Ellet J. Waggoner
Објавено во „The Signs of the Times“, 25 март 1889.

„Праведникот преку верата ќе живее.” (Римјаните 1:17 ; Библија)

Оваа изјава го сумира она што апостолот има да го каже за евангелието. Евангелието е сила Божја за спасение, но само „на секој кој верува“ во него. Во него е откриена Божјата праведност. Божјата праведност е совршениот Божји закон, а законот пак е препис на Неговата праведна волја. Секоја неправедност е грев или престап на законот. Евангелието е Божји лек за гревот; затоа неговото дело мора да биде доведување на луѓето во хармонија со законот – да предизвика делувањето на праведниот закон да биде манифестиран во нивните животи. Но, тоа е во потполност дело на верата – Божјата праведност се открива „од верата во верата“ – вера на почетокот и вера до крајот – како што е напишано „Праведникот преку верата ќе живее.”

Ова е вистина низ сите векови, уште од човековиот пад во грев, а ќе биде вистина сè додека Божјите свети луѓе не би го имале Божјото име на своите чела и би Го виделе онаков каков што е. Апостолот оваа изјава ја превзел од пророкот Авакум (2:4). Ако пророците не ја откриле, првите христијани не би знаеле за нејзе, бидејќи го имале само Стариот завет. Да се каже дека повеќето луѓе во древните времиња имале несовршена идеја за вера во Христа, е исто како да се рече дека во тие времиња немало праведни луѓе. Но апостол Павле се враќа на почетокот и цитира примери на спасоносна вера. Тој вели: „Со вера Авел Му принесе на Бога подобра жртва, од Каиновата; преку неа тој доби сведоштво дека е праведен“ (Евреите 11:4). За Ное исто така вели дека со вера изградил ковчег (брод) за спасение на својот дом, „со тоа тој го осуди светот и стана наследник на праведноста, која е според вера“ (Евреите 11:7). Ние велиме дека нивната вера била вера во Христа, бидејќи тоа била вера за спасение, а освен Исусовото име „нема друго име под небото дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме” (Дела 4:12).

Постојат мнозина кои се обидуваат да живеат христијански живот со силата на верата која самите ја применувале кога ја сватиле сопствената потреба за опростување од гревовите во својот претходен живот. Тие знаат дека само Бог може да опростува гревови и дека тоа го прави преку Христа, но мислат дека кога еднаш започнале трка, тогаш мора да продолжат да трчаат со својата сопствена сила. Знаеме дека мнозина размислуваат така, прво затоа што чуле дека некои така рекле, а второ, затоа што постојат мноштво христијани по име кои не покажуваат делување на поголема сила од својата сопствена. Ако пак нешто и кажат за време на своите состаноци, освен повторување на истата фраза: „Сакам да бидам христијанин, за да можам да бидам спасен“, тие кажуваат само минати икуства, зборуваат за радоста која ја имале кога поверувале за прв пат. Тие не ја познаваат радоста на живеењето за Бога и одењето со Него преку вера, а ако некој за тоа говори, тој за нив зборува на неразбирлив јазик. Но апостолот јасно го изнесува овој предмет на верата, во следниов особено впечатлив пример:

5 Преку вера Енох беше пренесен за да не види смрт; и не се најде, бидејќи Бог го пренесе. Зашто пред пренесувањето тој доби сведоштво дека Му угодил на Бога. 6 А без вера не е можно да Му се угоди на Бога; бидејќи оние кои доаѓаат кај Бога, треба да веруваат дека Тој постои и дека ги наградува оние што Го бараат.
(Евреите 11:5-6 ; Библија)

Забележете го аргументот со кој се докажува дека Енох бил пренесен преку вера: Енох бил пренесен затоа што одел со Бог (Битие 5:24) и добил сведоштво дека му угодил на Бог; а без вера е невозможно да му се угоди на Бог. Ова е доволно за да ја докаже поентата. Без вера не може да се направи ништо што би заслужило Божјо одобрување. Без вера и најдобрите дела кои човек може да ги прави нема да ја достигнат совршената Божја праведност која е единствено мерило. Каде и да се најде вистинска вера е добро; но ни најдобрата вера дека Бог го зема теретот на претходните гревови нема да му користи на човекот, ако не се покажува во сè поголема мера до крајот на неговиот живот.

