МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(8 – 14 ноември: Победа во судир со злото)
„Немојте да се прилагодувате со овој свет; туку, преобразувајте се преку обновувањето на вашиот ум, за да можете да ја дознаете која е добрата, угодна, и совршена Божја волја!“ (Римјаните 12:2; Библија)
Не постои ништо што толку би ве оддалечило од Бога како што тоа е бунтовничката волја.
Волјата има владеачка моќ во човечката природа. Ако волјата е насочена на она што е исправно, целото суштество ќе ѝ се потчини на нејзината власт. Волјата не е вкус или склоност, туку можност на избор. Таа е одлучувачка и владеачка сила, којашто делува во човечките синови наведувајќи ги на послушност или пак на непослушност кон Бога.
Сѐ додека не ја сфатите вистинската сила на волјата ќе се наоѓате во постојана опасност. Вие можете да верувате и да ветувате сѐ, но вашите ветувања и вашата вера нема да имаат никаква вредност сѐ додека вашата волја не биде на вистинската страна. Ако во добрата борба на верата се борите со сета сила на својата волја, сигурно ќе победите.
Ваше е само со својата волја да бидете потполно на Христова страна. Кога својата волја ќе му ја потчинете на Неговата, Тој со самото тоа станува Господар на вашето битие и делува во вас да сакате и да постапувате според Неговата волја. Вашата природа доаѓа под контрола на Неговиот Дух; дури и мислите се потчинуваат под Негово влијание. Ако не сте во состојба да владеете со сопствените побуди и чувства, можете да владеете со својата волја; а со тоа можете да внесете потполна промена во својот живот. Кога својата волја ќе Му ја потчините на Христа, вашиот живот ќе биде скриен со Христа во Бога. Тоа е стапување во сојуз со силата што е над секоја власт. Тогаш ќе имате потпора во Бога за цврсто да се фатите за Неговата сила, и можност да живеете нов живот, живот на вера.
Во настојувањата да се воздигнете и облагородите ќе успеете само ако и со својата волја бидете потполно на Христовата страна, соработувајќи со Светиот Божји Дух. Никогаш нема да чувствувате дека нешто не можете, туку секогаш ќе кажете: „Јас можам, јас сакам.“ А Бог со Својот Свети Дух гарантира помош со секој напор кој одлучно ќе се превземе.