МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(15 – 21 март: Да се вежбаме во самосовладувањето)

„По тоа сите ќе познаат дека сте Мои ученици – ако имате љубов помеѓу себе!“ (Јован 13:35; Библија)

За да бидеме вистинска светлина во светот, мораме да покажуваме дух на сочувство, сомилост и љубов Христова. Да се љуби како што љубел Христос значи потполно, секогаш и во сѐ личноста да владее со самата себе. Тоа значи покажување на христијанска несебичност во секое време и на секое место. Тоа значи на секого со кого што ќе дојдеме во допир да му упатиме убав збор и пријатен поглед. Таквите зборови за оној којшто ги изговара не чинат ништо, но на оние коишто ги слушаат, делуваат како сладок мил мирис. Влијанието кое таквите зборови можат да го извршат на добро е непроценливо. Тие претставуваат вистински благослов не само за оние што ги слушаат, туку и за оние што ги изговараат, затоа што имаат повратно благотворно дејство. Вистинската љубов е особина со небесно потекло, чиј мирисен домен се зголемува во зависност од тоа како се споделува со другите.

Бог сака Неговите деца да имаат на ум дека Му оддаваат слава Нему тогаш кога својата љубов и внимание им ги укажуваат на оние на коишто тие им се најпотребни. Никој од оние со коишто доаѓаме во контакт не треба да биде запоставен. Кон своите ближни, без оглед на нивната положба или животен позив, не смееме да покажуваме дух на себичност и тоа не само во постапките, туку и во зборовите, па и во самиот поглед. Љубовта којашто своето внимание им го укажува само на некои, додека кон другите покажува незаинтересираност, не е љубов, туку себичност. Таа на никаков начин не допринесува за доброто и среќата на другите, ниту служи на слава на Божјото име. Својата љубов и внимание никогаш не треба да ги ограничуваме само на неколкумина.

Оние на коишто сонцето на Христовата правда им ја осветлило душата, а тие таа светлина не им ја пренесуваат на другите, наскоро ќе ја изгубат убавината на тие блескави зраци, затоа што себично ги задржуваат само за неколку свои миленици, не оставајќи ништо за оние на коишто помошта им е најпотребна. Нашата љубов не треба да биде резервирана само за одредени поединци. Да го скршиме шишенцето (како Марија во Симоновата куќа) нека милиот мирис се рашири по целата одаја.

Pin It on Pinterest