Од мнозина сме чуле како установиле дека е тешко да го прават она што е исправно. Никако не можеле да бидат задоволни со својот хирстијански живот, затоа што постојано бил одбележен со неуспеси, па доаѓале во искушение да се обесхрабрат и да се откажат. Не е ни чудно што се обесхрабруваат. Постојан неуспех секого би го обесхрабрило. И најдобриот војник на светот ќе се обесхрабри ако во секоја битка бива поразен. Понекогаш таквите луѓе со жалост ќе кажат дека изгубиле доверба во себеси. Јадни луѓе. Кога само би изгубиле целосно поверение во себе и потполно би се потпреле на Бог кој е силен да спаси, тогаш би можеле да зборуваат друго искуство. Тогаш би се „радувале со Бог преку својот Господ Исус Христос“. Апостолот вели: „Радувајте се секогаш во Господа! Пак велам: радувајте се!“. Оној кој не се радува во Бога, иако е изложен на искушенија и неволји, не се бори во добрата борба на верата. Тој води јадна борба на самодоверба и порази.

Сите ветувања за конечна среќа наменети се за победникот. „На оној што победува“ вели Исус „ќе му дадам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Мојот Татко на Неговиот престол.“ (Отк. 3:21). „Кој победува, ќе наследи сè“ (Отк. 21:7) кажува Господ . Победник е оној кој извојува победи. Да се наследи сè не значи да се победи; тоа е само награда за победувањето. Победувањето е сега. Победите кои треба да ги извојуваме се победи над похотата на телото, похотливоста на очите и горделивоста на животот, победите над себе и себичната попустливост (себичното угодување). Оној кој се бори и гледа дека непријателот се повлекува, може да се радува; никој неможе да го спречи да се радува, бидејќи радоста доаѓа спонтано кога гледа дека непријателот се повлекува. Некои се ужасуваат од помислата дека мораат постојано да се борат со себеси и со световните желби. Тоа е затоа што сеуште не знаат што значи радост во победата. Тие доживувале само пораз. Но непрестаната борба не мора да биде тажно искуство, ако постојано се победува. Стар ветеран кој поминал стотици битки во кои бил победник во секоја од нив, копнее да се најде на бојното поле. Војниците на Александар Македонски, кои под негова команда не знаеле за пораз, секогаш нестрпливо чекале да ги поведе во борба. Секоја победа ја јакнела нивната сила, која се раѓала од чиста храброст и соодветно на тоа ја смалувала силата на непријателот. Како тогаш постојано да победуваме во нашата духовна борба?

Да ги послушаме верните ученици:

4 зашто сè што е родено од Бога, го победува светот; и ова е победата која го победи светот: нашата вера.
(1-во Јованово 5:4 ; Библија)

Да ги прочитаме и зборовите на апостол Павле:

20 Со Христа сум распнат на крстот; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене: а животот што сега го живеам во телото, го живеам преку верата во Божјиот Син, Кој ме возљуби и Се предаде Себеси за мене.
(Галатјаните 2:20 ; Библија)

Во тоа е тајната на силата. Тоа е Христос, Синот Божји, кому му е предадена сета власт на небото и на земјата, кој го извршува делото. Ако Тој живее во срцето и го извршува делото преку нас, зарем е фалење ако кажеме дека можеме да извојуваме постојани победи? Да, фалење е, но тоа фалење е во Господа, и тоа е допуштено. Псалмистот вели: „Мојата душа ќе се фали со Господа“, а Павле вели: „а мене, да не ми даде Господ да се фалам со ништо друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого за мене светот е распнат, а и јас за светот.“ (Галатјаните 6:14 ; Библија).

Се сметало дека војниците на Александар Македонски се непобедливи. Зошто? Дали затоа што по природа биле посилни и похрабри од своите непријатели? Не, туку затоа што ги водел Александар. Нивната сила била во неговото водство. Истите тие под некој друг водач често би доживувале пораз. Кога војската на Унијата во паника бегала – нападната од непријателот кај Винчестер, Шеридановата присутност направила пресвртница на поразот во победа. Без него луѓето биле толпа која се тресе од страв. Со него на чело биле непобедлива војска. Ако после вакви битки би сте имале можност да слушате забелешки на војниците кои служеле под вакви или слични водачи, би чуле како во сите нивни радости мешаат пофалби за нивните генерали. Биле силни затоа што тој бил силен; биле инспирирани со истиот дух со кој тој бил инспириран.

