МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(12 – 18 aприл: Напредување во знаењето и мудроста)
„Смири се и разгледај ги чудесните Божји дела… ги знаеш ли чудесата на Оној, Којшто е совршен во секое знаење?“ (Јов 37:14-16; Библија)
Сето она што е составен дел на чудесниот свет на природата има за цел да ни понуди јасна претстава за Бога. За Адама и Ева во нивниот едемски дом, природата била полна со сознанија за Бога, преполна со божествени поуки. На нивното внимателно уво природата гласно му говорела за божествената мудрост. Таа мудрост му зборувала и на нивното око и била прифаќана од срце, затоа што тие практично разговарале со Бога, посматрајќи ги Неговите создадени дела. Во светот на природата, Бог во рацете на човечките синови го ставил клучот со кој можат да ги отклучат ризниците на Неговото слово. Овде невидливото се илустрира со видливото; божествената мудрост, вечната вистина и неизмерните богатства на милоста во природата можат да се сфатат преку проучувањето на видливите дела што Тој ги создал.
Како што жителите на Едем учеле од страниците на природата, како што Мојсеј го препознавал Божјиот ракопис на рамниците и планините во Арабија, а детето Исус на падините на Назаретските брегчиња, така и денешните деца можат да учат за Него. На сѐ што постои на земјата, од највисокото стебло во шумата до мовта која што се припила во карпата, од бескрајниот океан до најситните школки на брегот, може да се види Божјиот лик и Неговата порака.
Со проучувањето на тајните на природата умот може да зајакне. Овде секој може да најде предмет за проучување: во обичниот лист на шумското дрво, во тревата што ја покрива земјата со својот нежен зелен прекривач, во величествените горски дрвја, во гранитните карпи, во прекрасните драгоцености на светлина кои го опсипуваат небото разубавувајќи ја ноќта, во неисцрпното богатство на сончевиот залез, во свечената величественост на месечината, во студот на зимата, во летната горештина, во промената на годишните времиња, во совршениот ред и хармонија со кои владее силата на Бесконечниот, во сето тоа можат да се најдат предмети за најдлабоко размислување и за најсмело понирање на мечтата.