МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(15 – 21 март: Да се вежбаме во самосовладувањето)

„Туку го совладувам своето тело и го правам свој роб, та јас кој им проповедав на другите, да не бидам самиот непожелен.“ (1 Коринтјаните 9:27; Библија)

Телото е единствениот посредник со чијашто помош и умот и душата се развиваат во усовршувањето на карактерот. Затоа непријателот на душите своите искушенија ги насочува токму така за да ги ослаби и да ги понизи физичките сили. Неговиот успех во ова всушност значи потчинување на целото суштество на силите на злото. Склоностите на нашата телесна природа, доколку не се под контрола на виша сила, сигурно допринесуваат за нашата пропаст и смрт.

Телото мора да им се потчине на возвишените сили на нашето суштество. Страстите мораат да бидат зауздани со силата на волјата којашто исто така треба да ѝ биде потчинета на божествената контрола.

Божјите барања мораат да се внесат во одаите на совеста. Во срцата на луѓето и жените треба да се разбуди свеста за христијанската должност на самосовладување, неопходноста од чистота, и избегнувањето на секоја порочка желба и нечиста навика. Треба највпечатливо да им се предочи фактот дека сите нивни умни и телесни сили се само Божји дарови, и дека како такви треба да се одржуваат во најдобра состојба и да се посветат во Негова служба.

Човековата одбрана против природните и наследените склоности е слична на обидот, налетот на поплавата да се запре со насип од песок. Сѐ додека Христовиот живот не стане животворна сила во нашиот живот, ние не сме во состојба да им се спротивставиме на искушенијата коишто нѐ напаѓаат и од надвор и од внатре. Кога ќе стане едно со Христа, човекот се ослободува. Да ѝ се предадете на Христовата волја, значи повторно воспоставување на човековото првобитно совршенство.

Послушноста на Бога значи ослободување од робувањето на гревот, ослободување од човечките страсти и зли навики. Човекот може да стане победник над самиот себеси, победник над сопствените склоности, победник во борбата „против началствата, против властите, против светските владетели на темнината на овој век и против духовните сили на злото во небесните места.“ (Ефесјаните 6:12; Библија)

Pin It on Pinterest