МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(15 – 21 февруари: Плодови на Светиот Дух)
„А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, трпението, љубезноста, добрината, верноста, кротоста, самоконтролата; нема закон против вакви нешта.“ (Галатјаните 5:22.23; Библија)
За сите коишто ќе поверуваат во Него, Христос е истото она што дрвото на животот било за жителите во рајот. Неговите гранки допираат и до овој свет, така што сите можеме да ги дофатиме благодатите што Тој со Својот живот ги откупил за нас. Тој ни го праќа Утешителот, Светиот Дух, Кој за нас претставува драгоцен плод од дрвото на животот. Од тоа дрво можеме слободно да ги береме и јадеме плодовите, а потоа и други да доведуваме за да можат и тие слободно да јадат.
Човекот којшто Го љуби Бога размислува за Неговиот Закон и дење и ноќе. Тој е подготвен и во време и во невреме. Тој донесува плод како прачката која животно е поврзана со лозата. Кога и да му се укаже можност, тој прави добро; и секогаш, во секое време и на секое место тој наоѓа можности да работи за Бог. Тој е како едно од оние дрвја во Господовата градина кои секогаш се зелени и својот пријатен мирис го носи со себе каде и да оди. Неговата душа секогаш ја опкружува здрава и позитивна духовна атмосфера. Привлечноста на неговиот добро среден живот и побожен разговор ги инспирира и сите останати околу него со вера, надеж и храброст. Тоа е практично христијанство.
Затоа, настојувајте секогаш да бидете едно такво зелено дрво. Носете украси на кроток и понизен дух, кои во Божјите очи имаат навистина голема вредност. Негувајте ги добродетите како што се: љубовта, радоста, мирот, долготрпението, добрината и благородноста. Тоа се плодови на христијанското дрво насадено покрај поток, дрво кое својот род го носи во секое време.
Ако Христовата љубов е во нашата душа, тогаш како природен резултат на тоа ќе ги поседуваме и сите останати добродети, како што се: радоста, мирот, долготрпението, добрината, милоста, верата, кротоста и самоконтролата.
Кога Христовата љубов пребива во срцето, Неговото присуство се чувствува во секоја постапка, и тоа не може да се сокрие.