МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(9 – 15 август: Одете по Христовиот пат)
„А кој пие од водата што Јас ќе му ја дадам нема да ожедни довека, туку водата што ќе му ја дадам, ќе стане во него извор на вода, извирајќи во вечен живот.“ (Јован 4:14; Библија)
Во Својот разговор со Самарјанката, Христос наместо да го потцени Јакововиот извор ја упатил на нешто подобро од она што таа го имала, живата вода, радоста и надежта на Евангелието.
Колку интерес и внимание ѝ упатил Христос на оваа жена! Колку искрени и полни со важност биле Неговите зборови! Откако ги слушнала Неговите зборови, жената ги заборавила своите садови со вода и отрчала во градот, кажувајќи им на сите со кого се сретнала: „Дојдете да Го видите Човекот, Кој ми кажа сè што сум направила! Да не е Тој Христос?“ (Јован 4:29; Библија)
Во Евангелието читаме дека мнозина од Самарјаните од тој град поверувале во Христа. И кој може да го процени влијанието што овие зборови го извршиле за спасување на души во вековите што поминале сѐ оттогаш.
Христос доаѓал во личен допир со луѓето. Тој не се држел далеку од оние на кои што им била потребна Неговата помош. Тој влегувал во куќите на луѓето, ги тешел ожалостените, ги исцелувал болните, ги подигал беспомошните, и поминувал правејќи добро.
И ние, за да одиме по Христовиот пат, мораме да го правиме она што Тој Самиот го правел. Мораме да им помагаме на луѓето како што и Тој Самиот им помагал.
Господ сака пораката за Неговата милост да ѝ се однесе на секоја душа. А тоа во повеќето случаи е можно да се постигне само со лични напори. Тоа била и Христовата метода на работа. Неговата работа воглавно се состоела од лични средби и разговори со луѓето. Тој верно се залагал и тогаш кога пред Себе имал само една душа. И многу често се случувало токму преку таа една душа пораката да допре до илјадници други души.
Евангелието никогаш не би допрело до многу луѓе доколку лично не би им било однесено.