МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(10 – 16 мај: Основни услови за духовно здравје)

„Не знаете ли дека сте Божји храм и дека Божјиот Дух живее во вас?“ (1 Коринтјаните 3:16; Библија)

Бог ви го дал телото како пребивалиште за Својот Дух, за да го одржите во најдобра кондиција за служба Нему и на слава на Неговото име. Вашето тело не е ваша своина. „Не знаете ли дека сте Божји храм и дека Божјиот Дух живее во вас?“

Здравјето е благослов што малкумина знаат да го ценат. Животот е света доверба, и само Бог може да нè оспособи да го одржиме и да го употребиме на Негова слава. Тој, Којшто ја создал чудесната структура на телото, ќе посвети посебно внимание истото да го одржи во најдобар ред доколку луѓето не дејствуваат спротивно на Неговите намери. Тој ќе ни помогне секој талент што ни го понудил да го умножиме и употребиме во склад со Неговата волја.

Време е младите да ги отфрлаат нечистите навики што ги стекнале од порано, да создаваат добри навики, да стекнуваат способност на самосовладување, секогаш да имаат одреден план, навикнувајќи се сè да им биде уредно и секоја постапка во својот живот да ја доведуваат во склад со Божјата волја.

Светиот храм на телото мора постојано да се одржува чист и неопоганет, за Светиот Божји Дух да може навистина да пребива во него. Мораме верно да го чуваме тој Божји имот, затоа што со секоја злоупотреба на своите сили го скратуваме времето на животот што сме можеле да го употребиме на слава на Бога. Треба да имаме на ум дека сме должни сè да Му посветиме на Бога, духот, душата и телото. Сето тоа е Негова откупена своина и мора да биде употребена мудро, за да го зачуваме животот како драгоцен талент којшто ни е доверен. Со правилната употреба и потполното искористување на своите сили во најкорисни активности, одржувајќи го секој свој орган здрав, така што сите сили на умот и телото функционираат складно, ние всушност вршиме најдрагоцена служба за Бога.

Кога со намера за одржување на своето здравје направиме сè од своја страна, тогаш можеме да очекуваме благословени резултати и да бараме во молитва Бог да ги благослови нашите напори вложени во тој правец.

Pin It on Pinterest