МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(6 – 12 декември: Исполнување на ветувањата за вечниот живот)

„И Бог ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ни тага, ни плач, ниту болка, зашто првото помина.“ (Откровение 21:4; Библија)     

Ние го имаме животот на воскреснатиот Спасител. Тој, после три дена поминати во гробот, ги раскинал оковите на смртта и над отворената Јосифова гробница, и триумфално изјавил: „Јас Сум Воскресението и Животот.“ (Јован 11:25; Библија) Тој доаѓа наскоро. Дали сме подготвени да Го дочекаме? Дали сме подготвени, доколку мораме и да заспиеме, подготвени да заспиеме во надеж во Христа Исуса?     

Дародавецот на животот наскоро доаѓа да ги раскине оковите на смртта, и заробените да ги изведе од затворот кој што се вика гроб. Последните нивни мисли во овој живот биле мисли за гробот и смртта, но сега тие извикуваат триумфално: „О, смрт, каде ти е осилката? О, смрт, каде ти е победата?“ (1 Коринтјаните 15:55) Смртната мака била последното нешто што го почувствувале овде. Кога ќе се разбудат, нема да има веќе никаква болка. „О, смрт, каде ти е победата?“ Станувајќи од гробовите, тие добиваат бесмртност, и се издигнуваат во воздухот да се сретнат со Господа. Вратите на Божјиот град се отвораат, а искупените поминуваат меѓу небројни редови на херувими и серафими. Во знак на добредојде, Христос им упатува зборови на благослов и одобрување: „Добро, сакан и верен слуго! Влези во радоста на својот Господар!“ (Матеј 25:21; Библија) Каква радост! Тој го гледа трудот на своите души, и е задоволен.    

Ќе ги здогледаме и оние за кои што сме се молеле кога им било најтешко, и оние чијашто беспомошна душа на нивната смртна постела сме ја охрабриле да се потпре на Христа, и оние кои како несреќни пијаници сме ги упатиле кон Христа, како кон Оној Кој може и нив да ги спаси и да ги направи победници. На главата на секој од нив тогаш ќе ја видиме круната на славата.     

Таму никогаш повеќе нема да има разочарување, ниту болка, ниту грев, никој нема да каже „болен сум“. Таму нема да има погребни поворки, ниту плач, ниту смрт, ниту разделби, ниту скршени срца; таму е Христос и Неговиот мир. Радоста и задоволството во Неговото присуство нема никогаш да престанат.

Pin It on Pinterest