(продолжува од претходниот ден) „Тогаш ќе ве предадат на маки и ќе ве убиваат, и сите народи ќе ве замразат заради моето име. Тогаш мнозина ќе се соблазнат, секој ќе предава секого и секој ќе ги мрази другите.“ Христијаните го претрпеле сето тоа. Татковците и мајките ги предавале своите деца. Децата ги предавале своите родители. Пријателите му предавале свои пријатели на Синедрионот. Прогонувачите ја остварувале својата намера со убиството на Стефана, на Јакова и на другите христијани.

Преку своите слуги Бог му дал на еврејскиот народ последна можност за покајание. Се откривал преку своите сведоци во нивното апсење, во нивното судење и во нивното темнување. Сепак, нивните судии им изрекувале смртни пресуди. Тоа биле луѓе за кои „светот не беше достоен“ и со тоа што ги убивале, Евреите одново го распнувале Божјиот Син. Така тоа ќе биде пак. Властите ќе донесуваат закони што ќе ја ограничуваат верската слобода. Ќе го присвојат правото што му припаѓа само на Бога. Ќе сметаат дека ќе можат да вршат притисок врз совеста, над која само Бог има право. Тие почнуваат уште сега; ова дело ќе продолжат да го спроведуваат сè додека не стигнат до границите преку кои не можат да преминат. Бог ќе посредува за својот верен народ кој ги држи заповедите.

Во секоја прилика, кога ќе настапи прогонство, оние што се очевидци донесуваат одлуки или за Христа или против него. Оние што ќе покажат сочувство кон неправедно осудените, ќе ја покажат својата приврзаност кон Христа. Други се погодени затоа што начелата на вистината непосредно се косат со нивните постапки. Мнозина се сопнуваат и паѓаат, откажувајќи се од верата што некогаш ја застапувале. Оние што ќе отпаднат во времето на искушението за да ја сочуваат својата сигурност, лажно ќе сведочат и ќе ги предаваат своите браќа. Христос предупредил на ова за да не бидеме изненадени со несфатливата, сурова постапка на оние што ја отфрлаат светлината.

Христос на своите ученици им дал знак за уништувањето што ќе го снајде Ерусалим и ги поучил како да се спасат: „А кога ќе видите дека Ерусалим е опколен од војски, знајте оти е близу неговото запустување. Тогаш, оние што се во Јудеја нека бегаат во горите, оние што се во градот нека излезат надвор, а они што се во полето, нека не влегуваат во градот! Зашто тоа се дни на одмазда, за да се исполни сè што е запишано.“ Оваа опомена е дадена за да биде прифатена по четириесет години, при разурнувањето на Ерусалим. Христијаните ја послушале оваа опомена и при заземањето на градот не загинал ниеден христијанин.

„Молете се вашето бегство да не биде во зима или во саботен ден“, рекол Христос. Тој, кој ја создал саботата, не ја укинал приковувајќи ја на крст. Саботата не е укината ниту поништена со неговата смрт. Четириесет години по неговото распнување таа и понатаму требало да биде почитувана како света. Четириесет години учениците требало да се молат нивното бегање да не се случи во саботен ден.

Од разурнувањето на Ерусалим, Христос бргу преминал на еден поголем настан, на последната алка од синџирот на историјата на оваа земја, на доаѓањето на Божјиот Син во величество и слава. Меѓу овие два настана, пред Христовите очи јасно излегуваат долгите векови на темнина, вековите во кои неговата Црква ќе биде обележана со крв, со солзи и смртни маки. Неговите ученици сега не можеле да поднесат да набљудуваат такви сцени и Исус само накратко ги спомнал. „Зашто тогаш ќе има големо страдање, какво што не било од создавањето на светот досега, ниту пак ќе биде. И ако не се скратат тие дни, не ќе се спаси ниту еден. Но заради избраните, тие дни ќе бидат скратени.“ Во текот на повеќе од илјада години Христовите следбеници ќе бидат изложени на такво прогонство какво што на светот никогаш порано не му било познато. Милиони негови сведоци ќе бидат убиени. Кога не би се подала Божјата рака да го сочува својот народ, сите би изгинале. „Но заради избраните“, рекол, „тие дни ќе бидат скратени.“

Со зборови што не можат погрешно да се разберат, нашиот Господ сега зборува за своето второ доаѓање и предупредува на опасностите што ќе му претходат на неговото доаѓање на земјата. „Ако некој ви рече тогаш: ‘Еве, Христос е тука’ или ‘таму е’ ­ не верувајте, зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе прават големи знаци и чуда, за да ги заведат, ако е можно и избраните. Ете, ви кажав однапред. И така, ако ви речат: ‘Ене го во пустината!’, не излегувајте! ‘Ене го во една од внатрешните соби!’ не верувајте. Зашто, како молњата што излегува од исток и свети до запад, такво ќе биде и доаѓањето на Синот човечки.“ Еве еден од знаците што ќе му претходат на разурнувањето на Ерусалим, а го спомнал Христос: „Ќе излезат многу лажни пророци и ќе прелажат мнозина.“ Излегле лажни пророци кои го измамиле народот и мнозина одвеле во пустина. Гледачите и вражарите, тврдејќи дека поседуваат чудесна сила, го одвлекувале народот во самотија на планините. Меѓутоа, ова пророштво е изговорено и за последните денови. Ова е знак и на второто доаѓање. Дури и денеска лажните христоси и лажните пророци покажуваат знаци и чудеса за да ги заведат неговите ученици. Зар не го слушаме извикот: „Еве го во пустината!“ Зар не излегле во пустина илјадници, надевајќи се дека ќе го најдат Христа? Зар не се слуша и денеска извикот од илјадници собири на кои луѓето тврдат дека одржуваат врска со духовите на умрените: „Еве го во тајни соби?“ Тоа е токму тврдењето што го истакнува спиритизмот. Но што кажува Христос? „Не верувајте. Зашто, како молњата што излегува од исток и свети до запад, такво ќе биде и доаѓањето на Синот човечки.“ (продолжува)

Pin It on Pinterest