МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(12 – 18 aприл: Напредување во знаењето и мудроста)

„Сине мој, запази ги разумот и здравото расудување; и ќе биде живот на твојата душа и украс на твојот врат. Тогаш без страв ќе чекориш по својот пат и твојата нога не ќе се сопнува.“ (Пословици 3:21-23; Библија)

Ние треба како мали деца да седиме крај Христовите нозе, учејќи од Него како да работиме со успех. Вистинската мудрост треба да ја бараме од Бога за да можеме тоа богатство да им го пренесеме и на другите. Голема е потребата од знаење коешто е плод на личното искуство. Да не дозволуваме ниту еден ден да ни помине, а да не го збогатиме знаењето, и во овоземски, и во духовен поглед. Да не ги кршиме колчињата коишто не сме подготвени да ги замениме со други при искачувањето на висините коишто сакаме да ги освоиме.

Највисоко образование се стекнува со навикнување на умот да напредува од ден во ден. Да настојуваме секој ден да го завршиме со заклучок дека сме дошле поблизу до победничката награда. Нашето сознание и разбирање секој ден треба да биде позрело. Секој ден да остваруваме резултати кои ќе донесат богата награда, и во овој живот, и во оној што доаѓа. Гледајќи постојано на Исуса, наместо на она што самите сме го постигнале, ќе оствариме одличен напредок во стекнување, и на овоземското, и на духовното знаење.

Крајот на сѐ е многу близу. Не смееме да мислиме дека нашето дело со она што сме го направиле е завршено. Војводата на нашето спасение вели: „Напред! Иде ноќ кога никој не ќе може да работи.“ Нашата корисност со секој ден треба да биде сѐ поголема. Нашиот живот секогаш треба да биде под Христова контрола и сила. Нашите светилки секогаш треба да бидат запалени.

Бог секогаш имал свои луѓе на кои што им ги давал Своите божествени откровенија, на тој начин се остварувала Неговата намера, учењето за Неговата милост постепено да му се открива на човечкиот ум. Начинот на кој Тој им ја пренесува вистината е илустриран со зборовите на пророкот: „Како утринската зора е Неговото јавување.“ (Осија 6:3; Библија)

Оној којшто ќе се постави онаму каде што Бог може да го просветува, ќе напредува како што денот се раѓа од мугрите, па сѐ до потполната пладневна светлина.

Pin It on Pinterest