МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(11 – 17 јануари: Молитвата во мојот живот)
„Тогаш ќе Ме повикувате, ќе доаѓате кај Мене, ќе Ми се молите, и Јас ќе ве слушам. Ќе ме барате и ќе Ме најдете, зашто ќе Ме барате со сето свое срце.“ (Еремија 29:12.13; Библија)
Постојат две врсти на молитви: формално вообличена молитва, и молитва на вера. Повторување на вообичаени фрази додека срцето не чувствува потреба за Бога – е формална молитва. Треба да бидеме многу внимателни и во своите молитви да ги изнесуваме вистинските потреби на срцето, изговарајќи го притоа само она што навистина би сакале да го кажеме. Накитените зборови кои често се слушаат во молитвата не одговараат на една света желба. Најубаво срочените молитви се само безполезно повторување доколку не ги изразуваат вистинските чувства на срцето. Меѓутоа, молитвата што доаѓа од длабочината на искреното срце кога едноставно потребата на душата се изразува како за нешто да му се обраќаме на личен пријател очекувајќи дека тој тоа и ќе ни го даде е молитва на верата. Цариникот што влегол во храмот да Му се моли на Бога претставува добар пример на искрен и побожен молител. Тој чувствувал дека е грешник, и неговата голема потреба го навела така да ја изрази својата желба: „Боже, биди милостив спрема мене грешникот!“ (Лука 18:13; Библија)
Кога сме Му ги упатиле на Бога своите молитви, ние и самите треба да одговориме на нив колку што тоа е во наша моќ, не очекувајќи Бог да го направи за нас и она што сами можеме да го направиме. Божјата помош е сигурна и подготвено чека на сите што ќе ја побараат. Кон божествената помош треба да се придружи и човечкиот напор, стремење и енергија. Ние не можеме да допреме до небесните тврдини без напорност. Не можеме да бидеме подигнати и носени од молитвите на другите кога сами ја занемаруваме молитвата; затоа што Бог не предвидел таква помош за нас. Лошите црти на нашиот карактер не можат да се оттргнат или да се заменат со чисти и благородни особини, без никаков напор од наша страна.
Во своите напори да го следиме примерот што ни го оставил Христос ние ќе правиме грешки. Па сепак да не престанеме да вложуваме напори. Повремените промашувања и неуспеси треба само да нѐ наведат уште повеќе да се потпираме на Христа.