Но, наш војсководач е Господ над војските. Тој самиот се соочил со најголемиот непријател и го победил. Оние кои Го следат Него, неминовно ќе одат напред победувајќи и да победат. О, кога оние кои тврдат дека се негови следбеници би се потпреле на Него, и подоцна, преку постојаните победи кои би ги постигнувале, би воздигнувале благодарност на Него кој ги повикал од темнината во својата чудесна светлина.

Јован вели дека оној кој е роден од Бога, преку вера го победува светот. Верата се фаќа за Божјите раце и Неговата голема сила делува. Како Божјата сила може да делува во човекот остварувајќи го она што самиот никако не би можел, никој не знае да каже. Тоа би било исто како да се каже како Бог може да даде живот на мртвиот. Исус вели: Ветрот дува каде што сака и неговиот звук го слушаш, но не знаеш од каде иде и на каде оди; така е со секој човек роден од Духот.” (Јован 3:8 ; Библија). Само Духот знае како делува во човекот за да ги совлада своите страсти, и да го направи победник над горделивоста, зависта и себичноста. Нам ни е доволно да знаеме дека тоа е направено и дека ќе биде направено за секој кој повеќе од сè друго сака тоа да се оствари во него и кој се потпира во Бога дека Тој ќе го направи тоа.

Не можеме да кажеме како Петар бил оспособен да оди по вода, додека околу него се подигале бранови, но знаеме дека на Господова заповест го можел тоа. Сè додека својот поглед го насочувал на Учителот, божествена сила го оспособувала да оди така лесно како под неговите нозе да се наоѓа цврста карпа; но кога погледнал на брановите, можеби со чувство на гордост заради тоа што го прави, како да го правел тоа самиот од себе, го обземало страв и почнал да тоне. Верата го оспособила да оди по брановите, а стравот го довел до тоа да потоне под нив.

Апостолот вели: „Преку вера паднаа ѕидовите на Ерихон, откако беа обиколувани цели седум дена.“ (Евреите 11:30). Зошто е ова напишано? „А сè што беше порано напишано, за наша поука беше напишано, та преку трпението и преку утехата од Писмата да имаме надеж.“ (Римјаните 15:4 ; Библија). Постои ли можност некогаш да бидеме повикани да се бориме против наоружани војски и да освоиме утврдени градови? Не, „Зашто нашата борба не е против крвта и телото, туку против началствата, против властите, против светските владетели на темнината на овој век: против духовните сили на злото во небесните места.“ (Ефесјаните 6:12 ; Библија). Но, победите кои преку вера во Бога биле извојувани над видливите непријатели во тело, се запишани за да ни покажат што ќе оствари верата во нашиот судир со владетелите на овој мрачен свет. Божјата милост, во одговор на нашата вера, еднакво е силна во овие битки како и во оние првите, затоа што апостолот вели:

3 Зашто, иако живееме во телото, не војуваме со телото, 4 зашто оружјето на нашето војување не е телесно, туку е силно во Бога за разурнување на тврдини, 5 па ги рушиме мудрувањата; и секое превознесување што се крева против познавањето на Бога; и ја поробуваме секоја мисла за послушност на Христа;
(2 Коринтјаните 10:3-5 ; Библија)

Не само што верата ги оспособувала познатите луѓе од минатото да ги победуваат телесните непријатели; за нив читаме дека не само што „победиле царства“, туку „извршија правда, добија ветувања“ и што е најдобро и што најмногу охрабрува, тие „од немоќни станаа силни“ (Евреите 11:33,34). Нивната слабост преку вера постанала сила во нив, бидејќи Христовата сила се покажува совршена во слабоста. Кој тогаш ќе ги обвини Божјите избранци, кога Бог е тој кој ги оправдува; а ние сме негово дело, создадени во Христос Исус за добри дела. „Кој ќе нè одвои од Христовата љубов? Неволјата ли, или притеснувањето, или гонењето, или гладот, или голотата, или гибелта или мечот?“  „Но во сето тоа стануваме повеќе од победници преку Оној Кој нè возљуби.“ (Рим. 8:35, 37).

Pin It on Pinterest