(продолжува од претходниот ден) Делото на реформација Исус го почнал со своето присно сочувство со човечкиот род. Покажувајќи најголема почит кон Божјиот закон, ја укорувал лицемерната побожност на фарисеите и се обидел да го ослободи народот од бесмислените правила што ги врзувале. Сакал да ги урне оградите што ги разделувале општествените слоеви за да може да ги собере луѓето како деца на едно семејство. Неговото присуство на свадбената свеченост било осмислен чекор кон остварување на таа цел.

Бог го упатил Јована Крстителот да живее во пустина за да се заштити од влијанието на свештениците и рабините и да се подготви за посебна задача. Меѓутоа, аскетизмот и осаменоста на неговиот живот не биле пример за луѓето. Сам Јован не ги насочувал своите слушатели да ги напуштат своите некогашни должности. Тој им наложил со својата верност кон Бога да дадат доказ за своето покајание на местото на кое ги повикал Бог.

Исус го карал попуштањето на себеси во сите негови облици, но по природа бил друштвен. Тој го прифаќал гостопримството на сите општествени слоеви, посетувајќи домови и на богати и на сиромаси, и на образовани и на необразовани, трудејќи се да ги издигне нивните мисли од секојдневното кон она што е духовно и вечно. Тој не го одобрувал распуштениот живот и врз неговото однесување не паѓала никаква сенка на световна лекоумност; сепак, Тој наоѓал задоволство во сцените на простодушната радост и со своето присуство ги одобрувал општествените собири. Еврејската свадба била впечатлив настан и нејзината радост не предизвикувала незадоволство кај Синот човечки. Присуствувајќи на свеченоста, Исус му укажал почит на бракот како божествена установа.

И во Стариот и во Новиот завет брачната врска ја претставува онаа нежна и света заедница што постои меѓу Христа и неговиот народ. Христовото сфаќање за радоста на свадбените свечености укажува на радоста на оној ден кога Тој ќе ја доведе својата Невеста во домот на Отецот и кога откупените со Откупителот ќе седнат на вечерата на свадбата на Јагнето. Тој вели: „Како што ѝ се радува младоженецот на невестата, твојот Бог ќе ти се радува тебе.“ „Нема веќе да те викаат оставена… туку ќе те викаат милина моја… зашто ќе му бидеш мил на Господа.“ „Тој ќе се радува со тебе и ќе се весели, ќе ти ја обнови својата љубов, радосно ќе пее над тебе“ (Исаија62,5.4; Софонија 3,17). Кога Јован примил видение за небесните настани, напишал: „При тоа чув како глас на силно мноштво, како бучава на силни води, како татнеж на силни громови, кој велеше: ‘Алелуја, зашто се зацари нашиот Господ Бог, Седржител. Да се радуваме, да се веселиме и да му оддадеме слава, зашто дојде свадбата на Јагнето и неговата невеста се подготви.’“ „Блазе на оние кои се повикани на свадбата на Јагнето“ (Откровение 19,6.7.9).

Кај секој човек Исус видел суштество на кое мора да му се упати повик за неговото царство. Допирал до човечките срца движејќи се меѓу нив како Оној кој им посакува добро. Тој ги барал на градските улици, во домовите, во чамците, во синагогата, на бреговите на езерото и на свадбената свеченост. Ги сретнувал на нивните секојдневни должности, покажувајќи интерес за нивните световни дејности. Во домовите давал упатства, доведувајќи ги семејствата во нивните сопствени домови под влијание на своето божествено присуство. Неговото силно лично сочувство му помагало да ги задобие срцата. Често се повлекувал во планините да се моли во самотија, а тоа била подготовка за неговата работа меѓу луѓето во активниот живот. Потоа се враќал да им помогне на болните, да ги поучува неуките и да ги раскине оковите на заробениците на сатаната. (продолжува)

Pin It on Pinterest