МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(14 – 20 јуни: Приодите до среќата секогаш достапни)

„Во мојата уста стави нова песна, фалба на нашиот Бог. Мнозина ќе видат и ќе се исплашат: и ќе се надеваат на Господа.“ (Псалм 40:3; Библија)

Бог сака да бидеме среќни. Тој сака во нашата уста да стави нова песна – фалба на нашиот Бог. Тој сака да веруваме дека навистина ни ги простува гревовите и ја отфрла сета наша нечистотија. Тој сака да Му пееме од сето срце.

Нека секој збор што ќе го изговориме и секој ред што ќе го напишеме одсјајуваат со храброст и непоколеблива вера. Немојте да мислите дека Христос е Спасител само на вашите браќа. Тој е и ваш личен Спасител. Ако се бавите со такви мисли, вие навистина ќе Му пеете на Бога во својата душа. Имаме вистинска предност, вистински да триумфираме во Бога. Драгоцена е предноста да ги наведеме и другите да видат дека нашата надеж е само во Бога, и дека само во Него бараме и наоѓаме прибежиште.

Секој чин на посветеност на Бога ни донесува нова радост, бидејќи ако ја цениме и прифаќаме светлината што ни ја дава, Тој ни праќа уште поголема светлина. Затоа да го отвориме своето срце за блескавите зраци на Сонцето на правдата. Потполното предавање и потчинетост на Бога, донесува совршен мир на душата.

Нека Божјиот мир, владее во вашата душа. Тогаш ќе имате сила да поднесете сѐ што ве тишти и мачи, и ќе се радувате што можете да издржите со помош на Божјата милост. Фалете Го Господа, зборувајте за Неговата добрина и разгласувајте ја Неговата моќ. Опкружете ја својата душа со пријатна атмосфера. Фалете Го и со срце и со душа на цел глас Оној, Којшто е здравје на вашето суштество, ваш Спасител и ваш Бог.

Секогаш од вашата уста нека се воздигнува песна на благодарност кон Бога. Кога ќе притиснат искушенијата, наместо да им даваме израз на своите чувства, да ги воздигнеме со вера своите мисли кон Бога и да Го величаме со благодарничка песна. Песната е оружје што можеме да го искористиме секогаш во борбата против малодушноста. Кога на тој начин ќе го отвориме своето срце пред блескавите зраци на присуството на Спасителот, ќе го примиме Неговиот благослов.

Pin It on Pinterest