(продолжува од претходниот ден) „Клучевите од небесното царство“ се Христовите зборови. Сите зборови на Светото писмо се негови и опфатени се со ова. Овие зборови имаат сила да го отворат и да го затворат небото. Тие ги објавуваат условите под кои луѓето се примаат или отфрлаат. Така делото на оние што ја проповедаат Божјата реч е животен мирис за живот или смртен мирис за смрт. Нивната мисија се мери според вечниот резултат.

Спасителот не му го доверил делото на евангелието само лично на Петар. Подоцна, повторувајќи ги зборовите што му се изговорени на Петар, ги применува непосредно на Црквата. Всушност, истото тоа им било изговорено и на дванаесеттемина како претставници на телото на верниците. Кога Христос би му дал некој посебен авторитет на еден од учениците над другите, тогаш не би ги наоѓале толку често како се препираат околу тоа кој е најголем. Тие би ја прифатиле желбата на својот Учител и би го почитувале оној што го избрал Тој.

Наместо да именува еден што ќе биде нивни водач, Христос им рекол на учениците: „Не дозволувајте да ве викаат учителе.“ „Исто така не дозволувајте да ве викаат водачи, зашто еден е вашиот Водач, Христос“ (Матеј 23,8.10).

„Христос е глава на секој маж.“ Бог, кој положил сè под нозете на Спасителот, „него го даде за глава над сите во Црквата, која е негово тело полнота на Оној кој исполнува сè во сите“ (1. Коринќаните 11,3; Ефесците 1,22.23). Црквата е изградена врз Христа како свој темел и таа го слуша Христа како своја глава. Таа не смее да зависи од човек или со неа да владее човек. Мнозина тврдат дека доверливата положба во црквата им дава власт да наредуваат што треба другите луѓе да веруваат и да прават. Бог не го одобрува таквото право. Спасителот изјавува: „Вие сте браќа.“ Сите се изложени на искушение и подложни на грешки. Не можеме да се потпреме ниту на едно смртно суштество да нè води. Карпа на верата е живото присуство на Христа среде Црквата. Врз неа може да се потпре и најслабиот, а оние што себеси се сметаат за најсилни, ќе се покажат најслаби ако не го сторат Христа своја сила. „Проклет да е човек што се потпира врз човек, и слабото тело го смета за своја сила.“ Господ е карпа и „делото му е совршено“. „Блазе на сите што се надеваат во него“ (Еремија 17,5; 5. Мојсеева 32,4; Псалм 2,12).

Откако Петар го дал тоа признание, Исус им наложил на учениците никому да не му кажуваат оти Тој е Христос. Овој налог Тој им го дал поради решителниот отпор на закониците и фарисеите. А и повеќе од тоа, народот ­ па дури и апостолите ­ имале толку погрешна претстава за Месија, што дури и кога јавно би го прогласиле, тоа не би создало вистински поим за неговиот карактер и дела. Меѓутоа, од ден на ден Тој им се откривал како Спасител, сакајќи со тоа да им даде вистински поим за себе како Месија.

Учениците сè уште очекувале Христос да владее како земен владетел. Иако толку долго ги криел своите намери, верувале дека Тој нема секогаш да остане во сиромаштво и во повлеченост, дека е близу времето кога ќе го основе своето царство. Дека омразата на свештениците и рабините нема никогаш да биде победена, дека Христос ќе биде отфрлен од својот народ, дека ќе биде осуден како измамник и распнат како злосторник ­ таква мисла апостолите никогаш не одгледувале. Меѓутоа, се приближувал часот на силите на темнината, па Исус морал на своите ученици да им го открие судирот што е пред нив. Бил жалосен зашто однапред го видел искушението. До овој миг се воздржал да им објасни што и да е за своето страдање и смрт. Во својот разговор со Никодима рекол: „Како Мојсеј што подигна змија во пустината, така мора да се подигне Синот човечки, за секој што верува во него да има живот вечен“ (Јован 3,14.15). Меѓутоа, учениците тоа не го чуле, а и да го чуле, не би го разбрале. Но сега биле со Исуса, слушајќи ги неговите зборови и гледајќи ги неговите дела па, без оглед на скромноста на неговите околности и противењето на свештениците и на народот, ќе можат да му се придружат на сведоштвото на Петар: „Ти си Христос, Син на живиот Бог!“ Сега дошло времето да се симне превезот што ја криел иднината. „Од тогаш Исус почна да им кажува на учениците дека мора да замине во Ерусалим и многу да пострада од старешините, од првосвештениците и закониците, да биде убиен и третиот ден да воскресне.“ (продолжува)

Pin It on Pinterest