МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(18 – 24 јануари: Библијата во мојот живот)

„Повикај Ме, и ќе ти одговорам и ќе ти откријам големи и недостижни тајни за коишто не знаеш ништо.“ (Еремија 33:3; Библија)

Ниедно проучување не може толку да ја облагороди и да ја воздигне секоја мисла, секое чувство и секој копнеж како што тоа може да го направи проучувањето на Светото Писмо – Библијата. Ниедна друга книга не може да понуди такво задоволување на умот желен за сознанија, ниту на срцето коешто ја бара вистината. Со стекнувањето на знаење за Божјото слово и со слушањето на вистината, луѓето можат да се воздигнат од најголемите длабочини на незнаење и пониженост, да станат Божји синови и да се дружат со безгрешните ангели.

Како воспитна сила Библијата е пред сѐ друго. Ништо не може да даде таква сила на секоја умна способност како напорот да се сфатат чудесните вистини на откровението. Умот постепено се прилагодува на она на коешто постојано се задржува. Ако постојано е обземен само со неважните секојдневни случувања и грижи, умот отапува и слабее.

Со ширината и разноврсноста на својот стил и предмет, Библијата има по нешто со што може да го заинтересира секој ум и да апелира на секое срце.

Нејзините едноставно изразени вистини опфаќаат начела што се возвишени како небото и коишто ја опфаќаат вечноста. Нема ситуација во животот, ниту развојна фаза во човечкото искуство за којашто Библијата не содржи вредни поуки. Владетел и следбеник, господар и слуга, продавач и купувач, оној што дава на заем и оној што го прима заемот, родител и дете, учител и студент, сите во Светото Писмо можат да најдат поуки од непроценлива вредност.

Но, над сѐ друго, Божјото слово пред нас го изнесува планот на спасението, покажува како грешните луѓе можат да се измират со Бога, ги изложува големите начела на вистината и должностите според кои треба да се раководиме во животот, и ни ветува божествена помош во примената на тие начела. Таа досегнува и подалеку од овоземскиот минлив живот, подалеку од кратката и мачна историја на човечкиот род. Пред окото на верата таа го открива широкиот видик на бескрајните векови – векови непомрачени со грев, незамаглени со тага и болка.

Pin It on Pinterest