денеска; фарисеите не биле свесни за своето духовно сиромаштво. Ним им е упатена веста: „Ти тврдиш: ‘Богат сум, се збогатив и ништо не ми треба’, а не знаеш дека си несреќен, беден, сиромав, слеп и гол. Те советувам да купиш од мене злато пречистено во оган, за да се збогатиш; бела облека за да се облечеш за да не се открие срамот на твојата голотија“ (Откровение 3,17.18). Верата и љубовта се злато пречистено во оган. Меѓутоа, кај мнозина ова злато потемнело и богатата ризница е загубена. Христовата праведност за нив е неносена облека, негибнат извор. Ним им се вели: „Имам нешто против тебе, зашто ја остави својата прва љубов. Спомни си од каде падна, покај се и врши ги делата што ги вршеше на почетокот; инаку, ако не се покаеш, ќе дојдам кај тебе и ќе го отстранам твојот свеќник од неговото место“ (Откровение 2,4.5). „Жртва за Бога е покајничкиот дух; скршено и понизно срце, Боже, не презираш“ (Псалм 51,17). Човекот мора потполно да се ослободи од самиот себе за да може да биде Исусов верник. Кога ќе се откаже од самиот себе, тогаш Господ од човекот може да направи ново создание. Нови мевови можат да држат ново вино. Христовата љубов ќе го вдахне верникот со нов живот. Кај оној што гледа во Исуса, Авторот и Довршителот на нашата вера, ќе се покаже Христовиот карактер. (продолжува)

Pin It on Pinterest