(продолжува од претхпдниот ден) Кога Христос ги изговорил овие зборови, од облакот што се наоѓал над неговата глава се чул одговор: „Го прославив и пак ќе го прославам.“ Целиот Христов живот, од јаслите до мигот кога се изговорени овие зборови, го прославувал Бога, а и во искушението што ќе настапи, неговите божествено човечки страдања навистина ќе го прослават името на неговиот Отец.

Кога се слушнал гласот, низ облакот се пробила светлина и го опкружила Христа, и него како да го опфатиле раце на бесконечна сила, слична на пламенен ѕид. Луѓето ја набљудувале оваа сцена со страв и со чудење. Никој не се осмелувал да проговори. Со неми усни и со задржан здив сите стоеле со очи насочени кон Исуса. Откако Отецот го дал ова сведоштво, облакот се подигнал и се растурил под небото. Тогаш видливата врска меѓу Отецот и Синот се прекинала.

„А народот кој стоеше и го чу, рече: ‘Згрми!’ а други рекоа: ‘Ангел му проговори!’“ Меѓутоа, Грците што се распрашувале го виделе облакот, го чуле гласот, го сфатиле неговото значење и навистина го препознале Христа; Тој им се открил како Пратеник од Бога.

Божји глас се слушнал при Исусовото крштавање на почетокот на неговата служба и повторно при неговото преобразување на Гората. Сега се чул по третпат на крајот на неговата служба во присуство на голем број луѓе и во посебни околности. Исус штотуку ја кажал најсериозната вистина за состојбата на Евреите. Го упатил својот последен повик и ја објавил неговата судбина. Сега Бог повторно ставил свој печат врз мисијата на својот Син. Го признал Оној што Израел го отфрлил. „Овој глас не дојде заради мене“, рекол Исус, „туку заради вас.“ Тоа бил врвен доказ за неговото месијанство, знак од Отецот дека Исус ја зборувал вистината и дека бил Божји Син.

„Сега е судот на овој свет“, продолжил Христос, „сега кнезот на овој свет ќе биде исфрлен надвор. А јас, кога ќе би дам подигнат од земјата, сите луѓе ќе ги привлечам кон себе. Ова го рече за да покаже со каква смрт ќе умре.“ Ова е криза на светот. Ако станам жртва за гревот на луѓето, светот ќе се просветли. Власта на сатаната над човечките души ќе биде скршена. Избришаниот Божји лик во човечкиот род ќе се обнови и семејството на светите и верни Божји деца на крај ќе го наследи небесниот дом. Тоа ќе биде плод на Христовата смрт. Спасителот во дух ја набљудувал сцената на победата што се појавила пред него. Го видел крстот, суровиот срамен крст, со сите придружни стравотии, како блескоти во слава.

Меѓутоа, делото на спасението на луѓето не е сè што е остварено со крстот. Божјата љубов ѝ се открила на вселената. Кнезот на овој свет е истеран. Обвинувањата што ги изнесувал сатаната против Бога се побиени. Прекорите што му се упатени на Небото засекогаш се отфрлени. Ангелите, како и луѓето, се привлечени кон Откупителот. „А јас, кога ќе бидам подигнат од земјата“, рекол Тој, „сите луѓе ќе ги привлечам кон себе.“

Додека ги изговарал овие зборови, околу Христа се наоѓале многу луѓе, и еден рекол: „Од Писмото имаме слушнато дека Христос треба да остане вечно. Тогаш, како велиш Ти: ‘Синот човечки треба да биде воздигнат?’ Кој е тој Син човечки? Исус им рече: ‘Уште малку време Светлината е меѓу вас. Одете додека ја имате Светлината, за да не ве зафати темнината. Кој оди во темнина, не знае каде оди. Додека ја имате Светлината, верувајте во Светлината, за да бидете синови на Светлината.’“

„Иако направи толку чудотворни знаци пред нив, не веруваа во него.“ Еднаш го прашале Спасителот: „Каков знак ќе направиш за да видиме и да ти поверуваме?“ (Јован 6,30). Им биле дадени безбројни знаци, но тие ги затвориле очите и ги стврднале срцата. Сега, кога проговорил директно Отецот и кога не можеле повеќе да бараат некој друг знак, пак не сакале да веруваат.

„Сепак, мнозина и од старешините веруваа во него, но поради фарисеите не го признаваа тоа јавно за да не бидат исклучени од синагогата.“ Попријатни им биле човечките фалби отколку Божјето одобрување. За да се спасат од прекорите и од срамот, се откажале од Христа и ја отфрлиле понудата за вечен живот. А колку има такви кои низ сите векови постапувале на ист начин! За сите нив важи опомената на Спасителот: „Кој го љуби својот живот, ќе го загуби.“ „Кој ме отфрла мене“, рекол Исус, „и не ги прима моите зборови, има свој судија: речта, што ви ја навестував, ќе му суди во последниот ден“ (Јован 12,48).

Тешко на оние што не го знаат своето време! Полека и со жалосно срце Христос засекогаш го напуштил предворјето на храмот.

Pin It on Pinterest